Обвинителот Љубомир Лапе, кој го застапува предметот „Тортура“, вели дека денеска очекувал осудителна пресуда и оти е затечен од одлуката на судот, наместо пресуда, повторно да се отвори главната расправа. Еден од адвокатите на обвинетите, Љупчо Шврговски, пак, вели дека очекувал ослободителна пресуда, но според него и оваа одлука е законска и легитимна.
Судијката што го водеше предметот, Александра Ристеска, рече дека заедно со поротниците едногласно одлучиле повторно да се отвори главната расправа со образложение дека обвинението е конципирано на начин што дава еднаква правна квалификација за сите сообвинети и ги товари дека сите презеле исти дејствија, па за судот остана нејасно кој од обвинетите, кое дејствие и со колкав интензитет и обем го презема. Со тоа, ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков и шестмина припадници на поранешните полициски „алфи“, повторно ќе седнат во судница на главна расправа во случајот кој се однесува на начинот на апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 – еден ден по парламентарните избори.
По објавувањето на судската одлука, обвинителот Лапе во изјава за медиумите вели дека не знае што не му е јасно на судот, па ќе го почека писменото решение за да знае како да постапи понатаму. Тој нагласува дека ваква судска пракса за него е непозната и бил затечен.
„Јас се консултирав со колеги. Досега по новиот Закон за кривична постапка, барем јас лично ниту некој од колегите кои ги консултирав, не наведоа конкретна ваква судска пракса. Судот не нè задолжи ниту мене ниту одбраната со некои дејствија или нови докази кои треба да ги предложиме и очекувам дека веројатно во писменото решение ќе одлучи судот што е потребно да се преземе. Јас очекував искрено осудителна пресуда и малку сум затечен од оваа одлука“
„Треба да го прочитам решението и да видам што е тоа што останало нејасно за да можам да одговорам, за мене е јасно. Значи штом сум останал при тоа обвинение со таков диспозитив и таков опис, за мене е сосема јасно меѓутоа судската одлука претпоставувам ќе биде образложена за да можам да се произнесам“,
рече Лапе во неговата реакција пред медиумите.
Адвокатот Љупчо Шврговски, кој е дел од одбраната во „Тортура“, а е и поранешен републички обвинител, вели дека ова е законска и легитимна одлука и не претставува преседан.
„Се случувало да има ваков случај, многу често во зависност од тоа дали судот смета дека треба да се повторни главната расправа ако сите докази не му даваат за право да одлучи правилно и законито. Не е ова преседан“,
вели Шврговски.
Тој не знае дали одбраната воопшто ќе предложи нови докази бидејќи, како што вели, товарот на докажување вина е на обвинителството. Во зависност од тоа како ќе настапи понатаму обвинителството и одбраната ќе реши што ќе преземе.
„Јас не знам што ќе прецизира јавниот обвинител и дали од фактите кои дополнително ќе произлезат ќе произлезе и друга фактичка состојба. Врз основа на оваа фактичка состојба вака како што е поставено обвинението јас очекувам само ослободителна пресуда затоа што и самиот судски совет изрази сомнеж дека поради тоа што фактите не се утврдени на начин на кој недвосмислено би му дале за право да одлучи законито и правилно, а тоа е поради нејасност на дејствијата на извршување, јас очекував и денеска судскиот совет да донесе ослободителна пресуда“,
рече Шврговски.
Судијката Ристеска, кога ја соопшти одлуката за повторување на постапката поради дополнување и разјаснување на фактичките прашања, се повика на ставот 1 од членот 397 од Законот за кривична постапка (ЗКП). Овој став гласи:
„Ако судот во текот на советувањето не најде дека треба повторно да се отвори главна расправа заради дополнување на постапката или разјаснување на одделни прашања, ќе изрече пресуда“.
Следните рочишта судијката ги закажа за 8 и 14 јули. Мијалков и останатите обвинети во „Тортура“ се товарат за делото мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување.