Потпретседателот на СДСМ во вечерашната дебата на ТВ Телма зборуваше за предлогот на ДУИ за премиер Албанец, како и за изјавата на Зоран Заев дека е подготвен да отстапи пратеници кои би поддржале Влада на ВМРО-ДПМНЕ само да нема уценувања.
„Концептот ’Македонија – Едно општество за сите‘, нема алтернатива. Доста е со национализам и со делби. Никој не смее да уценува. Владата се прави врз основа на принципи и програми. Нема концепт за размена на пратеници, ова беше синтагма колку ВМРО-ДПМНЕ ќе загуби на изборите. Никој не може да забележи на СДСМ за еднаквиот третман кон сите. Треба да дојде квалитетот до израз и одлуката на граѓаните и врз основа на тоа ќе седнеме да разговараме за составот на новата Влада. Но за нас уцена не е прифатлива“,
рече Спасовски.
Заев на телевизиско соочување со Христијан Мицкоски на ТВ 24 на 30 јуни кога зборуваше за размена на пратеници спомена дека на ВМРО-ДПМНЕ ќе му бидат потребни 13 пратеници за да има мнозинство, додека на СДСМ 6.
„Јас сум спремен да му отстапам 13 пратеници на Мицкоски за да формира малцинска влада или ќе барам од него да отстапи 6 за да формираме ние малцинска влада. Никој не смее под уцени да преговара“,
рече Заев.