Додека ДУИ и Беса тврдат дека немаат ништо против Алтернатива да стане дел од власта по изборите, од партијата на Села велат дека, заедно со Гаши, подготвуваат промена на распоредот на сили во парламентот и истовремено му нудат поддршка на Касами во Тетово
Лидерите на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса за Албанците, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, се сретнале денеска во Собранието, меѓу двата круга од локалните избори, на кои двете партии се поддржуваат меѓусебно.
За средбата информираа од Алијанса за Албанците, посочувајќи дека се воделе разговори за текот на изборниот процес и за понатамошните чекори и дека е потврдена меѓусебната поддршка за вториот изборен круг во општините во кои имало договор за соработка во првиот круг.
„Ве известуваме дека коалицијата меѓу Алијанса за Албанците и Алтернативата е стабилна и работиме заедно за да создадеме ново парламентарно мнозинство во многу краток период. И покрај манипулациите, притисоците, купувањето гласови и злоупотребите, граѓаните докажаа дека се против Владата, и сегашната власт веќе нема легитимитет да ја води земјата, ниту на локално ниту на централно ниво“,
се наведува во соопштението на Алијанса.
Функционери на владејачките ДУИ и Беса вчера изразија подготвеност во владејачката коалиција да влезе Алтернатива на Африм Гаши, која партиципира со четворица пратеници во 12-члената парламентарна група со Алијансата за Албанците.
Претходно, Алијанса и Алтернатива искажаа подготвеност во Тетово да го поддржат во вториот круг Билал Касами, претседателот на Беса, кој повторно, како и во 2017 година, за противкандидатка ја има досегашната градоначалничка од ДУИ, Теута Арифи.
Од друга страна, од Беса велат дека остануваат дел од владејачката коалиција, предводена од СДСМ, иако премиерот Зоран Заев, во меѓувреме, изјави дека нема да влијае на членството на СДСМ во Тетово за кого да се гласа во вториот круг од изборите, во кој влегоа двајца кандидати од владејачката коалиција.