Според неа, сите овие аргументи покажуваат дека ова што го прави власта не е борба против криминалот и корупцијата, како што претставува, туку алатка за етикетирање, предвремена јавна осуда и политички прогон
Секогаш кога власта ќе направи некаква глупост или кога нејзините погрешни политики ќе доживеат дебакл, како што деновиве се случи на меѓународен план со Резолуциите во Обединетите нации и со падот на економијата, гледаме како се поднесуваат кривични пријави и се лиферуваат имиња во јавноста за предвремена јавна осуда и политичко етикетирање, рече денеска во своето обраќање пред седиштето на партијата, портпаролката на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска.

„Правење јавен личн само со поднесување кривични пријави што допрва треба да видиме дали се основани, фрлаат дамка на сите овие процеси за кои СДСМ отворено се сомнева“, рече таа.
Посочи и дека за огромен број скандали поврзани со високи владини функционери не се презема ништо и власта ги штити по секоја цена.
„Последен е скандалот со злоупотребите на вицепремиерот Меџити, со партиските вработувања за масовните вработувања во јавната администрација, но и куп други скандали, за бегството на Груби, за бегството на Рамадани, за сертификатот на директорот на АНБ, за инцидентот на скопскиот аеродром, на границата на Косово, за скандалот со генералниот секретар на Владата кој доби на поклон 350 илјади евра, за фирмите на Божиновска“, кажа портпаролката.
Според неа, сите овие аргументи покажуваат дека ова што го прави власта не е борба против криминалот и корупцијата, како што претставува, туку алатка за етикетирање, предвремена јавна осуда и политички прогон.
Кузеска додаде и дека секој обид за политизација, политички прогон или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста.