Од ВМРО-ДПМНЕ денеска посочија дека причината за ваквото напредување на Трајановски во раководството на СДСМ е тоа што заедно со сегашниот лидер на партијата, Венко Филипче, летуваше на грчките плажи, поточно на јахтата на Заев
Доктор Александар Трајановски е нов потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на партијата, Богданка Кузеска.

Извршниот одбор на синоќешната седница, како што рече, го прифати предлогот на лидерот на партијата, Венко Филипче, за потпретседател да биде назначен доктор Трајановски.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека доказ оти поранешниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Зоран Заев, сè уште ги држи конците во партијата е токму поставувањето на докторот Александар Трајановски за нејзин потпретседател.
Оттаму велат дека причината за ваквото напредување на Трајановски во раководството на СДСМ е тоа што заедно со сегашниот лидер на партијата, Венко Филипче, летуваше на грчките плажи, поточно на јахтата на Заев.
Филипче, коментирајќи ги најавените промени во раководството на партијата по резултатот на локалните избори, вчера соопшти дека на Извршниот одбор ќе го предложи докторот Александар Трајановски за нов потпретседател на СДСМ.
Трајановски беше кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Аеродром. Тој е специјалист ортопед и трауматолог и поранешен директор на Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија и реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а досега беше член на Извршниот одбор на СДСМ.
Оваа промена доаѓа откако по вториот изборен круг од локалните избори, поднесе оставка една од потпретседателите на СДСМ, Ана Чупеска.
