По тешко боледување во Скопје на 80-годишна возраст почина Јован Андонов – Реган, стопанственик и потпретседател на првата експертска влада на Република Македонија, јави МИА.
Андонов е роден на 15 август 1940 година во Пехчево. Дипломирал на Електротехничкиот факултет во Загреб во 1963 година. Андонов работел на повеќе раководни места, меѓу кои „Рудници и железарница“ во Скопје, „Хемтекс“ во Скопје, „ОХИС“ во Скопје, „ФЕНИ“ во Кавадарци, РЕК Битола, „ГЕС“ во Гостивар и многу други.

Негов најголем придонес е рестартирањето на РЕК Битола кога за рекордно брзо време, за помалку од една година го доведе во нормала работењето на комбинатот, по уривањето на филтерот и косиот мост во 1989 година.
Добитник е на наградата „11 Октомври“ за патентиран пронајдок од областа на електрониката.
Андонов беше еден од тројцата потпретседатели на првата експертска влада на Република Македонија во 1991 година, предводена од Никола Кљусев.
Јован Андонов – Реган ќе биде погребан утре на гробиштата Бутел во Скопје.