Пендаровски вели дека не се согласува со дел од ставовите на премиерот Зоран Заев изнесени во интервјуто за БГНЕС, но вели важно е што веднаш ретерирал
Во секој спор ако сакате да успеете двете страни треба да пуштаат меки пораки. Ако одите со остра или офанзивна реторика како што за жал оди Бугарија, договор нема да има, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Сител.
Според него, ако во наредните два дена нема напредок, ќе мора да се чека да завршат изборите во Бугарија, бидејќи вели никој од бугарските партии не би сакал да се откажал од она што им носи политички поени. Засега, вели нема пробив во преговорите.
„Имаме уште два дена пред состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ. Но, од она што досега се знае пробив нема во тие билателарни разговори кои ги водат работните групи на двете министерства за надворешни работи. Ако сега во овие 48 саати, кои се само теоретски, не успееме да направиме пробив и не закажиме прв конференција за преговори, мислам дека објективно ќе мора да чекаме завршат парламентарните избори во Бугарија. Претходно, не верувам дека било кој од овие политички субјекти би се откажале од ова што им носи поени. Според најновите анкети, партијата на Борисов има кренато 7 процентни поени во еден месец и половина, можеме да претпоставиме дека дел од тоа е заради ова јуначење во однос на нашата држава, а партијата на Каракачанов има дупло зголемен рејтинг. Што значи дека ваквото однесување им се исплати. Политичката логика е дека тие ќе се обидат тоа максимално да го експлоатираат за свој личен и партиски бенифит се до 28 март“,
рече Пендаровски
Пендаровски рече дека му рекол на специјалниот претставник на македонската Влада за решавање на спорот со Бугарија, Владо Бучковски, по неговите средби во Софија, освен него и Владата, за текот на разговорите да ги информира и опозициските партии.
Ставовите на Бучковски вели се исти со ставовите на државниот врв, односно дека постојат црвени линии за кои не се преговара, а тоа е јазикот и идентитетот.
„Ние не се спуштивме на ниво да се навредуваме и да покажуваме мускули. Но, верувајте и во тие рамки понудивме се што може да се понуди, а да не се чепка јазикот и идентитетот, кој никогаш не сме го чепнале ниту во разговорите со Грција, години пред Преспанскиот договор“,
рече Пендаровски.
На прашањето за ставовите на премиерот Зоран Заев изнесени во интервјуто за БГНЕС, Пендаровски рече дека со дел од нив не може да се согласи, но дека е важно што премиерот ретерирал.
„Интересно е да се спомене дека веќе наредниот ден премиерот Заев ретирираше од дел од тие ставови и ги дообјасни и мислам дека дел од тоа дообјаснување е во ред. Се разбира дека од она што беше првично изнесено не можеме да се согласиме, дека струмичкиот и петричкиот се ист јазик или со отстранување на табли надвор од процедури, без разлика што пишува на нив. Ние сме навикнати на господинот Заев да има специфичен политички израз кога зборува за различни теми. За мене е најважно што веднаш ретерираше во наредните 48 часа. Мислам дека не добиваме ништо со таквите интервјуа, не можам да кажам дека има штета, но не гледам што добиваме“,
рече Пендаровски.
Пендаровски рече дека не се согласува со испратеното писмо од поранешниот претседател Бранко Црвенковски до сопатијците на СДСМ да се оградат од премиерот Зоран Заев. Сепак, му порача на Црвенковски дека такви обраќања треба да има почесто.
„Првата реченица во тоа обраќање вели драги сопартици, мојот став е, кога веќе еднаш сте биле претседател на држава вие мора до крајот да останете“,
рече Пендаровски на Сител.