Општина Росоман се справува и ги санира последиците од вчерашното невреме што ги зафати Трстеник и Дебриште, информираа попладнево од Центар за управување со кризи.
„Регионалниот ЦУК – Велес известува за ова согласно информациите добиени од раководителот на Општинскиот кризен штаб на Росоман. Вчерашното невреме зафати и дел од Општината Росоман, поточно село Трстеник, каде што од поројните дождови беа поплавени неколку подрумски простории што граѓаните ги санираа индивидуално и самостојно“,
соопштија од Центарот.
Според ЦУК, во тој реон од поројни дождови било зафатено и село Дебриште.
„Ова село се наоѓа во ридско-планинскиот предел. И во овој реон пороите имаат зафатено, односно поплавено неколку подрумски простории. Како последица на невремето делумно е оштетен патот што се наоѓа на крајот од селото. На самото место биле екипи од ЕЛС Росоман кои извршиле увид на настанатите штети и го известиле ЦУК дека тие штети ќе бидат санирани со сили и средства од Општината Росоман“,
појаснија од Центарот.