Станува збор за два случаи во кои ОЈО ГОКК утврди дека нема никаков сомнеж дека Муареми и вработени во финансиската полиција сториле кривични дела. Првиот случај е во врска со анонимна пријава против нив дека како финансиска полиција не постапувале по анонимни пријави што ги добивале изминатите години. Вториот, пак, се однесува на пријава од лице од Дебар кое тврдело дека ексдиректорот и вработени направиле кривични дела како злоупотреба на службена положба, примање поткуп, насилство и малтретирање

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со кое раководи Ислам Абази, ги затвори предметите против поранешниот директор на Управата за финансиска полиција (УФП), Арафат Муареми, и вработени истражители бидејќи утврдило дека не постои основно сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.
Станува збор за две кривични пријави на кои ОЈО ГОКК работеше во периодот кога на чело на ова обвинителство беше Вилма Русковска. Случајот изминатиот период беше актуелен во јавноста поради честите јавни прозивки на релација Русковска-Муареми, како и дисциплинската постапка за поранешната шефица и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска поради начинот на кој постапувале во предметот.
Анонимна кривична дека Муареми и УФП не постапувале по анонимните пријави што ги добивала финансиската полиција
Имено, станува збор за анонимна кривична пријава против Муареми, во која било наведено дека УФП не постапувала по анонимните пријави и оформените предмети во Управата биле затворани без да биде известено надлежното обвинителство. За таа цел, ОЈО ГОКК под раководство на Русковска минатото лето бараше од Муареми и од Управата во рок од десет дена да ги достават податоците за бројот на анонимни кривични пријави што ги примиле од 2018 година до денот кога било поднесено барањето, како и информации за тоа во која фаза се наоѓаат и што се презема. Тогаш, Русковска бараше од Основниот кривичен суд и дозвола за претрес, кој беше направен, а потоа беше причина за поведување на дисциплинската постапка.
За време на претресот на 18 јули лани ОЈО ГОКК одзеде документации за 35 предмети во Управата, а подоцна оттаму до обвинителството доставиле уште 380 други предмети.
„Истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК извршија увид во документацијата на сите 415 предмети и констатираа дека дел од предметите, иако се по пријави од 2018, 2019 и 2020 година, сè уште се водат како предмети во работа, а поголем дел од предметите се препратени на надлежно постапување во други инспекторати, МВР и други институции. Во предметите што биле затворени е содржана службена белешка од која може да се утврди на кој начин предметот е затворен или препратен во друга институција. Од сето погоре наведено, предметниот обвинител утврди дека наводите во пријавата дека УФП не преземала соодветни дејствија по предметите и не ги известувала надлежните јавни обвинителства и другите засегнати институции не соодветствуваат со фактичката состојба“,
велат од ОЈО ГОКК.
Покрај за непостапување по анонимни пријави, во истата пријава за Муареми имало наводи и дека направил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, но и за тоа ОЈО ГОКК сега утврдило дека нема основи на сомнение.
„Од доставеното вештачење и анализа на содржината на одземената компјутерска опрема е утврдено дека документите и компјутерските податоци немаат поврзаност со конкретниот предмет. Така, од собраните докази и деталното разгледување на сите анонимни пријави, не произлезе основано сомневање дека пријавениот со искористување на своето реално или претпоставено влијание, службена или општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал или на друг начин влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши или да не се изврши службено дејствие што би морало да се изврши, а за посредувањето да примил награда или друга корист“,
објаснуваат од ОЈО ГОКК.
Оштетен од Дебар ги пријавил Муареми и УФП за злоупотреба, поткуп, насилство и малтретирање
Вториот предмет што го затвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бидејќи проценило дека сомнежи за вина кај Муареми и истражители е во однос на кривична пријава за неколку дела: злоупотреба на службената положба и овластувања, малтретирања во вршење на служба, насилство и примање поткуп. Станува збор за случај кој го пријави лице од Дебар, а за да дојде до заклучок дека нема сомнежи за вина кај Муареми и истражителите, од обвинителството велат дека ги сослушале и двете странки, како и 16 сведоци.
„Прибраните докази упатуваат на тоа дека пријавените постапувале во рамки на нивните законски овластувања по поднесена анонимна пријава до УФП и имале за цел да утврдат дали е сторено кривично дело што се гони по службена должност, а чие откривање и документирање е во надлежност на УФП. Управната постапка за поништување на решението за легализација за која станува збор во пријавата е во надлежност на Управниот суд и истата сè уште не е завршена“,
велат од ОЈО ГООК во врска со наводите дека имало злоупотреба на службената положба.
Во однос на тоа дека имало поткуп, односно дека пријавувачот од Дебар давал пари на инспектор од Управата, од ОЈО ГОКК сметаат дека тоа не е точно бидејќи според нивната анализа на кои базни станици се наоѓале телефони на наводниот оштетен и на инспекторот, испаѓа дека двајцата никогаш не биле заедно.
„Во однос на наводите дека пријавените сториле кривично дело примање поткуп, пријавениот инспектор во својата одбрана ги негираше тврдењата опишани во кривичната пријава и истите се потврдени со анализа на телефонската комуникација и движење по базни станици на телефонските броеви на пријавениот и пријавувачот. Притоа е утврдено дека за период од една година, двата телефонски броја не се регистрирани на исти или приближно исти базни станици, што упатува на заклучокот дека исказот на пријавувачот не може да се потврди“,
велат од ОЈО ГОКК.
За останатите кривични дела за кои биле пријавени директорот и инспекторите (малтретирање во вршење на служба и насилство), пак, обвинителството тврди дека ниту еден од сведоците не го потврдил тоа, а ниту, пак, оштетениот го поткрепил тоа со докази.