Посочи дека е запознаен со случајот во Косово, како и дека веќе разговарал со директорот на Инфективната клиника во Приштина, од каде добил информации дека пациентот е во стабилна состојба и дека ситуацијата е под контрола
Нема простор за паника и граѓаните можат да бидат мирни, изјави денеска Фадил Цана, директорот на Клиниката за инфективни болести во Скопје, откако косовските здравствени власти објавија дека во Косово е потврден првиот увезен случај на мајмунски сипаници.
Посочи дека е запознаен со случајот во Косово, како и дека веќе разговарал со директорот на Инфективната клиника во Приштина, од каде добил информации дека пациентот е во стабилна состојба и дека ситуацијата е под контрола.

За случајот на Косово рече дека е изолиран, односно дека заразеното лице подолго време работело во странство.
„Тој случај не е автохтон, туку е импортиран случај. Граѓаните кај нас можат да бидат мирни, нема простор за паника“,
рече Цана.
Здравствените власти, додаде, дека имаат капацитете да се справат со оваа болест доколку се појави и кај нас.
„Кај нас досега нема регистрирано случај на мајмински сипаници, но ако се појави подготвени сме и имаме експерти што се добро запознаени со болеста“,
вели тој.
Во Косово денеска е потврден првиот увезен случај на мајмунски сипаници, соопшти тамошниот Национален институт за јавно здравје.
Според косовски здравствени власти, заразеното лице се вратило од западноафриканска земја и е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести во Приштина.
Мајмунските сипаници се вирусна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и од заразените животни.
Според Светската здравствена организација (СЗО), може да се пренесе преку близок контакт, како што се допирање, бакнување, но и преку контаминирани материјали – чаршафи, облека и игли. Симптомите вклучуваат треска, болен осип, главоболка, болки во мускулите и грбот, недостиг на енергија и зголемени лимфни јазли. Траат од две до четири недели, а потоа пациентите целосно се закрепнуваат.
