Според него, регионализација е неминовна и во повеќето помали центри ќе има поликлиники што ќе бидат дневни амбуланти, болнички капацитети ќе има во неколку регионални центри. Тие центри ќе мора да бидат екипирани и опремени со целиот кадар. Некои капацитети ќе се затворат, но не со отпуштање на персоналот, туку со спојување со други установи
На Клиника за инфективни болести во Скопје недостигаат 100 вработени, но дури и тие работни места сега да се одобрат, нема кој да биде вработен, рече на денешниот брифинг со новинарите директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, посочувајќи дека со доктори инфектолози во земјава е критична.
Според него, одливот на медицинскиот кадар се случил во текот на ковид-пандемијата, но дека има и мал интерес за специјализација по инфективни болести.

„Во повеќе болници сме останати на тоа докторите да се пензионираат на 67 години. Мораме и со програмата за специјализација, но и со мотивацијата на персоналот да обезбедиме минимум капацитети. Во комуникација сме со Министерството за здравство, со директорот на Инфективната клиника, со Министерството за финансии. Проблемот на Инфективна оди дотаму што и сега да се одобрат 100 работни места, ќе нема кој да биде вработен“,
рече Клековски.
Сепак, додаде дека проблемот со недостигот на доктори и здравствени работници е глобален, а не само случај во нашата држава.
„Нашиот здравствен концепт е застарен и е направен пред многу време. Мораме да го преиспитаме севкупниот концепт. На пример, дали Брза помош треба да функционира со лекари или со парамедици. Овој концепт е направен пред 15 години, кога имаше голема невработеност. Сега веќе нема кој да се вработува на овие места. Регионализација е неминовна и во повеќето помали центри ќе има поликлиники што ќе бидат дневни амбуланти, болнички капацитети че има во неколку регионални центри. Тоа е неминовно. Тие центри ќе мора да бидат екипирани и опремени со целиот кадар. Некои капацитети ќе се затворат, но не со отпуштање на персоналот, туку со спојување со други установи“,
вели тој.
Клековски најави и промени и на следењето на болничките лекови на позитивната листа, бидејќи во моментов смета оти не е добро следењето и нема прецизна евиденција колку се троши и каде.
„Евиденцијата на лековите на позитивната листа во аптеките се води и е прецизна. Но, нема никаква евиденција какво е трошењето на болничките лекови на позитивната листа. Скапата биолошка терапија добро се следи и таа е на условен буџет. Има работна група од сите институции што треба да договори да се поедностави начинот на следење и регистрација за да дојде до точни податоци кои и колку лекови се трошат во болниците“,
кажа директорот на ФЗО.
Според него, кога од позитивната листа би се елиминирале лековите поевтини од 100 денари, тогаш би се ослободиле 800 милиони денари за понови и поскапи лекови.
Најави дека за 10 или 15 денари ќе поскапи основниот специјалистички пакет за пациентите. Сега цената на основен специјалистички преглед изнесува 380 денари.
Клековски вели дека ќе има зголемување на капитацискиот бод за примарното здравство во кое освен матичните лекари спаѓаат и гинеколозите и стоматолозите, но не посочи конкретна сума, бидејќи рече дека преговорите се во тек.
