Како што информираат од Министерството, осумте ученици од Северна Македонија кои беа погодени од земјотресот во Турција се средношколци од училиште во Гостивар. Никој од нив не е животно загрозен, а на еден од двата повредени ученика кој се здобил со скршеница за време на земјотресот, му е направена првична медицинска санација
Осумте ученици од земјава кои заедно со својот ментор/наставник беа затекнати од разорниот земјотрес во Турција се средношколци од средно училиште во Гостивар, а дел од нив доаѓаат од поширокиот регион како Маврово и Тетово, информираат попладнево од Министерството за надворешни работи (МНР).
Од Министерството додаваат дека сите деветмина се на безбедно и се надвор од животна опасност, а дека на едниот од двата повредени ученика кој се здобил со скршеница за време на земјотресот, му е направена првична медицинска санација. Тој, посочија од МНР, сега е подготвен заедно со останатите членови на групата да се врати во земјава откако на местото на настанот ќе пристигне дипломат од Амбасадата во Анкара.
Според последните информации со кои располага МНР, засега нема други македонски државјани во Турција кои се наоѓаат во загрозена состојба или на кои им е потребна асистенција.
„Нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба. Ја користиме можноста уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732“,
посочуваат од Министерството за надворешни работи.