Муцунски вели дека со лидерите на ЕУ и на земјите членки, како и со стратешките партнери се зборува за тоа дека треба да се исцрта јасен пат за движењето на преговорите кон полноправно членство, кој ќе дефинира што се очекува од земјата и што треба таа да направи за да има предвидлив и извесен пат
Изнаоѓањето решение што ќе дава извесност и предвидливост на патот на Македонија кон Европската Унија ќе биде примарно најдобро за нас, но ќе биде многу значајно и за кредибилитетот што ЕУ сака да го создаде во регионот, земајќи ги предвид актуелните геополитички случувања. Ова го рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешната прес-конференција, одговарајќи на прашање во врска со уставните измени и со европската перспектива за земјата.
Според Муцунски, досега биле направени „безбројни отстапки“ за реализација на едно исто ветување, дека ќе се движиме напред кон ЕУ, но наместо тоа, има реактуелизација на ветото. Како што рече министерот, со лидерите на ЕУ и на земјите членки, како и со стратешките партнери се зборува за тоа дека треба да се исцрта јасен пат за движењето на преговорите кон полноправно членство, кој ќе дефинира што се очекува од земјата и што треба таа да направи за да има предвидлив и извесен пат.
„Не велам дека изнаоѓање такво решение ќе биде лесно за нас како држава или за ЕУ, но таквото решение кое дава извесност и предвидливост ќе биде примарно најдобро за нас, а ќе биде многу значајно и за кредибилитетот што ЕУ сака да го создаде во регионот, земајќи ги предвид актуелните геополитички случувања“,
вели Муцунски.
Тој додаде дека процесот е заеднички и комплексен и дека ќе биде тешко да се изнајде решение, но тоа „мора да биде базирано врз основа на принципите кои ние ги претставуваме“. Муцунски рече дека во последните месеци има дијалог за ова прашање, а како поткрепа на тоа посочи дека неговата агенда и таа на премиерот во меѓународните настапи се примарно фокусирани на земјите членки на ЕУ.
„Тука сме ангажирани најмногу во последните шест месеци – да ги претставиме нашите тези и гледишта, не за тоа како да не се најде решение, туку како да се најде решение. Во тој период останавме целосно усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, станавме првата земја од регионот која потпиша Договор за стратешки и безбедносен аранжман со ЕУ, ја усвоивме веројатно најдобрата реформска агенда во регионот – парафразирам лидери на ЕУ, не цитирам. Значи, ние покажавме дека сме посветени на патот, но истовремено имаме очекувања дека и другата страна ќе ја покаже истата посветеност, искреност и пред сѐ, принципиелност кон нас како земја“,
додаде Муцунски на прес-конференцијата.
Македонските позиции во надворешната политика се јасно зацртани, рече министерот. Како што додаде, не верува дека ЕУ сака повторно да биде ставена во ситуација да има сомнеж кај кандидатите дека не е искрена во намерите.
„Позициите ги имаме доста јасно зацртано уште во периодот на кампањата, кога презентиравме партиска програма која потоа стана дел и од владината програма. Посебно во делот на надворешната политика имаме многу јасен пристап, а пристапот е тоа што го укажуваме – дали е ова последната отстапка што се очекува од нас? Дали сме сигурни дека ако се случат уставните измени, понатаму нема да бидеме предмет на ново, потенцијално вето, повторно создадено врз основа на билатерални прашања“,
рече Муцунски.
Според него, не само целокупниот политички естаблишмент, туку и сите граѓани на државата немаат веќе капацитет за нови билатерални отстапки, како во изминатите 30 години.
На Самитот на Западен Балкан следната недела македонската делегација ќе биде предводена од премиерот Миоцкоски. Како што информира Муцунски, ќе има билатерални средби со високи претставници на ЕУ и на земјите членки.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски одговараше на прашања поврзани со евроинтеграциите на земјата. Тој рече дека доголку од Брисел се подготвени да се најде конструктивно решение и земјата да го продолжи патот, Владата секогаш позитивно ќе одговори на таквото барање. Во спротивно, рече Мицкокси, можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел.