Почна подготовката на теренот кај Инфективното одделение во болницата во Битола, каде што треба да се гради монтажна болница за сместување пациенти позитивни и сомнителни на ковид-19.
Модуларниот ковид-центар ќе биде на јужната страна од дворот на Клиничка болница-Битола со две модуларни градби кои ќе содржат интегриран тријажен центар со стационар и една модуларна градба со независен тријажен центар со капацитет од 90 кревети.
„Со цел интервентно да се одговори на потребата за проширување на здравствени капацитети и да се овозможи организација на просторот, во рамки на парцела на Клиничката болница, почна подготовка за поставување на модуларен ковид-центар, проект кој го реализираат Министерството за здравство и Општина Битола. Планската документација ја изработија општинските служби, локалната самоуправа се вклучи и во расчистување на теренот со ангажирана механизација на јавните претпријатија, а од денеска се врши рамнење на теренот“,
информираа од Општина Битола.
Во моментов, на Инфективното одделение во Битола на болничко лекување се 70 лица инфицирани од ковид-19. Во текот на ноќта животот го загубија три лица, жители на општините Демир Хисар, Ресен и Новаци.