Во духот на европските добрососедски односи, сп бугарскиот премиер Петков ги интензивиравме разговорите, со искрена волја да направиме чекори на доближување, на соработка и на доверба, за кои веруваме дека ќе нѐ однесат до решенија за нашите билатерални прашања, рекол македонскиот премиер на дебата „Не гледај раздвоено – цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан“
Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање со блокадата на оперативниот почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, оцени премерот Димитар Ковачевски, кој во рамките на официјалната програма на годинешната Минхенска безбедносна конференција, имаше свое обраќање на дебатата на тема „Не гледај раздвоено – цртање на пат за ЕУ и Западен Балкан“ („Don’t look decoupled – Charting a Path for the EU and Western Balkans“).
„Западниот Балкан функционира како систем на поврзани садови. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Блокадата на ЕУ се чувствува низ целиот регион како сериозен удар врз довербата кон Унијата. Поради неодобрувањето на преговарачката рамка, Северна Македонија и Албанија губат драгоцено време. Но, поголемото прашање е што губи Европската Унија во овој случај. Кредибилитетот на ЕУ е ставен под знак прашање“,
рече Ковачевски, како што информираат од Владата.
Според него, оваа ситуација го охрабрува и зајакнува интересот на трети страни во регионот. Доколку ЕУ покаже отсуство или слабост на Западен Балкан, тогаш третите страни ќе имаат повеќе можности да ја пополнат таа празнина која е исклучително важна на геостратешки план. Затоа, како што рекол, ЕУ мора да најде формула како да го одржи зборот и да продолжи со проширувањето на Западен Балкан, да внесе оптимизам дека европските вредности и принципи се сѐ уште реалност.
Покрај Ковачевски, панелисти на оваа тематска дебата беа и премиерот на Албанија, Еди Рама, потпретседателот на Европската Комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и генералната секретарка на ОБСЕ Хелга Шмит.
Модератор на дебатата беше министерката за Европска Унија и устав на Австрија, Каролина Едштадлер, а дебатата ја проследија премиерите на Бугарија и на Косово Кирил Петков и Албин Курти, претседавачот на Минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич, генерална секретарка на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу, како и повеќе други гости и учесници на конференцијата.
„Минатата година Северна Македонија ја одбележа 30- годишнината од својата независност. Празнувањето имаше посебно значење бидејќи овој значаен јубилеј го дочекавме како полноправна, триесетта членка на НАТО. Членството во Северно-атлантската алијанса е остварување на една од нашите најважни стратешки цели, преку која континуирано обезбедуваме сигурност, стабилност и безбедност за државата и за граѓаните. Наша еднакво важна стратешка цел, покрај членството во НАТО, е секако членството во ЕУ“,
рече Ковачевски.
Тој потсети дека нашата земја е кандидат уште од 2005 година или цели 17 години. Спогодбата за стабилизација и асоцијација, рече, пак, ја потпишавме пред точно 21 година.
„Преговори сè уште не сме почнале и тоа секако е резултат на предизвиците кои го попречија нашиот европски и интегративен пат. Но еве нѐ денес сè уште на истиот тој пат, бидејќи членството во ЕУ за нас нема алтернатива. За нас ЕУ интеграцијата е прашање на прифатени највисоки западно-демократски вредности и посветеност за исполнување европски стандарди на работење во сите сфери на општеството и во сите институции. Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан не е само прашање на проширување, туку е пред сѐ прашање на заеднички стратешки ангажман“,
истакнал македонскиот премиер.
Тој посочил дека во контекст на остварувањето на таа визија за Европа, исклучително е добра веста за одлуката на Европскиот совет од 21 март 2020 година, со препорака за безусловен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија. За жал, како што рекол, оваа препорака за безусловен почеток, беше условена од блокадата на претходната влада на Бугарија. Таа блокада е сѐ уште активна.
„Но многупати досега сме покажале дека Северна Македонија е земја на пријателства и соживот. Посветени сме на изнаоѓање взаемно прифатливи решенија. Во тој дух и во тој манир, Северна Македонија ги презеде сите неопходни чекори за деблокирање на процесот на проширување на ЕУ. Пред сѐ, посветено работевме и работиме на домашните реформи врзани со поглавјата и законодавството на ЕУ. Но, уште поважно, во духот на европските добрососедски односи, јас и бугарскиот премиер Петков во последниве два месеци, откако сме и двајцата премиери, ги интензивиравме разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија со искрена волја да направиме чекори на доближување, на соработка и на доверба за кои веруваме дека ќе нѐ однесат до решенија за нашите билатерални прашања“,
нагласил Ковачевски.
Македонскиот премиер се осврнал и на иницијативата „Отворен Балкан“, посочувајќи дека Северна Македонија, Албанија и Србија не стојат во место кога е во прашање европеизацијата на нашите држави и општества. „Отворен Балкан“, е одлична иницијатива но не е, не претендира да биде, ниту пак може да биде алтернатива за ЕУ.
„Северна Македонија останува посветена на Берлинскиот процес и на европската перспектива, а нашата цел е една и единствена – рамноправно членство во семејството на европски народи и држави – Европската Унија. Затоа, ве охрабрувам да ја најдете вистинската формула која ќе го забрза темпото и процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Ова секако е предизвикот за Франција како претседавач со ЕУ во овој тековен шестмесечен мандат. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ“,
вели Ковачевски.