Соговорници од владејачкиот табор велат дека вонредната состојба не треба да се продолжува од политички причини, така што ако има простор за договор за новиот изборен датум ќе се бараат други правни механизми како да се вратат во колосек преостанатите изборни дејствија
Три дена пред истекувањето на третата одлука на претседателот Стево Пендаровски, во владејачкиот табор, според неофицијални информации оттаму, преовладува ставот да не се бара ново продолжување на вонредната состојба. Сепак, конечната одлука за тоа Владата ќе ја носи во наредните два дена, при што, како што се посочува, и да реши да побара ново продолжување на вонредната состојба, последниот збор ќе го има шефот на државата.
Според информации на „360 степени“, голема е веројатноста вонредната состојба, која почна на 18 март, да заврши на 30 мај, така што Владата во наредните неколку дена ќе ги донесе сите неопходни уредби за наредниот период. Што се однесува, пак, до изборите, неофицијалните најави се дека, ако има потреба, ќе се бара друг начин за нивно пролонгирање по 21 јуни – како термин кога би требало да се гласа согласно со владината Уредба за изборните дејствија, доколку в сабота вонредната состојба не биде продолжена за нови 14 дена.
Еден од аргументите за тоа дека не треба да се продолжува вонредната состојба, според информациите, е укинувањето на дел од рестриктивните мерки што беа воведени поради здравствената криза. Со оглед на тоа што уставна основа за воведување вонредна состојба е постоење на големи природни непогоди или епидемии, очекуваното завршување на вонредната состојба би било соодветно на оценките дека ситуацијата со ковид-19 во земјава се стабилизира. Поточно, објаснувањето е дека вонредната состојба не може да се продолжува од политички причини.
Исто така, се посочува дека Собранието, поради тоа што е распуштено, не потврди ниту една од трите одлуки на шефот на државата за вонредната состојба, така што и Пендаровски во неколку наврати им замери на пратениците и на спикерот Тала Џафери дека не преземаат одговорност за одлуки кои се и во надлежност на законодавната власт, иако мандатот на овој собраниски состав трае до конституирањето на новиот состав.
Освен тоа, за разлика од првите две одлуки кои предвидуваа максимални по 30 дена вонредна состојба, при донесувањето на третата одлука, Пендаровски го намали времетраењето на оваа состојба на 14 дена, наспроти барањето на Владата за нови 30 дена.
Сепак, според владини извори, во наредните два дена ќе се донесе конечната одлука дали Владата ќе бара ново продолжување на вонредната состојба.
Премиерот Оливер Спасовски, на вчерашната прес-конференција за укинување на дел од рестрикциите, изјави дека се прават анализи и дека се консултираат надлежните институции дали има потреба од продолжување на вонредната состојба. Тој исто така нагласи дека вонредната состојба не е поврзана со изборите, туку дека продолжувањето на изборните дејствија е детерминирано од завршувањето на вонредната состојба, согласно со владината Уредба за изборниот процес.
Според тоа, ако не се измени Уредбата за изборите, тие би требало да се одржат во рок од 22 дена, сметајќи од оваа сабота, односно на 21 јуни, што, пак, е неприфатлив термин за најголемата опозициска партија. Иако засега нема најави за нова лидерска средба, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави денеска дека има неформални разговори меѓу партиите за постигнување консензус за изборниот датум.
Од владејачката ДУИ, пак, сега го преферираат 5 јули како датум за гласање. Така што, во случај да се постигне меѓупартиски консензус за тој термин, најавите се дека е можно да се бараат други правни механизми за ставање во колосек на преостанатите изборни дејствија.