Централната изборна комисија на прес-конференција соопшти дека до 15 часот, на северот на Косово и Метохија во сите четири општини излегле вкупно 2,4 отсто од гласачите.
До 15 часот во Лепосавиќ имало 110 гласачи или 0,83 отсто, а во Зубин Поток 240 гласачи или 3,6 отсто.
Во Звечан гласале 145 гласачи или 2,07 отсто, а во Северна Митровица 597 гласачи или 3,3 отсто.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека досега излегле само неколку Срби во сите четири општини каде што се гласа, велејќи дека власта на северот на Косово имаат намера да ја воспостават оние кои не живеат таму, а оттука оцени дека нема да добијат ниту еден или два отсто од гласовите.
Во четирите општини со мнозинско српско население на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – денеска се одржуваат вонредни локални избори откако градоначалниците од редовите на Српска листа поднесоа оставки во ноември минатата година, противејќи се на одлуката на косовската влада да ги замени српските ознаки на регистарските таблички со ознаката РКС (Република Косово).
Во трката за градоначалници има десет кандидати, а од нив само Слаѓана Пантовиќ е од српската заедница. Таа е независен кандидат за градоначалник на општина Звечан.
Најголемата партија на Србите во Косово, пак, Српска листа, одлучи да не учествува на изборите и ги повика косовските Срби да го бојкотираат процесот. Слични повици упати и официјален Белград.