„Фактот дека во последните две години има континуирано пријавување на случаи на конго-кримска хеморагична треска, како и периодот на сезона на крлежи, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи“, велат од ИЈЗ
Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во периодот од 26 април до 4 јуни регистрирал три лабораториски потврдени случаи на конго-кримска хеморагична треска, соопштија денеска од Институтот.
Како што информираат оттаму, сите три случаи биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Воедно, се додава во соопштението на ИЈЗ, во овој период е регистриран и првиот случај на мали сипаници или морбили кај дете од Струшко.
Според извештајот на Институтот, првиот случај на конго-кримска хеморагична треска е регистриран на 26 април кај 57-годишен сточар од селото Градец, во општина Крива Паланка, кој пријавил присуство на крлежи кај добитокот и каснување од крлеж на долните екстремитети, седум дена пред почетокот на симптомите.
Вториот случај бил лабораторски потврден на 30 април, кај 29-годишен маж од село во општина Арачиново, кој работел како електричар во приватна фирма. За разлика од првиот случај, тој негирал каснување од крлеж, контакт со животни и патување во странство.
Овие пациенти биле испишани од Инфективната клиника во Скопје.
Последниот случај, пак, лабараторски бил потврден на 4 јуни. Станува збор за 68-годишен пензионер од Делчево, кој често престојувал во село во близина на градот. Тој потврил дека бил каснат од крлеж на долните екстремитети во селото, кој бил изваден во домашни услови.
Во сите три случаи, наведуваат од ИЈЗ, биле пребарани контакти во семејството и во посетените здравствени установи, а блиските контакти, доколку ги имало, биле ставени под здравствен надзор од 14 дена.
Меѓу симптомите кои биле пријавени се епитакса (крварење од носот), малаксаност, замор, повраќање, фебрилност, болка во мускули, дијареа, тресење и главоболка.
Од Институтот за јавно здравје велат дека според досегашните податоци, постои веројаност за понатамошно пријавување нови случаи.
„Фактот дека во последните две години има континуирано прјавување на случаи на конго-кримска хеморагична треска, како и периодот на сезона на крлежи, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи. Постои среден ризик за населението на РС Македонија, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции“,
се вели во соопштението на ИЈЗ.
Смртноста од конго-кримска хеморагична треска, како што појаснуваат од ИЈЗ, достигнува и до 40 отсто.
„Вирусот се пренесува на човек пред сѐ од крлежи на домашни животни. Трансмисијата од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрети, органи или други телесни течности на заболените лица“,
наведуваат од ИЈЗ.
Оттаму додаваат дека не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е супортивно.
Што се однесува до случајот на морбили, пријавата во Одделот за епидемиологија на заразни болести стигнала денеска.
„Се работи за шестгодишно дете од село Лабуништа, Струга. Според податоците добиени од лабораторијата, направено е серолошко тестирање за мали сипаници со добиен позитивен резултат со IgM. Исто така, со PCR е детектирана RNA на мали сипаници. Детето е невакцинирано со МРП-вакцина. Живее во шестчлено семејство, а помалата сестра е со присутна температура и исип пред една недела. Родителот дава податок за сомнителен контакт, сосед кој прележал ‘сипаници’. (Детето) не посетува градинка или училиште и не патувале во странство седум до 23 дена пред почетокот на исипот“,
информираат од ИЈЗ.
