Во земјава не се регистрирани посериозни несакани ефекти по примена вакцина против ковид, рече министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното интервју на „360 степени“.
Тој вели дека освен случајот со младата девојка кај која се појави тромбоза по примената вакцината „Астра Зенека“ во Србија, други посериозни случаи нема.
„Друг сериозен таков случај нема. За среќа и девојката е добра, се заврши се во најдобар ред. Имаме регистрирано некои вообичаени појави како црвенило околу местото на убодот од вакцината или блага температура до ден-два, но сериозни нуспојави нема“,
вели Филипче.
На прашањето дали има случаи каде и по две примени дози на вакцина против ковид повторно се заразени, Филипче вели дека такво нешто во земјава досега не е регистрирано.
„Кај нас нема. Но, во други земји во светот се случуваат и такви примери. Во Јужна Америка има во некои земји и во Индија исто така. Но, тука треба да се направи детална анализа од медицински аспект, бидејќи многу работи се важни. Треба да се утврди дали станува збор за реинфекција, структурата на предизвикувачот на првото заразување, па и на реинфекцијата, за да се знае дали станува збор за истиот сој што е исклучително важно прашање. Сега светот стравува од тоа дали е можно да се појави мутација на која сегашните вакцини нема да бидат ефикасни и можноста да се доведеме до силен бран и покрај тоа што поголемиот број на популацијата ќе бидат вакцинирани“,
вели Филипче.
Тој додава дека иако не е исклучена можноста некој да се инфицира и по примена втора доза од вакцините против ковид, сепак, се гарантира дека тоа нема да биде со тешка форма на болеста и нема да биде со смртен исход.
„Тоа е случај и со сите други вакцини. Човек може да заболи од морбили иако е вакциниран, но нема да ја има таа тешка форма на болеста. Тоа е едно генерално правило кога станува збор за вакцините“,
вели Филипче.