Изјавата на министерот во врска со причините за неполагање на државната матура во големи простории е лага. Впрочем, за матурата да се спроведува во сали или да се обезбедат блокатори (интернет и телефонските мрежи) во училиштата, вработените на ДИЦ се борат од спроведувањето на првата матура и досега не сме добиле дозвола за тоа, велат од ДИЦ
Обидот на министерот, односно на Министерството за образование, да ја префрлат одговорноста на вработените на Државниот испитен центар (ДИЦ) и на штрајкот за нерегуларностите во спроведувањето на полагањето на вториот екстерен испит е само избегнување на сопствената одговорност за настаните, реагираат од синдикатот на ДИЦ.
„Кога Синдикатот на СОДИЦ го стави штрајкот во мирување во интерес на учениците и одлучи дека ќе покаже практично што значи грижа за општественото добро со тоа што ќе ја реализира државната матура без оглед на тоа што од штрајкот добивме само празни ветувања, знаевме дека можеме професионално и навремено да ја завршиме нашата обврска. Тоа и го направивме. Ве известуваме дека изјавата на министерот во врска со причините за неполагање на државната матура во големи простории е лага. Впрочем, за матурата да се спроведува во сали или да се обезбедат блокатори (интернет и телефонските мрежи) во училиштата, вработените на ДИЦ се борат од спроведувањето на првата матура и досега не сме добиле дозвола за тоа“,
велат од ДИЦ.
Оттаму нагласуваат дека и без штрајк ќе постоеле вибер-групи и испитите немало да се спроведат во големи простории.
„Затоа, министре, покажете доблест, но пред сè лична одговорност и не се кријте зад штрајкот“,
повикаа од ДИЦ и потсетија дека штрајкот на СОДИЦ не е завршен, туку дека е во мирување.
Министерството за образование и наука побара од Државниот испитен центар (ДИЦ) да открие чија е одговорноста за направениот пропуст при полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик кој се одржа во саботата, а за чие времетраење на Вибер се споделувале прашањата.
Од МОН информираа дека побарале од оваа година полагањето на испитите да се спроведува во поголеми простории во училиштата, како на пример во училишните сали и холови каде би биле сместени сите матуранти кои се пријавени за полагање државна матура и со присуство на повеќе тестатори и набљудувачи.
„Но, поради случувањата во ДИЦ и штрајкот на вработените непосредно пред датумите за спроведување на државната матура, тие не се случија. Така што, очекуваме промените да се имплементираат во следната учебна година, со што ќе се намалат ризиците од можни нерегуларности кои би ја довеле во прашање веродостојноста на резултатите“,
рекоа од МОН
Во саботата, на полагањето на вториот екстерен испит по англиски јазик, матурантите преку вибер-групи ги споделувале тестовите откако почнало тестирањето. Од ДИЦ демантираа дека се пробиени тестови од државната матура и нагласија дека нивна обврска е да ја спроведат матурата со подготовка на тестовите и нивна дистрибуција до училиштата, а за тој процес велат дека е најпрофесионално извршен од нивна страна.
ДИЦ: Тестовите од државната матура почнаа да се споделуваат во вибер-групи откако почна полагањето
Матурантите во саботата го полагаа вториот екстерен испит од државната матура кој е изборен. На избор на матурантите им беа дадени седум предмети и тоа освен математика, естетика и филозофија, можеа да одберат и еден од јазиците англиски, француски, германски или руски.
Претходно 15 620 матуранти, на 27 мај, го полагаа првиот екстерен испит, задолжителниот мајчин јазик (македонски, албански или турски) и литература.