Искуствата покажуваат дека вакцинираните со „Астра Зенека“ имаат посилни реакции по првата примена доза, додека кај оние кои се вакцинираат со „Фајзер“ посилни реакции има по примањето на втората доза, пишува во анализа на хрватскиот портал „Индекс“.
Реакциите на вакцините се очекувани и во повеќето случаи се добар знак затоа што покажуваат дека одбранбениот механизам на организмот реагира на надворешните фактори, како што се вируси и бактерии, на начин што организмот развива антитела што всушност е и целта на вакцинацијата.
Најголемиот дел од реакциите на вакцините на „Астра Зенека“ и „Фајзер“ се благи и краткотрајни – вообичаено траат околу два дена. Реакциите вклучуваат болка на местото на аплицирање на вакцината, замор, болки во мускулите или главоболки. Ретки се реакциите на дијареја и повраќање, а уште поретки се алергиските реакции и згрутчување на крвта.
Вакцината на „Астра Зенека“,е направена од ослабена верзија на вирус на настинка (познат како аденовирус) од шимпанза. Изменет е да изгледа повеќе како коронавирус – аденовирус како вектор кој носи гени за С протеинот на САРС-Ков2 вирусот.
„Фајзер“, пак, ја произведе својата вакцина во партнерство го германски „Бионтек“.Фајзеровата вакцина спаѓа во групата вакцини на база на РНК (рибонуклеинска киселина), кои користат безопасни фрагменти од протеини или протеински лушпи кои го имитираат коронавирусот за безбедно поттикнување имунолошки одговор.
Разлики во реакциите
Во текот на масовните кампањи за вакцинација, пренесува „Индекс“, експертите забележале одредени разлики во реакциите кај различни вакцини, пред сè, кога станува збор за „Фајзер“ и „Астра Зенека“. Конкретно, се забележува дека реакциите од „Астра Зенека“ вообичаено се посилни по првата доза, а од „Фајзер“ по втората.
„Во споредба со првата доза, реакциите кои се забележани по примањето на втората доза („Астра Зенека“) се поблаги и поретко се пријавуваат“,
истакнува британската регулаторна агенција за лекови (МХРА).
Според американскиот центар за контрола и превенција на болести, во случајот со „Фајзер“ реакциите како што се температура, замор и главоболка се почести по втората доза. Американската агенција за храна и лекови (ФДА), исто така, наведува дека околу 7 проценти од луѓето на возраст од 18 до 55 години кои примиле прва доза од „Фајзер“ пријавиле температура, во споредба со 31 отсто кои пријавиле ваков ефект по втората доза.
Кога станува збор за повозрасните од 55 години, кај нив несаканите појавите се поретки, но и во оваа возрасна група се забележува истиот тренд. На пример, само 3 проценти од повозрасните пријавиле температура по првата доза, додека по примањето на втората доза ваков ефект пријавиле 21 отсто.
Засега, пишува во анализата, нема научни студии кои даваат јасни одговори зошто се различни реакциите по првата и втората доза кај различни вакцини, но дел од експертите изнесуваат свои објаснувања.
Професорот Роберт Рид од Универзитетот Саутемптом смета дека тоа може да се од причина што вакцините како што се „Астра Зенека“, но и „Џонсон и Џонсон“, имаат аденовирус како вектор кој со првата доза силно го стимулираат имунолошкиот систем, додека тој е послаб во втората доза.
Покрај тоа, се наведува, аденовирусот останува во телото подолго од РНК која се распаѓа многу побрзо, што е причина реакциите од вакцинацијата на „Астра Зенека“ да бидат подолготрајни, но и да даваат подолг имунитет.