Вицепремиерката и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во интервју за „360 Степени“, зборуваше за постапката на Уставниот суд со која се актуелизираат помилувањата на Иванов од 2016 година.
„Ние мислевме дека сите ја научија лекцијата, ама ако нешто можеме да заклучиме од ваквите информации е дека мафијата никогаш не се откажува. Ова е еден од серијата на обиди на таа мафијашка структура повторно да ја легне правната држава на колена. И сега морам да кажам, од една страна мафијата не се откажува, ама од друга страна, сигурна сум дека мафијата и овојпат ќе биде поразена. Ќе ни треба малку време, предизвика кај сите нас нервози кога чувме, меѓутоа после тој јавен изблик на енергија во 2015 и 2016, да помислите дека Уставниот суд повторно ќе собере неколку од гласовите кои доминираа и во тогашниот Уставен суд, пак да го проблематизира ова прашање, навистина ни најголемите песимисти не можеа да поверуваат“,
рече Шекеринска.
Таа кажа дека во Собранието од пратеници од СДСМ веќе е подготвено автентично толкување на законот. Шекеринска вели дека за правниците нема дилеми дека членот во законот не постоел и не можел да се оживее, и парламентот треба да го потврди тоа и на хартија.
„Во правничка каша кога сите тие кои владееле со неправда, сакаат таа неправда да продолжи, што и да направите изгледа подеднакво како каша. Нема лесни и директни решенија, ама дајте да излеземе од калта. И таа обврска ја има и Уставниот суд. Не може да се чека извршната власт да ги реши сама проблемите кои се резултат на комплетни утки од страна на правосудството. И ние цело време кажувавме – во ред, не ви се мешаме во работата, ама сега кога гледаме дека тоа се злоупотребува од мафијата, мислам дека овие активности, изјави на министерката и предлози коишто ќе ги даваме во следните неколку дена, се во насока да ставиме точка. Инаку, мафијата секогаш ќе биде прва, криминалот секогаш ќе биде прв“,
рече Шекеринска.
На прашањето дали СДСМ има поддршка од ДУИ за автентичното толкување, таа рече дека се уште немале координација, но, како што рече, очекува дека нема да има политичка партија која во Собранието ќе застане во одбрана на криминалот.