Кривичниот суд во Скопје не им дозволи на вицепремиерот Бујар Османи и на заменик-министерот за внатрешни Агим Нухиу да го посетат притворениот Томор Морина, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово.
Повикувајќи се на Законот за кривична постапка, судот ги известил Османи и Нухиу дека им го одбива барањето за посета, бидејќи според член 178 од Законот, „притвореникот може да го посетат блиски роднини, амбасадори, народен правобранител, а по барање на притвореникот може да го посети лекар и други лица“.
Вицепремиерот Османи, во вторникот, побара итно ослободување на Морина и рече дека ќе го посети во притвор.
Томор Морина беше уапсен на Блаце, по потерница од Интерпол, на барање на Србија
Морина е во притвор повеќе од една недела откако беше уапсен минатата среда по потерница од Интерпол, на барање на Србија која го сомничи за сторени воени злосторства против цивили за време на конфликтот во Косово. Морина има двојно државјанство, на Велика Британија и на Косово. Тој досега непречено се движел низ сите европски држави.
Косовските власти остро реагираа на апсењето на Морина а се спротиставуваат на можноста за негова екстрадицијата. Тамошниот министер за правда, Абелард Тахири, актот на македонските власти го нарече флагрантно кршење на човековите права и непочитување на меѓународните конвенции и побара негово итно ослободување.
Од друга страна, српскиот министер за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ изјави дека не може да верува дека Северна Македонија нема да го екстрадира Томор Морина, бидејќи тоа би значело непочитување на меѓународното право. За Стефановиќ изјавата на премиерот Заев дека ќе постапи согласно законот, подразбира дека Морина ќе биде екстрадиран во Србија.
Министерката за правда Рената Дескоска во четвртокот изјави дека за есктрадицијата на Морина не решава Владата, туку судовите.