„Килава" Саботажа, емитувана на 31 март 2017 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
„Килава" Саботажа, емитувана на 31 март 2017 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
by 360степени
Погледнете го новото издание на „360 степени“.
Во него за политичката криза во Македонија и најновите случувања зборуваат:
– Пратеникот во германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ
– Торстен Фрај од германската ЦДУ
– Германскиот европратеник од редовите на Социјалдемократите, Кнут Флекенштајн
– професорот Флоријан Бибер
Плус – разговор со адвокатот Александар Тумановски кој направи анализа и споредба, како судиите постапуваат кон барањата за притвор на СЈО а како кон барањата на ОЈО, како и за погрешните податоци добиени од судот.
Емисијата, стандардно, завршува со нова Саботажа.
by 360степени
Ако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ решат до крај да го спроведат пристапот што денеска го промовираа на пленарната седница, со три-минутни настапи на секој пратеник од оваа партија, три-минутни реплики од секој пратеник и едно-минутна реплика од секого за секого, ефективното време што ќе го потрошат е околу 10 илјади минути, што е еквивалент на околу 170 часови или 14 дена по 12 часа расправа во Собранието. Но, тука не завршуваат можностите за одолговлекување на точката за избор на Комисијата за избори и именувања. Толкувањата на Деловникот се дека со оглед на тоа што се уште не се формирани пратенички групи во парламентот, не може да се ограничуваат настапите на пратениците. Новото мнозинство иницираше избор на претседател на Собранието со потписи од најмалку 20 пратеници, но прашање е како ќе го ефектуира тоа. За оценка прашавме двајца искусни поранешни пратеници и министри – Насер Зибери и Павле Трајанов.
(Зло)употреба на Деловникот?
„Да си претседавач на конститутивна седница, како поранешниот спикер на Собранието, Трајко Велјановски, и даде простор на парламентарната група на ВМРО ДПМНЕ, на флагрантен начин да ги крши и злоупотребува одредбите на Деловникот за работа на Собрание. Имајќи го предвид овој факт, тие реплицирањето го прават со своите сопартијци, непротивејќи им се туку надополнувајќи ги. Целта на сценариото, претходно смислено и подготвено, е блокирање на работата на Собранието за да не дојде до избор на претседател на Собранието и на овој начин деблокирање на процесот на конституирање на органите на државната власт што треба да бидат рефлекс и слика на резултатот на последните парламентарни избори на кои мнозинство имаат неколку политички партии, СДСМ, ДУИ, Алијансата за Албанците и Движењето Беса.“- вели поранешниот пратеник Насер Зибери.
„Денеска сме сведоци на класична злоупотреба на Деловникот. Со тоа што се јавија 50 пратеници за дискусија од иста партија или од иста коалиција. Воедно, се јавуваат сега и контра-реплики. Контра-репликата значи несогласување со тој што имал дискусија. Бидејќи сите се надополнуваат со дискусијата на тој што имал збор практично, тоа покажува дека станував збор за една смислена стратегија да се развлекува конституирањето на највисокиот законодавен дом, на домот на демократијата. Смислена опструкција, се со цел и натаму да се распаѓа целокупниот систем во Република Македонија. Ако не ви функционира Парламентот, највисокиот законодавен дом, ако не се закажаа локалните избори за да се конституира локалната власт имаме техничка влада која функционира како редовна влада, всушност треба да биде техничка влада бидејќи таа е оставка. Во една таква состојба сосема е извесно дека целокупниот систем е во распаѓање во Република Македонија. Нестабилноста ќе се зголемува и во една ваква состојба единствено може да функционира ВМРО-ДПМНЕ, како што досега функционираше само со партиски насоки и директиви.“- вели поранешниот пратеник Павле Трајанов.
Што понатаму?
„ Обидот, по секоја цена, преку конституирање на Комисијата за избори и именувања, и со тоа да се стави на парламентарна седница предлогот на Комисијата за претседател на Собранието, мислам дека ќе биде сизифовска работа, затоа што целта на ВМРО-ДПМНЕ не е завршување на конститутивната седница туку нејзино блокирање. Ова ќе го принуди парламентарното мнозинство на седница со 20 потписи да го исполни предвидениот услов со Деловникот и да предложи можен кандидат за претседател на Собранието. Јас се сомневам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе дозволи процедурален тек според Деловникот со цел парламентот да ја продолжи конститутивната седницата. Затоа, парламентарното мнозинство ќе биде принудено на пленарна седница да ги спроведе одредбите на Деловникот за да изврши избор на претседател на Парламентот. Во спротивно, доколку очекува ВМРО-ДПМНЕ да се согласи да се избере Комисијата за избори и именувања и таа да се свика и да даде предлог за претседател на парламентот, тоа нема да се случи, односно ќе има крајно одолговлекување, бесконечно, со единствена цел – прво, да не се избере претседателот на парламентот, а потоа да не се избере ниту владата.“- изјави Насер Зибери.
„Деловникот на Собранието на Република Македонија има можност за да се деблокира неговата работа. Ако се блокира преку Комисијата за избори и именувања, преку неформирање или неможност да предложи кандидат затоа што и тука може да трае долго дискусијата за избори и именувања, тогаш Деловникот предвидува дека 10 пратеника можат да предложат комисија за избори и именувања а најмалку 20 пратеника за да исфрлат кандидат за Претседател на Собранието. Тоа веќе е во процедура и мислам дека во текот на следните денови, утре или задутре треба да се прекине расправата за избор на комисија за избори и именувања и да се премине на следната точка а тоа е избор на Претседател. Тогаш кога ќе се избере Претседател на Парламентот во суштина парламентарното мнозинство ќе може да ги формира другите работни тела во Парламентот и да ја остварува Парламентот својата законодавна надлежност, што е клучно за стабилноста, за стабилизација на состојбите во Република Македонија и на тој начин ќе се извршат сите неопходни подготовки за избор на влада на Република Македонија.“- изјави Павле Трајанов.
Има ли економска логика секој месец да трошите меѓу 500-тини и 1000 евра за такси и наместо да купите свој автомобил, одлучувате и во следните години да ве вози приватна компанија?
Ова прашање пред пет години го постави тогашниот пратеник во Собранието Благоја Стојановски, но тоа не се однесуваше на рационалзиација на патни трошоци. Дилемата претставуваше сликовит приказ на тендерите на ЕЛЕМ од 2010 до 2012- тата година.
Државната фирма Електрани на Македонија за само 2,5 години подели 140 милиони евра на приватни фирми, кои за возврат копаа и носеа јаглен зa РЕК Битола или пак ангажираа механизација за најгомеиот енергетски комплекс. Стојановски го вклучи алармот затоа што во годините пред 2010-тата, овие трошоци биле многу помали.
„Има рапиден пораст на трошоците само по овој основ. Ако ги споредиме предтходните години, десетици пати се покачени трошоците за ангажирање надворешна механизација. Производството на струја со години паѓа, мислам дека оваа година е на рекордно ниско ниво. Нема друго објаснување освен неадекватно работење, трошоци има зголемено за вработени, понатаму поради нашиот јаглен трошоците и за мазут кој мора да го потпомагаат ова производство се многукратно поголеми. Ако беа малку домаќини, ќе размислуваа во друга насока, ако им треба таа механизација 5 пати ќе купеа повеќе отколку што ја користат од надвор.“ вели за 360 Благоја Стојановски – поранешен пратеник.
Објаснувањето на ЕЛЕМ тогаш беше дека трошоците се зголемиле. Се отвориле нови рудници кои се подалеку од термоелектраната или пак во старите јами почнало да се копа подлабоко. Ако купеле нова механизација, таа била многу скапа за оддржување, а имало и ризик да стане непотребна за кусо време.
Неодамнешната отворена истрагата за случајот „Труст“ во РЕК Битола, кој тежи 17 милиони евра, го реактуелизираше прашањето – како акционерското друштво во сопственост на државата ги троши буџетските пари.
Истрагата на тимот на Јанева вели дека 3 фирми: Трансмет, Силекс неметали и ВАТО добиле тендер за ископ или транпсорт на јаглен, иако ја немале во својата сопственост потребната механизација. Тендерот кој е предмет на интерес на СЈО бил реазлиран токму во периодот 2010/2012 кога пратеникот Стојановски пресметува 140 милиони евра трошоци.
„Можеме да направиме паралела во однос на случајот Колубара во Србија кој беше квалификуван како грабеж на столетието. За споредба, се работеше за 130 милиони евра кои беа потрошени во период од 8 години за механизација, додека кај нас се работи за 140 милиони евра за само 2,5 години. Така да оправдани не може да бидат никако. Дали се законски или не и во која насока е работено тоа треба други органи да утврдат, кои не знам дали до сега влегле, освен за случајот кој произлезе од работењето на СЈО.“, вели Стојановски.
„360 Степени“ провери и дојде до заклучок дека ангажирањето приватни фирми за ископ и механизација продолжило. Во периодот 2013-2016-та година, до Бирото за јавни набавки се стигнати известувања за договори вредни вкупно 160 милиони евра, за ископ и транспорт на јаловина или ангажирање на механизација за потребите на РЕК Битола.
Притоа, од овие 160 милиони, околу 105 милиони евра се потрошени за ископ. Од нив, најмногу или 56 милиони евра добила фирмата Пелистер од Битола, во која еден од сопствениците и менаџер е екс градоначалникот на Битола Силјан Мицевски. Компанијата Трансмет на Сеад Кочан за која СЈО сега води истрага, добила околу 40 милиони евра, а Марковски компани, исто така од Битола добила околу 10 милиони евра. Интересно е дека за разлика од другите години, 2015-тата е единствената година кога воопшто не постојат трошоци за ископи. Година, која случајно или не, се совпаѓа со објавувањето на т.н. бомби на СДСМ, од кои една беше токму за ваквите тендери во ЕЛЕМ.
За ангажирање дополнителна механизација во периодот 2013-2016-та година ЕЛЕМ на тендери поделил 52 милиони евра. И повторно, меѓу оние што добиле најголем дел од колачот се Марковски компани и Пелистер. За големите трошоци и сомнежите што ги отвораат, екс пратеникот Стојановски ги алармираше јавноста и институциите преку прес конференции, презентирајќи бројки и анализи. Ако се изземе случајот „Труст“ кој беше отворен неодамна од СЈО, не е познато дали неговите наводи беа предмет на интерес на редовното Јавно обвинителство што го предводи Марко Зврлевски.
„Побарав претходно да отиде ревизија некоја, бидејќи ова се склучени договори, да направат ревизија или контрола, дали машините работат, дали се евидентираат како што е процедура дали и тука нема сомнителни работи. Бидејќи во „Колубара“, беше откриено дека машините работеле по 24-25 часа во денот, дека машини од 10 тона носеле по 20 тона. Ако во една фирма побарате поврат на ДДВ, веднаш ќе пратите инспекција, ако за 100 милиони евра не се направи ни една проверка, тоа се кажува. Не треба да сме многу мудри да заклучиме за што се работи.“ вели Стојановски.
АД Елем минатата година ја заврши со 14 милиони нето добивка. Дел од тие пари се задолжителни резерви според Законот за енергетика, со дел од нив ќе се покријат загубите од претходните години, а со преостанатите пари – компанијата ќе влезе во инвестиција за купување механизација. Најавуваат дека запира досегашната пракса за набавка на опрема од надворешни фирми. Досегашното ангажирање приватна механизација за ископи, компанијата го правда со тоа дека третиот блок во РЕК Битола би бил надвор од функција. Паралелно, тоа генерирало поголеми трошоци, бидејќи за да се постигне нивото на производство од претходно, потребно е ископ на повеќе јаглен. Новиот проект на Електрани, предвидено е да чини 65 милиони евра.
„Изработени се физибилити студија, проект и тендерски спецификации за набавка на ваква опрема. Во моментот, сите тендерски документации се во Советот за јавни набавки и чекаме мислење од нив. Ако дадат позитивно мислење, веднаш по формирање Влада, АД ЕЛЕМ може да продолжи со оглас за барање кофинансиер банка на проектот односно сите кои неофицијално доставија понуди да ги официјализираат. Но, тоа во овој момент е невозможно, поради политичката ситуација во Македонија.“
Ова зад мене е комбинатот кој е најголемиот производител на електричната енергија и јаглен во Македонија, добро познат како РЕК Битола. Колку неговата работа влијае врз здравјето на луѓето, тешко е да дознаете од население, кое своето парче леб го вади токму оттаму.
Новинар: Правиме репортажа за РЕК Битола, може да ни кажете како е да се живее покрај ваков комбинат, дали ви пречи?
Жител: Од која партија сте?
Новинар: Не сме од партија, новинари сме.
Жител: Пријатно, со здравје!
Новаци. Село со голем потенцијал на природни богатства и административен центар на областа. Овде патот ги носи луѓето секој ден во еден ист правец, а таму, изборот за работа е или откоп на јаглен или земјоделство.
Пензионерот Светозар Митревски вели дека работата на комбинатот ја чувствува и во неговaта бавча.
„Малце е потешко, има загадување, ама тоа е сега, од тоа луѓе живеат, ако не е тоа нема што да прават, што да работат, внатре има илјадници луѓе, треба да живеат. Е, сега може е лошо, ама покрај лошото е арно.
Еве јас зелка имам, внатре во зелката се таложи чадот. Зелката со самото виткање, фаќа од пепелта внатре, ако мавне ветер, ова ќе се нацули и прашината се витка внатре.
Еве ова вака што се гледа, тоа од пепелта оцрнето е. Тоа е… “, вели Митревски.
Комбинатот е на само неколку метри од куќата на Светозар.
„Лето и зима исто е, чади тој секогаш. Зимно време, ако доаѓа навака ние сме, ако тера натаму, оние имаат мака од другата страна.“, ни раскажа Митревски.
Барајќи соговорници низ селото наидовме на човек на велосипед. Задишаноста ја припишува на загадувањето.
„Еве гледаш јас, немам кондиција ич, тешко, многу загаденост тоа е, тоа е 99 отсто загаденост.“ вели Валентин Стојчевски, жител на селото.
Мноштвото жители на Новаци, кои се вработени во РЕК Битола, не се охрабрија да застанат пред камерата. Велат, нивната мака најдобро ќе ја раскаже отецот Душко, парохиски свештеник во селото и активист за заштита на животната средина.
„Евидентно е дека луѓето ги губат своите млади, своите најмили и многу од нив ќе чуете како ќе речат, господи нека има некаков ред, нека одат луѓето со некаков ред. Во ова место, во ова поднебје, луѓето заминуваат некако без ред. Некој ќе рече и во светот е така, но тука е навистина алармантно и очигледно дека нешто не е во ред со оваа животна средина.
Не сакам да звучам како некој што шири паника, но верувајте ми тоа е негативна енергија од која вие не може да се ослободите никогаш. Некој ќе рече тоа е моја професија, но сите кои се таму, никогаш не може да се ослободат од таква негативна енергија, кога човек испраќа некој млад, затоа што некој не води грижа за животната средина.“ вели Душко Груевски, свештеник и активист за здрава животна средина.
Свештеникот беше единствениот што прифати да не придружува до жариштето на проблемите.
„Овдека имате елементарна непогода од подолг размер. Континуирано се загадува животната средина. При првиот ветер, сето она што го гледате тука, целата таа пепел, целата таа прашина се разнесува низ Пелагонија, доаѓа во дворовите, во куќите на луѓето кои не можат да спростат алишта, на пример, надвор. Ние не зборуваме за затворање на енергетскиот комбинат, туку зборуваме за соодветно третирање на целиот процес, цело време.
За жал, ако погледнете, ќе видите дека е оставено, употребено – злоупотребено и оставено на забот на времето и затоа при првиот ветер, сето ова што не треба, се носи таму каде што не треба и преку храната ние го внесуваме во нашите организми и затоа се случува она што се случува.“, објаснуваше Груевски.
И покрај директните алармирања до комбинатот, со години ништо не се менува. Ова е отворениот систем за одлагање пепел и згура од комбинатот.
Согорувањето на јагленот во РЕК Битола ги создава овие ридови со остатоци од процесот на работа. Доколку оваа површина соодветно не се третира, таа може да биде опасна по здравјето на околината.
При работа на трите блока на термоелектраната, со согорување на јагленот се создава околу 150 тони пепел на час и речиси 16 тони згура.
Токму овие вештачки ридови од пепел, беа мотив за универзитетскиот професор по хемија, Трајче Стафилов, да се зафати со обемно истражување. За него, РЕК Битола е една од најопасните еко-точки во земјава.
„Ваков отпаден материјал – пепел добиен при согорување на лигнити, има зголемена содржина на одредени радиоизотопи и тоа е општо познато. Прелиминарните анализи извршени во Институтот за јавно здравје покажаа дека специфичната радиоактивност на одредени радиоизотопи, е 3 до 5 пати поголема отколку што е нивната радиоактивност во почвата од таа околина. И ако се собере вкупната радиоактивност од сите овие радиоизотопи, таа е меѓу четиристотини до петстотини бекерели на килограм како радиоактивност, што според правилникот за радиоактивен отпад се приближува кон радиоактивен отпад.“, тврди Стафилов.
Истражувањето на професорот покажало дека ветровите ја носат прашината и до градот Битола, кој е на 12 километри оддалеченост од РЕК.
„Во просторот од РЕК до Битола имаме дистрибуција на пепелта, иако се доминантни северните и јужните ветрови, но сепак имаме ветрови и источни и југоиточни и североисточни кои во одредени периоди пренесуваат пепел од оваа депонија отворена и кон градот Битола. Tака, во тој простор, примероците во мов имаа содржина на метали коишто се со повисока содржина во самиот пепел, од онаа во почвите како што се арсен, кадмиум, никел, олово и цинк пред се и точно го одредивме просторот, реонот, каде што тие вредности се повисоки, што значи индикација е дека имаме во тој пренос на таква прашина во просторот, истото тоа се потврди и со примероците од патна прашина.“, вели Стафилов.
Каква е ситуацијата кога ќе дувне малку посилен ветер, покажуваат и овие аматерски снимки направени над комбинатот.
Она за што Стафилов тврди дека е сериозен проблем, од РЕК Битола не сакаат да го коментираат. Велат, не биле директно вклучени во истражувањата:
„Пепелта и згурата се одлагаат во касети на одлагалишето со јаловина, а потоа се покриваат со слој на земја. Додека трае оваа секојдневна технолошка активност, може да има краткотрајни интервали во кои касетата е отворена додека се врши покривање со земја. Не е исклучена можноста јаглен, под влиjание на надворешни услови, да биде подложен за самозапалување, но оваа појава е многу ретка и многу лесно се спречува, така што не може да има некое поголемо влијание врз околината и животната средина.“ велат од РЕК Битола.
Според ЕЛЕМ, податоците од нивните мерни станици покажале дека воздухот е загаден во дозволените граници.
За првиот човек на општината Лазар Котевски – РЕК Битола е капитален објект. Покрај субвенции за бракови, нагрaди за прво дете, бесплатно крштевање, Котевски вели дека комбинатот нуди и примамливи плати, како мотив младите да останат и тука да формираат семејства.
„Постојано контактираме со раководството на РЕК Битола тука, да преземат уште поголеми мерки, тие имаат сега некои проекти кои ќе ги спроведат, откопот на јаловината што е да биде што побрзо засипани тие дупки, бидејќи при налет на поголеми ветришта се создаваат големи облаци од прашина.“, вели Котевски.
И општината се обидува да работи на заштита.
„Една од мерките е со засадување брзорастечки растенија, како еден зелен појас да ги спречи тие налети на ветришта кои носат прашина во населените места.“ додава тој.
Новаци е во молк, но не и Битола. Серијата протести предводени од активисти, бараат општината да преземе мерки за да ги спаси од загадувањето од РЕК.
Речиси и да нема протест, кој поминал без активистот Илија Балковски.
„Имавме документ дека во 2012 година, од малигни неоплазми, деца од 6 години од вкупно 574 во Македонија, 222 се токму од Битола. Од тој поголем податок, некои не го поврзуваат, некои велат дека нема врска тоа со загадувањето, но морбидитетот во Пелагонискиот регион не само кај децата, туку и кај сите жители е најголем и ден денес. Тоа укажува на еден факт, дека имаме проблем со аерозагадувањето.“ вели Балтовски.
Она на што Илија не може да добие одговор е прашање зошто Министерството за животна средина прогледува низ прсти и го остава комбинатот со години да работи без да исполни минимални еколoшки стандарди за ваков тип комбинат- односно А еколошка дозвола.
„Во 2014 и Макстил се затвори, па потоа на РЕК и Југохром им беше продолжен рокот до 2017 да се прилагодат кон оперативните планови. Еве во 2017 и Југохром се затвори, меѓутоа РЕК Битола си продолжува со работа, веројатно бидејќи е стратешки објект бидејќи се произведува 73 отсто од струјата во Македонија, но веќе ако е толку стратешки објект и ако е толку значаен за Македонија, и луѓето кои живеат тука се дел од Македонија, а не се дел од Тунгузија или од Грција, туку се дел од Македонија, кои плаќаат даноци, кои ги плаќаат давачките и државата е должна уставно да му обезбеди здрава животна средина. За тоа ние говориме тука и за ништо друго.“ додава Балтовски.
Колку РЕК Битола влијае врз животната средина, од општина Битола експресно не упатија да прашаме во комбинатот. Министерството за животна средина пак побара прашањата да им ги доставиме преку електронска пошта. И се уште нема одговор.
Статистичките податоци покажуваат дека постои тренд на зголемување на заболени од канцер на белите дробови во Македонија.
Во 2004 година,во Македонија од белодробен рак починале 652 лица, а во 2014 бројот пораснал на 878. Во периодот од 2012 до 2014 најголем пораст на болничко-стационарно лекувани лица од канцер е регистриран токму во Пелагонискиот регион. Расте и бројот на респираторните заболувуња.
Колку за оваа црна статистика е виновен РЕК?
„Проблемот ни е двостран, емитирање на прашина како таква и зголемената радиоактивност на таквиот материјал. Присуството на честички воопшто цврсти честички е проблем и вие ако внесувате прашина со мали димензии таа се задржува во белите дробови во организмот и е проблем како физичка честичка и ако има нешто зголемена содржина на тешки метали и ако таа растворливост e во белите дробови или во желудникот на тие метали тогаш може да имаме и дополнителен проблем.“ вели Стафилов.
Зошто алармантните предупредувања не ја будат свеста кај најповиканите, за професорот е енигма. За отец Душко, пак, битката продолжува.
„Мислам и просто сум сигуирен дека никој нема намера ништо да промени, за жал,додека целиот народ, сите оние кои се засегнати, не речат – доста е! Сметам дека нема смисла сите да молчат да седат, да се смеат, и да констатираат дека ситуацијата е лоша, а неколкумина од нас да се борат против тоа, но реков, обврска ако не пред друг, барем пред нашите деца е да го правиме ова што го правиме, колку и да звучи глупаво, идеалистички и не знам како.“ вели отец Душко.
„360 Степени“ денеска (27.03.2017) околу 11 часот по македонско време го затекна и го сними лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на аеродромот „Ататурк“ кај Истанбул. Тој пристигна во Истанбул со лет на „Туркиш Ерланјс“ од Скопје. Во негова придружба освен членови на обезбедувањето, немаше други членови на партијата или на семејството на екс-премиерот.
Но, интересна епизода се случи на аеродромот близу Истанбул: имено, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го пречека амбасадорот на Република Македонија во Турција, Звонко Муцунски. „360 Степени“ упати прашања до македонското Министерство за надворешни работи – која е основата за амбасадор на државата да пречекува партиски лидер и колку овој гест на амбасадорот Муцунски ја чини државата, со оглед на тоа што неговото седиште е во Анкара, која е 450 километри оддалечена од Истанбул. До овој момент не добивме одговори.
Исто така, нејасно е како во придружба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ беше и лице од протоколот на премиерот. Името на Зоран Поповиќ, кој денеска слета заедно со Груевски во Истанбул, е наведено на интернет-страницата на МНР како член на протоколот на претседателот на Владата. Груевски подолго време не е тоа.
Инаку, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека Груевски патувал за Малта, каде со партиска делегација од денеска учествува на конгрес на И-пи-пи, Европската народна партија, чија придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ. Но, доволно е да се фрли само еден поглед на официјалната интернет-страница на конгресот на И-пи-пи за да се види дека собирот на европските десничари на Малта започнува дури во среда. Каде ќе биде и што ќе прави Груевски до среда – останува нејасно.
Притоа, интересно ќе биде да се види дали Груевски на Малта ќе има средби со некого од повидните членови на европската десница – Меркел, Јункер, Туск, Дол и какви пораки ќе му бидат пренесени. По подолг период на неутралност, се чини дека Европската народна партија во последниот период го смени ставот за состојбите во Македонија. Тоа може да се прочита и од заедничката изјава на европската четворка која во вторникот беше во Скопје и во која двајца од делегацијата – еврокомесарот Јоханес Хан и европратеникот Едуард Кукан се од И-пи-пи. Во таа изјава многу јасно беше посочено дека сите мора да го почитуваат мнозинството во парламентот и да овозможат – прво, избор на спикер, а потоа и на нова влада. Исто така, треба да се види дали ќе има пораки во насока на можно суспендирање на ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија поради непочитување на базичните демократски вредности – за што досега зборуваа повеќе гласови. Меѓу другите и европратеникот Иво Вајгл.
Тој беше еден од официјалните европски претставници што ги потврдија наводите што ги објавивме минатиот понеделник – дека во Брисел и се навратиле на опцијата за воведување таргетирани санкции кон поединци-политичари во Македонија. Тоа, пред се, се однесува на претседателот Ѓорге Иванов. Сепак, освен потврда дека санкциите се опција, засега нема поконкретни информации дали и кога би се случило такво нешто.
Во контекст на ова, од овде, од европската престолнина и најавата дека утре во Европскиот парламент ќе се одржи дебата на тема – Кризата на демократијата на Западен Балкан – авторитаризам и ЕУ-стабилитократија. Учествуваат неколкумина европратеници, меѓу кои и двајца што се олеснувачи на политичкиот процес во Македонија – Кукан и левичарот Кнут Флекенштајн. Какви ќе бидат новите пораки од Брисел, со оглед на одолговлекувањето на политичкиот процес во Македонија, во следните наши изданија. „360 Степени“ во Брисел – се јави Владимир Мирчески.
„Пресметана" Саботажа, емитувана на 27 март 2017 година (понеделник) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
Погледнете го новото издание на „360 степени“.
Во него:
– Груевски тргна за Малта иако Конгресот на ЕПП почнува во среда. Зошто македонскиот амбасадор во Турција дочекува партиски лидер во Истанбул?
– ВМРО-ДПМНЕ реши процедурално да го блокира изборот на претседател на Собранието. Каде е излезот?
– Пепелта од согорениот јаглен во РЕК Битола е на границата на дозволена радиоактивност. Локалниот свештеник стана еко-активист зошто не сака да погребува млади луѓе.
– ЕЛЕМ потрошил 300 милиони евра за ископ и транспорт на јаглен за РЕК Битола и Осломеј за последните 6 години.
by 360степени
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска кога треба да се избира нов претседател на Собранието, не е во Македонија. Со лет на „Туркиш Ерланјс“, Груевски денеска претпладне замина од Скопје за Истанбул. Екипа на емисијата „360 Степени“ го сними Груевски по слетувањето на аеродромот „Ататурк“ близу Истанбул. Освен лице од протоколот и членови на обезбедувањето, со Груевски нема други познати членови на партијата или на семејството. „360 Степени“ се обрати до ВМРО-ДПМНЕ со прашање каде патува Груевски и штом добиеме одговор, ќе го објавиме
Во дебата за „360 Степени“, поранешниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Драган Малиновски зборуваше за рокот кој СЈО согласно постоечкиот закон го има за покренување обвиненија, и што би се случило по поминувањето на рокот.
– Задача на СЈО е да спроведе квалитетни истраги и добро да ги подготви обвиненијата. Дали ќе се стигне и во кој рок ќе се стигне, се разбира дека притиска времето, меѓутоа не би го довел квалитетот во прашање. Затоа што рокот е за поднесување обвиненија – рече Малиновски.
Тој рече дека ако за некои постапки не бидат оформени и испорачани обвиненија во определениот рок на СЈО, тоа не значи дека за тие кривични дела нема да се одговара понатаму.
– Проблем е што нема да ги работи СЈО, туку некое редовно обвинителство. Недозволив е ставот – аха, да, сега ќе му помине рокот на СЈО и тие ќе бидат слободни и неказнети. Не. Мој став е дека тие кривични дела за кои нема да биде покренато обвинение, ќе може да ги работи други обвинителство, поквалитетно кадровски екипирано, и порастеретено од политички влијанија, така да, дефинитивно, не може да се смета дека тие кривични дела ќе бидат згаснати и нема да се одговара за нив – рече Малиновски.
Целата емисија погледнете ја на следниот линк.
Во дебата за „360 Степени“, адвокатката и советник во СЈО, Сузана Јошевска-Анастасовска зборуваше за проблемите со кои се соочува СЈО при водењето финансиски истраги.
– Финансиските истраги по природата на работата траат малку подолго затоа што прибирате многу голема книговодствена документација, и тоа се брои во кутии и купишта хартија, која понатаму, не само што треба да се анализира за да се одвои што е што, туку треба да се повикуваат и вешти лица коишто треба да дадат соодветни сознанија на јавните обвинители, бидејќи обвинителите не се економисти. Потребно е време за самото вештачење, но во конкретните случаи, потребно е и време да се најде вештак, бидејќи многу вештаци одбиваат да соработуваат. Барањата коишто ги доставува СЈО се враќаат и тешко се наоѓа вештак кој ќе се нафати да го работи тоа – рече Јошевска-Анастасовска.
Адвокатката рече дека се работи за кутии, кутии хартија сместени во една просторија во СЈО каде се прибира целата документација.
– Тоа, инаку, се прави смислено, од страна и на институциите, и на книговодствата на овие фирми, и е позната техника, да ве затрупаат со документи за да не го видите битното од небитното. Значи, бара време за целото тоа да се прочешла. И за да ја приберете документацијата во основа бара време. Знаете дека СЈО мораа со налог да влегуваат во Централен регистар. Има лоша комуникација со сите органи во државата, сега е малце таа подобрена, но во принцип се чека последниот ден од законскиот рок од 30 дена за да се одговори, и, по мои сознанија, никогаш не се одговара од прва, туку во 30-от ден на институцијата и станува јасно дека нешто не и е јасно, па праќа известување од типот – вие го барате ова, но мене не ми е јасно што точно барате. Или доставува парцијална документација па морате прво да ја видите за да видите што недостасува и тоа се финти за да се троши времето. Тие и по природата на работата се долги, но во конкретниот случај два пати, или три пати се подолги поради сите овие проблеми што ви ги набројав – рече Јошевска-Анастасовска.
Целата дебата погледнете ја на следниот линк.
Во дебата за „360 Степени“, новинарката Гордана Дувњак зборуваше за новоотворените случаи на СЈО, „Тотал“ и „Тифани“, во кои се опфатени новинари.
– Фокусот е ставен на она што нив ги правело поплатени и поразлични од останатите новинари. Да стане појасно, од каде нивната толкава жестина во бранењето на режимот. Дека тоа не е верба во владините политики, туку дека за тоа биле дебело платени – рече Дувњак.
Таа потсети на случајот „Пајажина“ и како овие новинари известувале за него.
– Во времето кога беше атакот врз А1 телевизија, во нивните медиуми тврдеа – „Ние не сме А1, ние плаќаме даноци“. Излезе дека тоа било само празна флоскула, и дека очигледно не плаќале даноци ,туку за овие неколку години се збогатиле – рече Дувњак.
Целата дебата погледнете ја на следниот линк.
Погледнете ја „360 Степени“ емитувана на 24.03.2017 на ТВ Алсат-М.
Во неа за новите случаи на СЈО и за работата на обвинителството и истрагите кои ги води, дискутираа новинарката Гордана Дувњак, поранешниот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Драган Малиновски и адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.
Емисијата стандардно завршува со нова „Саботажа“.
„Евазиона" Саботажа, емитувана на 24 март 2017 година (петок) на ТВ Алсат-М во емисијата „360 степени“.
автор: Среќко Поповски
монтажа: Коста А.
©2024 360 степени, Сите права се задржани