Сарџентини: Екстрадицијата на Груевски зависи од притисокот на другите членки на ЕУ врз Унгарија

Автор: Владимир Мирчески | пред 3 месеци | In depth

Еврокомесарот Јоханес Хан се надева, но мисли дека е малку веројатно дека унгарските власти ќе го екстрадираат Никола Груевски во Македонија. Изјавата на Хан дојде денеска како одговор на новинарско прашање – дали ги поддржува амандманите на извештајот за Македонија што неодмна ги усвоија европратениците, а со кои се бара од Будимпешта да го испорача екс-премиерот. Клучниот амандман во кој логистиката што ја добил Груевски од унгарски дипломати се оценува за мешање во внатрешните работи на Македонија и непочитување на судството и владеењето на правото во земјава, беше предложен од холандската европратеничка од групата на зелените, Џудит Сарџентини. Таа ја предводеше процедурата во Европскиот парламент која во септември оваа година финишираше со барање за одземање на правото на глас на Унгарија во ЕУ поради низа прекршувања на основните демократски вредности од владата на Виктор Орбан. Поради тоа, европратеничката Сарџентини е мета на речиси секојдневна критика од провладините медиуми во Унгарија.

Џудит Сарџентини, која е европратеничка од 2009-та година, е соговорничка на Владимир Мирчески во интервјуто снимено во Брисел, во кое главна тема се бегството на Груевски и улогата на Унгарија во овој случај.

Дали мислите дека вашиот амандман на резолуцијата за Македонија што беше усвеона во Комитетот за надворешни работи на ЕП, во кој се бара Унгарија да го ескрадира Никола Груевски, навистина допре до властите во Будимпешта?

Сигурна сум дека властите во Будимпешта знаат, бидејќи ништо што овде се случува, а ја засега Унгарија, не поминува незабележано. Но, дали од тоа земаат некакви насоки, тоа е веќе дискутабилно.

Освен две Твитер-пораки од комесарот Хан речиси и да немаше реакција од ЕК или од земјите-членки на ЕУ во врска со бегството на Груевски од Македонија. Зошто е тоа така?

Мислам дека земјите-членки, а особено премиерите на членките, се обидуваат да гледаат на страна од тоа што се случува во Унгарија. Тоа не се однесува толку многу на тоа дека не се грижат за Македонија, колку на тоа дека има сериозна засраменост од назадувањето на демократските процеси во Унгарија и земјите-членки не знаат како или не сакаат да преземат мерки во однос на тоа.

Како би го коментирале целиот случај од еден специфичен аспект – владата на вашата земја, Холандија, е многу чувствителна за прашања од делот на владеење на право и одговорноста и токму затоа Холандија беше толку воздржана минатиот јуни кога се решаваше за тоа дали на Македонија да и се даде датум за старт на преговори за членство.

Па, не сум баш сигурна... Јас тоа така не би го читала. Мислам дека има одреден степен на евроскептичност во мојата земја што ја прави владата, во која патем мојата партија не партиципира, многу неволна да прифати нови членки и сметам дека тоа можеби е клучното прашање. Но, ако можам за себе си да зборам, јас сум извонредно задоволна од фактот што сега гледаме напредок, особено во процесот на промена на името, што и не значи дека сум среќна со фактот дека треба да го смените името, но би сакала да ве видам како и се придружувате на ЕУ што е можно побрзо.

Вие сте автор на извештајот на ЕП во кој побаравте одземање на правото на глас на Унгарија во ЕУ. Мислите ли дека поради примерот на Орбан – инсталирање на илиберална демократија во Унгарија, нешто што има многу следбеници во ЕУ, европскиот проект, како целина, го губи моментот, ја губи смислата?

Тоа што се случува во Унгарија е ризично, не само за унгарските граѓани, што е клучно, туку е ризично зашто завршивме во криза на вредности. Имавме мигрантска криза, економска криза, имаме климатска криза и сега сме во криза во која се чини дека има недостиг од почитување на европските вредности и луѓето ги прифаќаат „силните мажи“ кои се тука за да ги заштитат. Но, тие „силни мажи“ никогаш не ги штитат поединците или луѓето од малцинските заедници. Оттука, да, мислам дека се соочуваме со потецијална супер-криза ако земјите-членки на ЕУ одбијат да преземат мерки во однос на Унгарија, но и кон Полска, или кон она што се случува во Романија.

Би рекол дека сте доста познати во Унгарија поради вашиот извештај за оваа земја, вие сте дел од владина кампања и сте цел поради овој извештај, а исто така ве поврзуваат и со Џорџ Сорос.   

Да, не поврзуваат. Никокаш не сум се сретнала со г-дин Сорос. Ако ги погледате кампањите во Унгарија ќе помислите дека Сорос се кандидира за премиер на Унгарија или за член на Европскиот парламент. Но, станува збор за возрасен човек што живее во САД и ги троши своите пари на образование – универзитетот во Будимпешта што тој го поддржуваше сега се сели во Виена зашто е избркан од Унгарија. Кампањата во Унгарија е валкана и смислена за на граѓаните да им претстави дека има надворешен непријател, а такво нешто нема. Има проблем внатре, владата им ги одзема правата на унгарските граѓани.

Познавајќи ја владата на Виктор Орбан мислите ли дека има голема шанса, можност или никаква шанса за екстрадиција на Никола Груевски во Македонија?

Тоа зависи од притисокот што другите членки на ЕУ треба да го извршат врз Унгарија. Неверојатен е начинот на кој Унгарија ги третира бегалците – тие се заклучени во ужасни услови, а ако доаѓате од она што, според унгарската влада, се нарекува безбедна земја тогаш тешко и да може да побарате азил. А, од друга страна, доаѓа осуден корумпиран политичар, кој за само неколку дена добива азил без да оди во прифатен центар. Со тоа повторно се докажува колку унгарската влада е надвор од стандардите. Но, она од што се плашам е дека други земји-членки, како и раководството на Европските народни партии, не реагираат соодветно.