Oгромното здание во Лагадин меѓу интересот на инвеститорот и граѓаните и правната неефикасност

Автор: Никола Здравковиќ | пред еден месец | In depth

Пред точно една година 360 Степени истражуваше и објави, како претходната локална власт во Охрид поништи детален план и со т.н. општ акт ја претвори населбата Лагадин во село, што овозможи меѓу куќите да „никне“ хотел.

„Меѓутоа законот кажува дека со поништувањето на урбанистичкиот план треба да се донесе нов урбанистички план, а не општ акт“, рече тогаш Мирослав Котевски, жител на Лагадин.

Изградбата тогаш привремено запре, делумно под притисок на јавноста, делумно под притисокот на УНЕСКО за строга регулација на крајбрежјето.

„Се работи за свесна државно-мафијашка активност во злоупотреба на највредниот ресурс кој што во Охрид е суперпониран - тоа е просторот, природното благо и културното наследство“, рече тогаш Мирослав Грчев, архитект и урбанист.

Една година подоцна, во која се смени локалната власт, 360 провери - дали се смени и нешто друго?

Во време на снимањето на првата сторија за Лагадин, оваа градба одзади претставуваше само гол градежен скелет. Уште тогаш, дел од надлежните и од експертската јавност апелираа дека конечната форма на хотел - не смее да ја добие. Но денеска, една година подоцна, внатре се забележливи ѕидови кои формираат простории, а завршен е и делот каде е предвиден лифт.

На старото место се наоѓаме со стариот соговорник, Мирослав Котевски. Додека зад нас се протега спорното здание, зад Мирослав и мештаните на Лагадин се протега година помината во преписки со надлежните, година на многу затворени врати, но и протести пред прозорците на новата локална власт.

„Градоначалникот искажа спремност и се поларизираше на наша страна, рече дека апсолутно не’ разбира и дека сочувствува со проблемите и со тоа што го адресиравме со тој протест – и толку беше. Ние неколку пати потоа баравме состанок, да видиме што се случува, дури предлагавме да има нов урбанистички план, ние да помогнеме во негово правење и да се заборави тој општ акт, но не добивме никаков одговор од општината“, вели Котевски.

Трагајќи по одговори, и ние тропнавме на општинската врата. За разлика од лани, кога тогашниот градоначалник Бакрачески не ни отвори, новиот градски татко Јован Стојановски прифати да зборува. Тој беше на страна на лагадинци во предизборната кампања, кои сега му забележуваат што не се поништува општиот акт со кој Лагадин стана село, а со тоа и простор за ваква градба.

„Она што е надлежност на градоначалникот, ние тоа го исполнуваме цело време. Уште во време на претходниот градоначалник од кога е всушност и издадено одобрението за градење на споменатиот објект, се носат на препорака на Државниот инспекторат за урбанизам при Министерството за транспорт и врски решенија за ништовност на одобрението, и ние сме на иста линија дека со таа ништовност“, вели Јован Стојановски, градоначалник на Охрид.

Но, проблемот е што има несогласување во самите институции. Додека градежните и урбанистички инспектори се изјаснуваат изградбата да престане, второстепената комисија при министерството ја уважува жалбата на инвеститорот и одлучувањето го враќа во општинска надлежност. И така, веќе неколку пати. Стојановски вели дека општината секогаш одлучувала градењето да се стопира.

„Општината си реагира постојано и навремено, во склад со своите законски обврски и должности – испраќа инспекција која доколку утврди некои градежни активности кои не треба да се извршуваат, веднаш се стопираат и се поднесува пријава против него. Тоа цело време се прави, во континуитет. Две работи се во моментов ингеренција на општината – да одлучува правно, по одлуките на второстепената комисија и нејзината препорака повторно да го одобри решението, а во сите случаи се носело решение со кое одобрението е ништовно, и вториот правец на делување на локалната самоуправа е да испраќа инспекции на терен – во случајов, еден инспектор“, вели Стојановски.

Во Лагадин сепак не се согласуваат дека општината прави се што може, особено не кога е во прашање инспекцијата.

„Неколку пати отидов во градежната инспекција и градежниот инспектор, човек со 15-20 години искуство во градежништвото, ми вели “Знаете што, мене веќе 6 месеци не ми е предаден предметот за Лагадин.“ Јас ли сакате да ви го предадам предметот? Тоа е ваш проблем, во општината. Едноставно, избегнуваат да дискутираат за Лагадин, избегнуваат да го решат проблемот“, вели Котевски.

Најдобар доказ за нивното тврдење е што спорниот објект полека, полека се доградува. На пример, во моментот на снимањето на сила е одлука изградбата да биде запрена. Според кажувањата на Котевски, инвеститорот гради за време на викендите - кога не постои ризик да се појави било каква инспекција.

Како и лани, најголемата надеж на Котевски за навистина да запре градбата е Уставниот суд, кој пак веќе долго молчи.

„Општиот акт ние го дадовме и до Уставниот суд, на 6-ти април 2017 година. Повеќе од година и пол, скоро две години, општиот акт не е дојден на дневен ред во Уставниот суд. Зошто, не знам... се обидуваме да добиеме информација, но информација за такво нешто нема“, вели Котевски.

На одлука од Уставен чека и градоначалникот, бидејќи откако на првиот му успеа сега и други жители на Лагадин пројавуваат амбиција да го искористат општиот акт и да доградуваат нескладно со крајбрежниот амбиент.

„Се’ додека не е завршена постапката за законитоста на општиот акт, дотогаш тој е во сила. Тоа е едноставно одговорот. Ние не смееме да постапуваме спротивно на општиот акт. Кога Уставниот суд ќе ја заврши постапката и ќе оцени дека општиот акт е вон сила, во тој случај сите издадени одобренија се одземаат“, вели Стојановски.

360 се обрати и до уставните судии. Седницата закажана за оваа среда, повторно ќе помине без Лагадин на дневниот ред. Ни потврдија дека предметот е кај нив, но немаа коментар зошто веќе година ипол e на чекање.

Додека Уставниотуд молчи, став побаравме од стручната јавност. Повторно се обративме кај архитектот и урбанист Мирослав Грчев – мислењето дека за хаосот со надлежностите се виновни лошите закони, не му е променето. Она што е променето е дека експертското тело од кое и самиот беше дел, изготви нов Закон за урбанистичко и присторно планирање со кој треба да се регулира правниот хаос и да се заштитат ваквите подрачја.

„Тој сега треба само да помине на владина седница и да оди на Собрание. Меѓутоа, еве гледате, цело време се појавува нешто што ни е поважно – дали се тоа уставните промени, дали е тоа Договорот, или некои други “судбоносни“ прашања решаваме... а со домаќинлакот и судбината на нашиот простор и нашите населени места изгледа имаме помалку време и помалку внимание“, вели Грчев.

Навидум локалниот проблем на Лагадин од блиску го следи и граѓанската иницијатива “Охрид СОС“, која се занимава со заштита на охридското културно, историско и природно наследство.

„Одлучувањето на Уставниот суд е од голема важност поради тоа што како ќе се одлучи за овој објект, така веројатно Лагадин и понатаму ќе се развива. И не само Лагадин, ќе се развиваат сите делови во тој потег на Охридското езеро, каде едноставно се гради без жал, без да се има никаков обѕир кон тоа што Охридско езеро е заштитено од УНЕСКО како еден од најретките еко-системи во Европа и во светот“, вели Трајче Талевски од Охрид СОС.

УНЕСКО во една од своите 18 препораки за заштита на охридското подрачје, недвосмислено става до знаење дека е неопходно запирање на сите големи градби што го нарушуваат центарот и крајбрежјето на Охрид. Што ако препораките не се испочитуваат?

„Едноставно ќе се донесе акт дека Охрид и езерото се бришат од светското културно наследство, што можеби некој и го сака... тогаш веќе немаме никакви обврски кон УНЕСКО, немаме обврски да имаме некакви мораториуми за градба, и тогаш градот Охрид ќе се изгради онака како што некој сака да биде и го замислува, а не онака како што е оставен илјадници години наназад – со своите 365 цркви, со тврдината и сите свои културни и природни убавини...“, вели Талевски.

До крајот на годинава, Македонија и градот Охрид треба да поднесат извештај до УНЕСКО што е направено околу препораките. Лагадин е само еден од проблемите чие затворање не се наѕира.