Како треба да се воспитуваат децата, дали треба да се тепаат, дали родителството навистина се учи?

Автор: Славица Филиповска | пред еден месец | In depth

„Сељак еден!”

„Кој ќе го среди сега овој бучкуруш, ајде кажи ми кој ќе го среди ова?”

„Mагаре едно, само уште еднаш ако те фатам дека не пишуваш домашна.”

„Господ да те казни, да те однесе!”

Овие деца глумат за кампања, но нивните реплики се инспирирани од вистински случки.  8 од 10 родители со вакви методи ги дисциплинираат децата.

„Децата што имаат неколку различни типови на траума во детството, растат и стануваат возрасни лица кои имаат во просек 20 години пократок животен век.”, вели претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс.

Спротивниот пристап се нарекува позитивно родителство.

„Навистина  доаѓаат самите родители со информација до нас дека имаат потреба од стручна поддршка во дефинирање на нивното родителско водство.“, ни кажа предагог Алма Тасевска.

Сепак, некои родители го губат правото да ги израснат своите деца.

„Насилството кое не е радикално и не стигнува до вас (медиумите) е многу поголемо и ние и на тоа работиме.“, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Шеснаесет часот значи и врвулица од родители, баби, дедовци и деца пред градинките и училиштата. Додека образованието е доминантната активност во институциите, воспитувањето останува за дома. Но, многуте работни часови и стресот се почесто го кратат времето на родителите за децата. Ги прашавме родителите, како ги воспитуваат најмалите и дали родителството може да се научи?

„Сепак треба да се има и мајчински инстинкт,  меѓутоа се друго може да се научи.“

„Јас полека кажувам, а Андреј слуша така?

Да.

Низ љубов и разбирање, така?

Или тепање?

Неее, Никако.

Фала ви.

Ајде поздрав, чао, чао.“

„Трчаница од работа, трчаница да го земе детето, а еве го пет часот е веќе. Кај е воспитувањето за дете, сам за себе не може човек да се воспитува. Многу лоши времиња дојдоа.“, елат анкетираните родители.

Фондот за децата при Обединетите нации или УНИЦЕФ сака да ја крене свеста дека и родителството се учи. Претставникот на УНИЦЕФ во земјава, Бенџамин Перкс, лично се обидува да допре до секој родител со предавања низ цела Македонија.

„Како вид, човечките бебиња се многу позависни од родителската заштита од кој било друг животински вид, па кога не го добиваат тоа внимание, тие тоа го сметаат за ризик. Го активираат одбранбениот механизам за стресот и во нивните умови, и тоа се одразува на мозокот и развојот на телото, на возраст кога мора да имаат услови за здраво растење.“

Честопати, вели Перкс, однесувањето на родителите не е со лоша намера туку едноставно од незнаење како да се реагира.

„Пред еден месец, се вратив дома, во Лондон, во метрото се возев спроти две мајки, двете бебиња имаа класични бебешки однесувања, поставувајќи многу прашања барајќи комуникација. Eдниот родител одговараше. Кога бебето погледна и мајката погледна, кога бебето се помести и мајката се поместуваше. Другата ги игнорираше овие сигнали на бебето, го закопчуваше за да му биде топло. Таа го сака детето исто колку и другата мајка, но начинот на кој се справуваше со детето во моментот нема да овозможи детскиот мозок да се развива со иста опфатност. Затоа е важно ова знаење да се сподели со родителите, знаењето за детската стимулација, ангажираност, за родителите да знаат што да прават.”, советува Перкс.

Детскиот психијатар Марија Ралева уште подиректно објаснува дека однесувањето на родителите во првите неколку години од животот на децата, всушност, е моделот што потоа и самите деца го повторуваат.

„Навистина можат да бидат далекусежни последиците, да придонесуваме за развој на млада популација која честопати нема увид ниту во своите внатрешни доживувања, можеби ниту во доживувањата на другите, значи таа емоционална писменост, тој емоционален контакт со другите и нели се сооочуваме со многу побројни испади во секојдневието, многу повеќе агресивност меѓу децата, многу повеќе насилништво и многу повеќе деструкција во заедницата.“, објаснува Ралева.

Науката разликува четири воспитни стилови на родителство: авторитарен, попустлив, индиферентен и авторитативно-демократски.

„Најпосакуваниот родителски стил е авторитативниот родителски стил, кој во себе ги вклучува предностите на попустливиот стил на родители, коишто секогаш се топли, позитивни, емотивни, остваруваат една социо-емоционална атмосфера во домот, која е посакувана од секое дете. Така што, сметам дека една добра комбинација на овие позитивни карактеристики се преточени во авторитативниот родителски стил кој сметам дека е најдобар и поврзан со концептот на позитивно родителство би имале навистина родители кои ќе создадат генерации млади индивидуи кои ќе бидат успешни, среќни и задоволни пред се.“ вели педагог Алма Тасевска.

И да се натераат родителите да научат повеќе за воспитувањето на децата, нема многу места каде можат да го направат тоа. На пример, во склоп на градинките низ Македонија, постојат само 15 државни советувалишта за родители. И тие се засега само пилот-проект на министерството за труд и социјална политика. Ресорната министерка Мила Царовска вели очекуваат резултати за да се зголеми бројот на советувалиштата за развој на успешно родителство.

„Тие квалификации и компетенции кои треба да ги има еден воспитувач заеднички ќе ги искреираме заедно со синдикатите, со меѓународните организации и самите воспитувачи, за да после ги гарантираме како потребни за да може некој да се вработи. Не е само лиценцата, не е само факултетот, туку треба и други работи да се знаат за да може да се работи предучилишно образование. Но тоа е програма која во наредните 2 години ќе се работи ќе се стави во функција во нашата држава.“, тврди Царовска.

Според УНИЦЕФ, неопходни се силни институции за поддршка и на родителите и на децата во клучниот период од развојот на детето, до шестата години. Ако детето најмногу учи на возраст од три до шест години, тогаш државата мора да обезбеди сите деца на оваа возраст да бидат во градинка. Европскиот стандард за опфат со предучилишно образование е 98 проценти. Во Македонија, сликата е поинаква. Поради недостиг на градинки, во речиси половина држава опфатот на децата во предучилишно образование е под 25 отсто. Ова е најизразено во Западна Македонија. Останатите општини во поголем дел се со 50 проценти опфат на децата во градинки. Само единаесет општини стигнуваат до 70 отсто покриеност. Нема општина што се доближува до европскиот стандард.  

„Последната програма која со Светска банка заеднички ја добивме, се добија 30 милиони евра ифраструктурни во детска и социјална заштита и тоа ќе значи првите големи градинки во Македонија после претходниот систем во оваа држава. Во Југославија се граделе најголемите капацитети, после се граделе ситни објекти, но никогаш вистински градинки и токму ние како Влада интензивно во изминатата година 2017-2018 имаме 24 објекти, проширени и нови, специфично во рурални средини, затоа што децата од руралните средини воопшто и да немаа пристап.“, уверува Царовска.

Некои мајки и татковци, сепак, привремено или трајно, ќе го загубат правото да бидат родители на своите деца.

Годинава во Македонија родителското право е трајно одземено во три случаи, а за уште три се води постапка. Социјалните служби ги одземаат децата по пријава дека врз нив се врши физичко насилство и откако тоа ќе се докаже. Но, она што многу потешко се докажува е психичкото насилство.

Дури и детето да не е жртва туку само сведок на насилство во домот, и тоа е погубно за неговото здравје и развој, вели Перкс.

„Глобално, едно од четири деца расте во ситуација каде е сведок на насилство меѓу родителите. Екстремно стресно е за дете да расте гледајќи го тоа, го повредувa нивниот развој и создава еден вид токсичен стрес што влијание на нивната способност за учење и развој и има влијание на нивниот физички и интелектуален развој.“

И додека државата се уште е на тест за промена во начинот на делување, стручните лица ги советуваат родителите навреме да ја преземат работата во свои раце.

„Дури и пократко време да се минува со децата, ако се минува доволно квалитетно многу значи и му нуди на детето можност и поттик за натамошниот развој.“, советува детскиот психијатар Марија Ралева.

„Дефинитивно, треба да ги отвориме и нашите ментални пристапи во тоа дека и родителството навистина се учи.“, додава педагог Алма Тасевска.

Ќотекот, сепак, не е излезен од рајот.