Мекки за случајот Груевски: НАТО има високо ниво на доверба во владеењето на правото во Скопје

Автор: Владимир Мирчески | пред една недела | In depth

Владимир Мирчески во Брисел направи интервју со Џејмџ Мекки, директорот за европски и глобални прашања во НАТО и шеф на преговарачкиот тим на НАТО со Македонија. 

Како напредуваат пристапните преговори на Македонија и дали постојат некакви отворени прашања и слаби точки покрај Договорот од Преспа?

- Сметам дека пристапните преговори се движат многу добро, имавме бројни формални сесии меѓу Владата и меѓународниот тим овде во седиштето на НАТО, најмногу од нив беа во октомври и оттогаш сме фокусирани на подготовка на планот за продолжување со реформите, што е клучниот документ што Владата мора да го поднесе кога ќе се потпишува пристапниот протокол. Ова е главното поле на кое работевме од октомври – да ги идентификуваме клучните области за кои Владата се заложи дека ќе продолжи со реформите по потпишување на пристапниот протокол.

Имајќи ги предвид јавно објавените информации за обиди на Русија да се инфилтрира во безбедносните и разузнавачките структури во Македонија, Ве прашувам дали ова прашање и во кој обем е дел од пристапниот процес?

- Еден од клучните елементи да се биде добар НАТО-сојузник е да се има силна безбедносна служба. Очигледно, имаме длабок процес на консултации со службите во Скопје, разговараме за низа предизвици со кои се соочуваат на бројни различни фронтови. Имавме проблеми во минатото со надворешно мешање во пристапниот процес кон НАТО, така што научивме бројни важни лекции, а имаме и бројни начини за работа со земјите-аспиранти за да им помогнеме да се справат со овие предизвици.

Македонските власти ја објавија идејата за „ветинг“ на безбедносните структури. Дали сте запознаени со оваа иницијатива?

- Како што кажав, разговараме со Владата во Скопје за да го најдеме најдобриот начин за напредок во реформите и најважно е да осигураме дека НАТО-сојузниците имаат висок степен на доверба во разузнавачките и безбедносните служби во време кога земјата ќе стане членка на Алијансата, бидејќи тоа им дава право на пристап до класифицираните информации на НАТО. Тоа е процес што се случува одредено време и не е нешто ново, но она што  го направивме е тоа што работевме со властите во Скопје за да бидеме сигурни дека ги преземаат сите потребни чекори за да покажат солидни резултати и да докажат дека постои тој висок степен на доверба со сојузничките служби.

Доколку ратификацијата на договорот од Преспа помине во Македонија и Грција според планираното, кога можеме да очекуваме да биде потпишан пристапниот протокол и кога можеме да очекуваме Македонија да стане полноправна членка на Алијансата?

- Не ја знаеме точната временска рамка, бидејќи е прашање на политичкиот процес во Скопје и во Атина, но според зборовите на лидерите на двете земји или барем како што слушнавме од Скопје, се надеваат дека имплементацијата на Договорот од Преспа да заврши до средината на јануари. Тоа тогаш ќе ни овозможи во НАТО да одиме кон потпишување на пристапниот протокол. Немаме многу јасна слика за временската рамка во Атина, бидејќи уште чекаме да се случи првиот дел на тој процес во Скопје. Но она што го знаеме, по потпишување на пристапниот протокол, базирано на претходното искуство – вообичаено се потребни 12 до 14 месеци за парламентите на сите сојузници да го ратификуваат пристапниот протокол. Ако, на пример, го потпишеме пристапниот протокол до крајот на јануари или почетокот на февруари 2019 г., би рекол дека до февруари-март 2020 г. би можеле да очекуваме земјата да стане членка на Алијансата. Но, тоа е само теоретски, деталите за точното време се уште треба да бидат сработени.

Еден од фокусите на министерскиот состанок ќе биде руската поставеност кон НАТО. Видовме многу изјави од руски амбасадори кои се однесуваат на интеграцијата на Македонија во НАТО. Дали на овие изјави гледате како на јасна закана за интеграцијата на Македонија во Алијансата?

- Мислам дека Руската Федерација има јасни позиции и тоа е нивно право, но на крајот од денот ние не и дозволуваме на Русија или која било земја, трета страна, да има вето на интегративниот процес. Она што е важно за нас е мислењето на НАТО-партнерите и на земјата-кандидат. Она што го слушаме од политичките лидери во Скопје и она што го имаме видено од многу парламентарни иницијативи е дека има многу солидна поддршка во земјата за членството. Нам тоа ни е најважно. Ние веруваме дека секоја земја има право да ги одбере безбедносните аранжмани. Ова е тоа што земјата ни вели дека го сака, НАТО-партнерите одговараат позитивно и сега се движиме кон таа заедничка цел.

Пред неколку часа го прашав генералниот секретар во однос на случајот со Никола Груевски, поранешниот премиер кој побегна во Унгарија. Од перспектива на владеење на правото и кредибилитетот на НАТО, како гледате на бегството на Груевски преку две земји-членки на НАТО, за конечно да најде „засолниште“ во Унгарија, исто така членка на НАТО?

- Мислам дека е прерано да се шпекулира за тоа, бидејќи очигледно има процедури што се во тек. Навистина не би сакал премногу да коментирам за детали. Очигледно има истраги и дискусии за тоа. Мислам дека она што би можеле да го кажеме е дека имаме високо ниво на доверба во владеењето на правото во Скопје. Веруваме дека земјата прави многу позитивни чекори за отчетноста, транспарентноста и професионалноста на судството. Веруваме дека има солиден процес на справување со обвинувањата за криминал. Ова не е земја за која имаме загриженост за владеењето на правото.

Опозицијата во Македонија и натаму не го прифаќа Договорот од Преспа, кој сега е клучен за интеграцијата во НАТО за Македонија. Како го коментирате ставот на ВМРО ДПМНЕ, со оглед на можноста некогаш да станат владејачка партија? Како мислите дека ќе можете да функционирате со нив, вие како претставник на НАТО?

- НАТО секогаш соработува и секогаш ќе соработува со сите политички актери во земјата. Ние не соработуваме само со луѓето со кои сме соработувале или, пак, да соработуваме само со некои политички партии. Ние соработуваме со сите политички актери во земјата и тоа ќе биде така и во иднина. Во однос на Договорот од Преспа останува на сите политички чинители во земјата да одлучат за иднината. Она што му е важно на НАТО е дека имаме јасна понуда на маса за земјата, а тоа е ако земјата го имплеметира Договорот од Преспа, ние ќе напредуваме кон внесување во НАТО. Земјата ќе стане членка на НАТО по имплементацијата на Договорот од Переспа. Тоа е позицијата на НАТО, понудата е на маса, останува на сите политички чинители во земјата самите да одлучат дали тоа е доволно добра понуда за нив за да одат напред. Лично мислам дека е. Мислам дека е историска можност за земјата да напредува, да стане членка на НАТО и да ги обезбеди државните граници за во иднина.