Тарифа од 4 илјади евра за вработување во админстрација? Манчевски најавува жестоки казни

пред една недела | Дебати

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во дебата на „360 Степени“ одговараше на сведочењето од генералниот секретар од синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски, изнесено на јавен настан според кое и во мандатот на актуелната власт се плаќа за вработување во администрацијата.

- Пред две недели човекот ме информираше, беше премногу вознемирен, ми кажа дека интервенирал да биде вработена кај него во институција ќерка на фамилијарна пријателка. Тој ме информираше дека и да не интервенирал ќе била вработена бидејќи имала положено административен испит, сите посебни и општи услови за вработување ги исполнувала. Кога се вработило лицето, дошла нејзината мајка и во плик му дала 3 илјади евра, со извинување дека нема 4 бидејќи тарифата за вработување моментално во јавната администрација е 4 до 6 илјади евра - рече Деаноски.

Министерот Манчевски најави дека ќе го разгледа случајот.

- Ќе ги обезбедам конкретните податоци и овој тип на однесување е апсолутно неприфатлив и лично ќе се заложам да биде жестоко казнет, согласно законските постапки и процедури. Значи, кој сака нека е, оваа влада нема да толерира таков тип на однесување, и ги охрабрувам сите граѓани коишто се соочиле со ваков тип на проблем, веднаш тоа да го пријават во соодветен орган. Ако немаат доверба, можат тоа анонимно да го прават, постојат и такви начини на пријавување. И тука ама апсолутно нема дискусија на таа тема - рече Манчевски.