Која е позадината на случајот со 11-те милиони евра во Монако замрзнати на барање на обвинителството

Автор: Александар Димитриевски | пред 4 месеци | In depth

Во петокот, Јавното обвинителство за гонење организиран криминал објави дека замрзнало 11 милиони евра на сметки во Монако. Парите префрлени во кнежеството потекнуваат од продажбата на фирма, која има ексклузивна лиценца за јавна услуга за цела Источна Македонија до 2034 година - да врши дијализа за бубрежно болни, а за што за возврат добива пари по услуга од Фондот за здравство. 

Ова ретко замрзнување на толкава сума пари се случува само неколку недели по продажбата на македонската фирма концесионер Метрополитен на шведски Диаверум. А токму во тие недели се случија – бегството на Никола Груевски и притворањето на Сашо Мијалков - меѓу другото затоа што имал 11 милиони евра на две сметки кои формално не биле негови, но имало сознанија дека ги контролира. 

Извори од истрагата се децидни дека замрзнувањето на 11 милиони евра во Монако немаат никаква врска со основите во барањето за притвор на Сашо Мијалков. Но, тоа не значи и дека обвинителството ја исклучува можноста дека високи функционери од претходната власт имаат врска со замрзнатите пари. Причините можат да се најдат на повеќе места. 

Според податоците од Централниот регистар, компанијата Диамед Македонија која ја нуди дијализата во име на државата, е во сопственост на компанијата Метрополитен. До неодамнешната продажба, газди на Метрополитен биле лицето Вера Иванова и фирма без познат сопственик од Дубаи – Смарт Холдинг Лимитед. Вера Иванова се јавува како управител во повеќе друштва, меѓу кои и ДИАМЕД Р.С., каде сопственик е 21-годишниот Филип Иванов. Филип Иванов пак е газда во уште една фирма- Метро Медикал, каде бизнис партнер му е Ристо Новачевски, кум на екс премиерот Никола Груевски од неговиот прв брак. Со исклучок на фирмата од Шведска и од Дубаи, сите останати компании во мрежата имаат седиште на иста адреса – Јадранска Магистрала бр. 100 во скопско Визбегово.  (завршува графика) 

Вера Иванова викендов јавно се изјасни дека „ниту едно друго лице, освен мене, во ниту еден момент, немал никаков удел во сопственоста, ниту во основањето на „Диамед Македонија“. Денеска не успеавме да добиеме потврда дали тоа значи дека и компанијата во Дубаи е сопственост на Иванова, но и каква е соработката со фирмите на истата адреса, меѓу кои и таа на кумот на Груевски. 

Сите овие релации и сомнежи, кои сега допреа до обвинителството, во повеќе текстови ги отвори новинарката Ирена Мулачка од неделникот Фокус. Таа пишува уште од моментот на избор, кога Орка Холдинг на Орце Камчев добива лиценца за западот на Македонија, а фирмата на Вера Иванова за истокот од земјата.

„ Западот го доби, повеќето центри за дијализа во градовите, Систина на Орце Камчев. Истокот го доби фирмата Метрополитен, во тој момент беше Метрополитен чиј сопственик тогаш беше Вера Иванова. Значи тоа остана вака, Орце Камчев познат во јавноста како што е познат бизнисмен и се и во тој период близок до власта на Груевски, меѓутоа беше прашањето која е другата фирма? Бидејќи, со оглед на тоа дека кај нас како што функционираат работите значи секогаш фирмите, барем тие што се блиски до Владата, добиваат тендери и од тука беше мојата почетна точка да видам која е баш фирмата која ја доби другата концесија.“ – вели новинарката Ирена Мулачка од Фокус.

Мулачка вели дека во повеќе наврати добивала информации дека зад Метрополитен стои кумот на Груевски. Но, единствените релација со која можела да го поврзе се случува подоцна. 

Со тек на време кога веќе почнаа бомбите, тогаш неговото име почна да се поврзува со фирми во странство. Во кои се фирми тој бил, преку Груевски за плацовите на Водно и други работи. Тогаш, бидејќи никогаш не можеме неговото име да го најдеме во централен регистар, единствена поврзаност што јас ја открив е новата фирма. Ми кажаа дека ќе отвора нова фирма, мислам дека Метро Медикал беше фирмата, заедно со синот на Вера Иванова ... Од тука, јас после толку време, никој не може да ме убеди дека Ристо Новачевски не седи во позадина на таа фирма и дека кумот на Груевски не ја добија концесијата благодарение на него. 

360 Степени се обрати и до заедничката фирма на Новачевски и Иванов. До објавувањето, не добивме повратен одговор дали освен заедничка адреса и тесни роднински врски, постои и деловна соработка со фирмите каде сопственик е Вера Иванова. Подолго време тоа го правела и Мулачка, на која не и е докрај јасно, зошто баш сега случајот доби внимание од институциите.  

„Зошто баш сега, после година и пол, не верувам дека они година и пол било што истражувале па сега на обвинителство му текна. Мислам дека исто е поврзано со последните случувања и со бегството а и убаво знаеме дека во Монако е синот на Сашо Мијалков, студира таму. Така што ... “ 

А со студии во Монако не е поврзуван само синот на Мијалков. Пред точно една година, ВМРО-ДПМНЕ демантираше текст во Слободен Печат кој пак се повика на новинарот Бобан Нонковиќ, дека Никола Груевски е на докторски студии во Монте Карло, една од четирите области во Монако. Во демантот сепак напишаа дека:

„Никола Груевски пред повеќе години имал понуда за стипендија за докторски студии на Меѓународниот универзитет Монако, која првично ја прифатил, но веднаш потоа се откажал заради проценка дека нема да може истовремено да ја извршува државната функција и да има чести патувања и отсуства од земјата и работата, а поврзани со докторатот.“ – соопштија од ВМРО-ДПМНЕ на 20.11.2017 година.

Партиското соопштение сепак не понуди детали, со што Груевски ја заслужил честа да биде поканет да стане докторанд на универзитетот во Монако. 

Поважни ќе бидат наодите на обвинителството за позадината на префрлањето на парите во Монако, на чија сметка или сметки легнале парите, а и – како се случи светски реномирани компании да бидат исфрлени од игра за центрите за дијализа, за сметка на избраните фирми.