Истражување: колку се безбедни детските играчки во Македонија?

Автор: Хекуран Акифи | пред 2 недели | In depth

Жолтото пајче е една од најкупуваните играчки во светот. Со децении наназад  речиси нема дете кое не било капено со оваа навидум безопасна играчка. Освен бучавата која, како што видовте од тестирањето, ги надминува дозволените 85 децибели и може да му наштети на слухот, внатрешноста на оваа играчка крие нова опасност.

Ова пајче е ново. Но, еве како изгледа иста таква играчка по кратка употреба.

Здружението  „Новинари за човекови права“ неколку години го анализира пазарот на детски играчки во Македонија. Со нив тестиравме уште неколку навидум безопасни играчки.

„Тука се и оние играчки за кои што говоревме дека не ги задоволуваат физичките аспекти од безбедност, а тоа е дека косата гледате воопшто не потегнав и косата паѓа што значи дека детето, бебенце или девојченце од 2 -3 години ја става во уста.На куклата има ситни, не знам што се овие, монистри некои кои што лесно се вадат се кинат се ставаат во уста, со самото тоа што е мека играчкава говори дека содржи фталати кои што исто така имаат многу негативно влијание врз здравјето на децата.Исто така нема никакво објаснување за бојата со која што се фарбани овие чизми, најмногу ми пречи што нема апсолутно никаква информација за составот на играчките.Еве јас сега ќе ви прочитам што пишува овде-Детска играчка пајчиња, состав пластика, потекло Кина, наменето за деца над 6 месеци, внимателно производот да се чисти само со влажна крпа, отстранете ги сите делови од пакувањето пред да му ја дадете играчката на вашето дете.Неопходен е надзор од возрасни лица,спецификации бои и содржини можат да варираат од илустарции.Увозник тој и тој, извозник тој и тој, адреса, зачувајте го упатството за понатамошна употреба...Што ви значи која е информацијата за составот на играчката, значи инсистираме баркодовите да ги содржат сите потребни информациа за играчките.А да пробаме? Ајде да се обидеме. Во Германија, на пример, има неколку такви страници каде што вие како клиент го купувате производот го скенирате и ги читате сите информации, доколку нема можете да побарате од клиентот да ве информира. Тој е должен во рок од 45 дена да ви ги испрати сите информации потребни за составот на производот.Значи нема ништо“, вели Наташа Доковска од здружението „Новинари за човекови права“.

Доковска вели дека над 80 % од тестираните играчки кај нас ги надминуваат дозволените 85 децибели на бучава пропишани од Светската Здравствена Организација. Уште полоши, вели, се резултатите за токсичноста на играчките - од 150 тестирани играчки кај 95 имало елементи на токсичност.

„Во Македонија повеќе од 70% од играчките се небезбедни еколошки пред се, а тоа значи дека имаат штетно влијание врз здравјето и психофизичкиот развој на децата“, вели Доковска.

На македонскиот пазар на играчки, над 95% се увезени од Кина, а останатите 3 до 5% се претежно од Грција и од Турција.

Од Организацијата на потрошувачи апелираат надлежните инспектори почесто да го проверуваат пазарот со детски играчки, а купувачите внимателно да ги читаат декларациите, истовремено внимавајќи и од каде ги купуваат играчките.

„Се уште сметаме дека контролата на пазарите на отворено не е доволна и таму немаме некоја контрола. Тука е една темна бројка која ние не ја знаеме во која што може да има доста небезбедни производи како детски играчки“, вели Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на РМ.

На пазарите навистина има многу детски играчки. На купувачот му е тешко од прва да го препознае квалитетот на дел од нив. Очигледно пресудна е цената.

На прв поглед и во продавниците не правите никаква разлика меѓу детските играчки кои се продаваат тука или по пазарите. Сепак, изборот е поголем, но и времето да се прочита декларацијата е подолго.

Но, како да се одбере безбедна и квалитетна детска играчка ?

Во Европската унија веќе извесно време функционира РАПЕКС, систем за предупредување кој овозможува брза размена на информации меѓу 31 земја за опасни хемикалии кои се наоѓаат во производите, вклучувајќи ги и детските играчки. Пребарувајќи го овој систем за да провериме кои играчки се посочени како опасни и се бара нивно повлекување од сите продавници во ЕУ, пронајдовме една од куклите што ја купивме на пазар во Скопје.

Нашата соговорничка Доковска вели дека дел од забранетите играчки од Рапекс листата можат да се пронајдат и во нашите продавници.

„Таму истиот баркод го има, и кога ќе ги прашам зошто, велат - затоа што ние немаме обврска да ги следиме препораките на Европската Унија. Значи, дозволуваме да ловиме во матно и на штета на сопствените деца. Јас прашањето често пати кога го упатувам до надлежните институции прашувам што се нашите деца помалку вредни помалку важни од децата на Европска унија?“, вели Доковска.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат на Македонија на својата веб-страница објавува листа на опасни и забранети играчки која ја ажурира на секои три месеци, за разлика од Рапекс листата која неделно ги апдејтира податоците.

Од Државниот инспекторат велат дека испитувањето на исправноста на играчките е особено тешко во пресрет на новогодишните, божикните и велигденските празници кога увозот на играчки е најголем.

„Ние имаме од нашата анализа на контрола на ризик дека увоз од одредени земји изискуваат секоја втора играчка да биде исконтролирана, се трудиме да влеземе и да го исполниме тој момент... Ако тоа не сме во можност да го направиме при увоз тогаш го правиме со редовни и вонредни акции од промет, што значи се земаат мостри од играчките од магацините на увозниците и од продавниците што се достапни за купување“, вели Ирина Сотирова Бухова, директорка на ДСЗИ.

Годишно во нашата држава се увезуват околу 1,5 милиони килограми играчки. Од Царинската управа велат дека за увоз на овие производи е потребна согласност за царинење од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Во царинскиот склад снимивме запленети фалсификувани детски играчки. Нашиот соговорник вели - до таму се нивните ингеренции за овие производи.

„Царинска управува постапува согласно Законот за превземање на царински дејства за заштита на правото од интелектуална сопственост и доколку таа стока ги повредува правата од трговските марки, таа стока се уништува. Додека за квалитетот и критериумите, надлежни се Министерство за здравство, односно Државниот санитарен и здравствен инспекторат“, вели Семир Муса од Царинската управа на РМ.

„....Ние сепак мораме да си ја заштитиме нашата граница и нашата држава и нашите граѓани со тоа што ќе бидеме многу предострожни и нашите инспекциски органи надлежни за оваа област секоја недела, секој месец, како се објавува листата на Рапекс така треба и овде да ја објавуваме... Сметам дека многу е битно ние да имаме еден таков увид и контрола во оваа област““, вели Маријана Лончар Велкова од Организацијата на потрошувачи на РМ.

Оние кои според статистиката најчесто купуваат ситни играчки се бабите и дедовците. Ги прашавме - дали знаат колку играчките можат да бидат опасни?

1.„Прво и прво треба да се забранат многу играчки. Значи, тие со ситни работи, па и оние киндер јајца. Дали мислите дека доволно ги штитиме децата од играчките? Не, мислам ние сме први што треба да гледаме што да донесеме дома, што да примиме за поклон и дали треба да му се даде тоа на детето“.

2.„Најпрво декларацијата, потоа цената и изгледот“.

3.„На нашиот пазар дали мислите дека има опасни детски играчки? Има. Верувајте дека има, затоа што на секоја втора играчка нема да видите декларација, а посебно состав нема да најдете што е најбитен затоа што тие од нафтени формалдехиди не може да ги прочитате нигде, а тоа е опасно за дете“.

И навидум безопасните тетоважи во некои од мастиките кријат закани - содржат премногу олово, потврдуваат анализите кај нас, а се и на Рапекс листата на опасни производи за деца.

Ви ги презентиравме опасностите од одредени играчки на пазарот како и предупредувањата за крајна внимателност за да се одбере квалитетна и безбедна играчка. Но, што сме постигнале ако нашите мобилни и таблети дозволиме да станат најинтересната играчка во рацете на нашите деца. Помислуваме ли дека можеби токму тие се најопасната „играчка“?!