Дали Тиранската платформа му помогна на Никола Груевски да добие азил во Унгарија?

пред 2 недели | Дебати

Зоран Дранговски, претседател на Македонското здружение на млади правници, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за бегството на Никла Груевски и добиениот азил во Унгарија.

- Груевски сега има статус на признаен бегалец. Тоа не го знаеме официјално, меѓутоа по неговата изјава и по изјавата на официјалните лица, тој има добиено меѓународна заштита и има статус на признаен бегалец, заради тоа што успеал да докаже дека има оправдан страв од прогон. Тоа е главната дефиниција, затоа што во секој систем на азил за да докажете и да добиете таков статус, има точна дефиниција на бегалец. Оправдан страв од прогон значи дека мора да докажете дека вие заради вашата вера, раса, националност, припадност на одредена социјална група или политичко убедување, имате оправдан страв од прогон во вашата земја или пак во земја во којашто имате вообичаен престој. Со самата одлука на унгарските власти да му доделат на Груевски таков статус, тоа значи дека тие од нивната постапка ценеле дека тој ги исполнува елементите од оваа дефиниција и затоа му е доделен тој статус - рече Дранговски.

Тој рече дека при одлучувањето во постапката за азил, властите на земјата во која се бара азилот не смеат да контактираат со земјата на потекло и единствено може да се служи со изјавите и доказите на барателот на азил и меѓународно допстапните информации за земјата, што значи дека извештаите на ЕК од изминатите години каде е нотирана селективна правда одат само во прилог на Груевски, како и дека не очекува екстрадиција.

- Државата не смее да екстрадира човек на кого што му дала меѓународна заштита. Според мене, во моментот кога Груевски добил статус веќе тоа барање за екстрадиција се смета за комплетно незначително во делот на неговите постапки. Штом државата на некој човек му даде меѓународна заштита, не смее воопшто за тој случај да преземе никакви мерки да го врати во земјата на потекло - рече Дранговски.

Тој кажа дека според законот за азил во Унгарија, на секои 3 години се преиспитува дали се уште постојат околностите и фактите поради кои лицето го добила тој статус, но тоа е одлука на властите.

- Груевски треба да биде минимум 3 години со ваков престој за да може да бара унгарско државјанство, но со овој статус е прилично изедначен со државјаните. Сега има право на лична карта и патна исправа, со која би можело да патува во други земји, но не и во земјата на потекло - рече Дранговски.

Тој зборуваше и за меѓународната потерница, и што би се случило доколку тој се појави во било која друга земја.

- Интерпол од 2015 година дава препорака на државите да проверат дали лицето за кое има меѓународна потерница ужива статус на признаен бегалец и да го ослободат, па дури и да не ја известат земјата која ја распишала потерницата - рече Дранговски појаснувајќи дека се дава поголема верба на тие кои го уживаат овој статус за да бидат заштитени, отколку на државите кои ги бараат.

Тој рече дека Груевски морал во постапката пред унгарските власти да објасни зошто не поднел барање за азил во земјите низ кои поминал, на пример - Албанија, која била првата земја во која што избегал.

- Сите земји во регионот се прогласени за безбедни трети земји, според унгарските власти, меѓутоа индивидуално би морал да докаже зошто Албанија за него не е безбедна, или зошто не се безбедни Србија или Црна Гора. Меѓутоа, откако влегол веќе во Албанија, после тоа откако побарал азил во амбасадата, неговата постапка за азил се претпоставува дека почнала од моментот на поднесување на барањето во Албанија. Така што поминувањето низ Црна Гора и Србија се смета за ирелевантно - рече Дранговски.

Тој посочи дека е вообичаено издавањето на пасаван, односно привремена патна исправа. Тоа се случувало и во амбасади во Македонија за свои државјани.

Дранговски рече дека е голема веројатноста Груевски веќе никогаш да не дојде во Македонија.