Исмајлоска-Старова: Не гласав поради Мијалков, туку поради тоа што верувам во ова

пред 2 недели | Дебати

Пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, една од 8-темина опозициски пратеници што гласаа „за“ во првата фаза на уставните измени, во интервју за „360 Степени“ зборуваше за изјавата дека притворањето на Сашо Мијалков, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски не оди во процесот на помирување, и дали ова значи дека таа нема да гласа за уставните измени во третата финална фаза.

- Не значи тоа, туку ја покажувам само загриженоста од процесите коишто се случуваат, дали ќе гласам зависи од севкупниот процес, како ќе се дефинираат уставните амандмани после јавната расправа којашто следува после први декември што е многу важно, поради тоа што ја уклучува и експертската јавност, граѓанскиот сектор, коишто имаат свое мислење во однос на овие процеси, но секако дека и помирувањето е важен дел и мислам дека сите институции треба да бидат внимателни да не наштетат на тој дел од овој процес - рече Исмајлоска-Старова.

Таа е децидна дека ова не е мешање во работата на обвинителството и судовите и вели дека има и други начини за осигурување на присуството на обвинетите.

- Не може поради поведението на еден човек да се наметне тоа на други луѓе - рече Исмајлоска-Старова.

Таа рече дека има и други начини за да се осигура присуство, како на пример со имотни гаранции и кауции.

- Притворањето го вознемирува севкупниот процес, и луѓето коишто можеби соработувале, нивната вина не е докажана, мора да дозволиме пресумпција на невиност, и дополнително поради тоа што верувам дека притворот не треба да биде казна. Тоа се пораките и од меѓународната заедница, но биле и пораките на СДСМ додека беа во опозиција - рече Исмајлоска-Старова.

Таа одговараше и на прашање за гласините дека Сашо Мијалков имал улога во обезбедувањето на осумте опозициски гласа, коишто го обезбедија двотретинското мнозинство во Собранието, и дали гласала затоа што тоа и го побарал Мијалков.

- Не. Гласав поради тоа што верувам во ова. Од тоа што го познавам, заедно сме биле членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, знам дека и неговите ставови биле за ова, но навистина, мислам дека овие теории на заговор или желба за ексклузива што постојат во јавноста... осум луѓе сме гласале како возрасни и свесни луѓе - рече Исмајлоска-Старова.

Таа рече дека пред гласањето немала средба со Мијалков. На прашање за проценка во овој момент, таа рече дека е поблиску до глас „За“ уставните измени во третата фаза, отколку за глас „Против“ или глас „Воздржано“.