И треба ли итна помош на Итната помош

Автор: Петар Клинчарски | пред 2 недели | In depth

- Брза помош повелете, како можеме да ви помогнеме? 

Овој вообичаен одговор од кол-центарот во Итната помош го добил и 80-годишниот скопјанец Боро Теменугов. Се јавил поради силни болки во градите и грбот, но добил само телефонски совет. 

- Они велат од таму не е тоа инфаркт, имаме похитни случаи, не можеме да дојдеме – раскажува Теменугов.

 Кој и како врши селекција на повиците?

- Лекарот кој е на телефон проценува дали на граѓанинот му е потребна наша помош или дава соодветен совет или препорака каде да се јави самиот пациент, објаснува Маргарета Атанасовска – Трипуновска. 

 Може ли по телефон да се решава за живот и смрт? Или тоа е последица на недоволен капацитет? 

- Најголемата потреба од зголемување и на техничкиот и на кадровскиот потенцијал на итната медицинска помош е во Скопје, вели директорот на ЈЗУ – Скопје, Злате Мехмедовиќ. 

И треба ли итна помош на итната помош?

 Вторник, 25 септември 2018-та година. Ова е денот кога Боро Теменугов три пати ѕвонел на телефонскиот број 194. Високиот крвен притисок, неподносливата болка во градниот кош и кичмата упатувале на инфаркт. Симптомите и искуството од пред 6 години, кога доживеал еден срцев удар, го натерале да ја побара Итната помош.  

- Ми рекоа да се напијам диазепам. Се напив диазепам и рече после пола саат ќе мора да му се смират болките. Не се смирија болките, после саат и половина чекавме да помине повеќе време, се јавивме пак... Околу 4 часот бидејќи градите почнаа повеќе да ме стегаат, они велат од таму не е тоа инфаркт, имаме похитни случаи не можеме да дојдеме. Да знам која приватна клиника има Брза помош би можела да дојде јас ќе се јавев, па колку и да чини нека чини – вели овој скопјанец. 

 При трите повици докторите го советувале да се напие диазепам и апчиња за мокрење за да го спушти притисокот. Но, ништо од тоа не помогнало. Откако неговиот син се вратил од работа и ја видел критичната состојба, веднаш го однел на Клиниката за кардиологија.

- Во Кардиологија во чекалната додека чекав на ред, толку ме стегнаа градите и грбот да доживеав инфаркт тука. Не се онесвестив да паднам во чекалната, бидејќи одма ме земаа во собата 111, направија ЕКГ и одма ме однесоа на интензивна нега – се сеќава Теменугов. 

Докторите му вградиле втор стент и по една недела лекување го пуштиле дома. Приказната на Теменугов беше повод да провериме: дали станува збор за инцидентен случај или пракса?  

Итната медицинска помош во Скопје е стационирана веднаш до Поликлиниката Букурешт. Тука е и централата во која стигнуваат сите телефонски повици од главниот град. Докторите на смена прават проценка од кој степен е повикот. Неретко се завршува со совет по телефон. На терен се излегува само ако проценката вели дека повикот е од прв степен – што значи дека веднаш треба да се интервенира, или од втор степен – дека може да почека, но по извесно време да добие помош.

Ваквите повици за интервенција се пренасочуваат и до пунктовите во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Чаир“, во зависност од адресата на повикот. 

Тоа значи дека централата и двата пункта опслужуваат повеќе од 700 илјади граѓани во Скопје. Слабата покриеност на теренот ја потврдува и статистиката до која стигнавме со барање за пристап до информации од јавен карактер. Во периодот од 1 до 10 октомври се регистрирани 2.055 повици, од кои со теренска посета е одговорено на 903 или 44 отсто. Повеќе од половината -1.146 повици завршиле со совет по телефон.

- Со оглед на тоа колку возила имаме, не можеме комплетно да ги задоволиме потребите, ние се обидуваме, во опсег 8-9 возила имаме на смена. Во принцип, гледаме каде секаде треба да покриеме, се што е потребно, итното веднаш се покрива. За 24 часа во просек имаме од 100 до 120 повици. Тоа не е мала бројка, тоа се повици, кои се селектирани да речам и кои се за итна медицинска помош – рече Маргарета Атанасовска – Трипуновска, шеф на смена во Итната медицинска помош. 

Пред 3 години, Министерството за здравство отвори неколку пунктови во општините и селата во околината на Скопје, за итната помош да биде подостапна за граѓаните. Денес голем дел од нив не работат. Покрај Драчево, Ченто, таков е случајот и со пунктот во поликлиниката Ѓорче Петров, но и во селото Глумово во општина Сарај, каде наидовме на заклучена врата.

- Ова табла е поставена само, а брзата помош нигде ја нема. – Колку време е вака? – Скоро година дена, вели еден жител на Глумово.

- Пред 3-4 месеци се удави жена. Брза помош овде има? Нема, нема кој. Нема, затворено е – револтирано објаснува друг жител. 

 Пунктовите исчезнуваат поради недостиг на кадар. Според планот, во Скопје треба да има 62 тима. Но, 10 доктори се на специјализација, 7 користат боледување, па така се доаѓа до бројка од 45 тима, кои се поделени во 5 групи по 9 екипи во смена. Но, со оглед на тоа што двајца лекари ги примаат повиците во диспечерскиот центар, на терен функционираат по 7 тима. Ова е далеку под европскиот просек, признава директорот на Јавната здравствена установа Скопје, Злате Мехмедовиќ. 

- Од една страна го задржавме кадровскиот потенцијал, од друга страна изгубивме да даваме квалитетна специјалистичка здравствена заштита во специјалистичка служба на град Скопје. Ако збориме само за пер капита колку треба да има екипи во брзата помош, законски би требало да има 15 екипи за она население кое го имаме со цензусот од 2002 година – смета Мехмедовиќ. 

Покрај кадровската, лоша е и техничката страна. Во моментот, Итната помош во Скопје располага со 10 возила од 2012-та година, речиси сите амортизирани. Наскоро ќе добие 6 нови возила, од вкупно 12-те што во саботата ги набави Министерството за здравство.

- Очекуваме и чешка донација на возила, така да во перспектива очекуваме да добиеме 12 до 13 возила, кои во целост ќе ги заменат старите амортизирани возила, некои од нив имаат поминато и 250.000 километри, со кои ќе можеме веројатно да имаме намалување на трошоците – вели директорот. 

 Министерот за здравство, Венко Филипче, неодамна распиша повик за изработка на студија која треба да одговори на дилемата – дали Итната помош ќе функционира подобро според моделот на јавно-приватно партнерство. Додека се чека анализата, слабостите ќе останат, а случаите како оној на Боро Теменугов ќе се повторуваат. Тој е сега во стабилна состојба, но не може да го заборави горчливото искуство со Итната помош, во миговите кога животот му висел на конец.

- Веројатно нема да ми треба брза помош повеќе оти нема да дојдат. Никогаш! – се зборовите со кои не испрати овој скопјанец.