Заев: Можна е амнестија и помирување преку помилување само за тие што не учествувале во насилството

пред 3 недели | Дебати

Премиерот Зоран Заев, во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат телевизија, зборуваше за процесот на помирување започнат во Собранието.

Тој рече дека можно е да има амнестија за настаните во Собранието од 27 април, но не за лицата коишто директно го извршиле насилството.

– Сите што не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите внатре, јас немам проблем преку нив да го направиме помирувањето и помилувањето. Тоа може да биде закон за амнестија, донесување на одлука на Парламентот во рамки на своите надлежности. Знам дека не сум подготвен да разговарам ништо за учесниците во насилството, затоа што не сакам да оставам можност да се повтори нешто - рече Заев.

Во однос на тоа дека со отворање на вратите од Собранието, обвинетите пратеници овозможиле да се случи насилството, Заев рече дека тоа треба да се докаже низ судскиот процес и дека и тие имаат право да ги кажат своите аргументи. Запрашан за тоа дали има некаков политички пазар за гласање за уставните измени во замена за амнестија, Заев рече дека е нормално да разговара со луѓето.

- Како да ги постигнеме ние нашите цели? Јас транспарентно секој пат зборувам. Само го потврдувам тоа што јавноста го знае, го очекува и слично. Сум разговарал со луѓе, и продолжувам да разговарам. Моја должност е да го обезбедам политичкиот процес и јас тука ја носам одговорноста - рече Заев. 

На забелешката дека ова може да се толкува дека Заев дели милост на луѓето што политички ќе се испазарат со него, тој рече дека само го отвора процесот на помирување, а одлуките ќе ги носи Собранието.

На прашањето дали ова би било поткопување на владеењето на правото и дали тоа ќе наиде на одобрување од Европската Унија и посебно од Франција и Холандија кои во досегашниот процес беа најстроги кон Македонија, Заев беше дециден дека не се работи за такво нешто.

- Франција и Холандија нема да ни простат ако има мешање во правосудството и тука се поткокуува принципот на владеење на правото. Парламентот е институција во државата, има свои права по Устав и по закон, владата има свои права, општините имаат свои права - рече Заев.

Во однос на тоа дали ова ќе го прифатат граѓаните и поддржувачите на оваа влада, тој рече дека тие ќе го кажат својот став на избори, но и дека очекуваат Заев да ја нормализира државата.

- Свесен сум дека ќе има одредена одговорност за овие мои политички ставови, но морам да се грижам за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО. Премногу гнев има во државата, и јас сум должен да го направам помирувањето. Заради обезбедување на Република Македонија и нејзината иднина сум подготвен да употребам алатки на политиката и да ја помирам државата - рече Заев.

Целата емисија погледнете ја тука.