Заев: Груевски ќе биде вратен!

пред 3 недели | Дебати

Премиерот Зоран Заев, во интервју за емисијата „360 Степени“ на Алсат телевизија, зборуваше за бегството на екс премиерот Никола Груевски и дали некој ќе понесе одговорност за тоа. Заев истакна дека ако се утврди одговорност за некого, тој ќе побара да се сноси одговорноста и преку оставка или разрешување, било тоа да е за некој од директорите во МВР, или за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, или и за себе како премиер, но дека не може да се разрешуваат луѓе, само затоа што јавноста е гневна.

- Груевски е осуден криминалец. И не само што е осуден криминалец, тој е кукавица. Човекот којшто кажуваше дека е спремен за се, вклучително и затвор за Македонија, покажа колку голема кукавица е - рече Заев.

На новинарска забелешка дека јавноста нема полза од тоа што премиерот го нарекува поранешниот премиер кукавица, туку би имала ако премиерот го обезбедил да не избега од земјата, Заев рече дека институциите функционираат согласно законите, не можат да ги поминат границите, и да се кршат човекови права, бидејќи потоа власта би била обвинета дека е режим, како претходната власт.

Заев беше дециден дека нема никаков договор за Груевски да не одговара и да не оди во затвор, како што се шпекулира во јавноста.

- И порано се поставуваше дилемата дали Заев се договорил со Груевски со Пржинскиот процес, па испадна дека не е така. Дали Груевски навистина ќе бил суден, испадна дека не е така, дали ќе бил осуден, испадна дека не е така. Сѐ што сум кажал, така ќе биде. Јас кажувам дека Груевски ќе биде вратен! Заради тоа што и меѓународната легислатива и законите се на наша страна. Ќе биде вратен. И Санадер избега, па беше вратен. И Унгарија треба да одговори. Од ова што досега го знаеме, дали бил киднапиран, штом вака во дипломатски коли е возен по повеќе земји, или доброволно по сопствена волја влегол во дипломатска кола. Од тие одговори ќе се испостават еден куп други прашања, поврзани со барањето за азил, и за одлуката на една членка на ЕУ и на НАТО - рече Заев.

Целата емисија погледнете ја тука.