Има ли Скопје црни урбанистички точки како атинската населба Мати, каде во пожар загинаа 91 лице

Автор: Славица Филиповска | пред 3 недели | In depth

Лошото урбанистичко планирање и градба, се дел од официјалната листа на причини поради кои пожарот во атинската населба Мати однесе стотина животи. Има ли и Скопје такви црни точки?

„Ситуацијата е во одредени случаи алармантна, не постои можност да помине противпожарно возило.“, вели Ѕвонко Томевски, командант на скопската противпожарна бригада.

Како од безбедни некои населби станаа ризик за пожари?

„Овластувања давале на кој стигнале.“, тврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување – Аднан Џафероски.

„Се манипула во урбанистичките планови со бројот на жители.“, вели претседателакта на Советот на општина Центар Јана Белчева.

Има ли начин да се поправат грешките?

            --------------------------------------------------

Пожарникарите од скопската бригада тргнаа во акција. Во просек имаат по четири интервенции дневно. Неретко на социјалните мрежи се споделуваат информации дека пожарникарите не успеваат да се пробијат до местото на пожарот поради сообраќаен метеж или погрешно паркирање.

„Градежен гори, а пожарна не може да влезе.“

„Гори кровот на Градежен и на Архитектонски факултет, полиција и пајаци расчистуваат пат за пожарна.“

„Градежен гори, а кола не се мрда на раскрсницана да поминат пожарните.“, алармираа граѓаните на социјалните мрежи.

„Строгиот центар, односно Дебар Маало, но ништо подобра ситуација немаме и во тие понови населби како што е населбата Аеродром или населбата Ново Лисиче, каде што ситуацијата е во одредени случаи алармантна.“, вели Томевски.

Проверивме и на терен.

Ова е улицата Славка Недиќ во скопско Дебар маало, сите влезови на зградите речиси се блокирани од автомобили, а терасите од становите се на самата улица. Истата слика е низ цело Дебар маало. Жителите се свесни за опасноста, но велат дека се немоќни.

„Противпожарно возило може ли да помине?

-Не може, не може, толку е пренатрупано што не може.

-Па ова Дебар маало, гледате  катанга е тесно се. Згради големи, многу луѓе, многу коли, никој нема гаража, ретко кој.

-Да направат со противпожарни моторчиња, не може камион противпожарен овде да оди. Oва е завршена приказна. Тој што требало на времето да води сметка, за нешто друго си водел сметка, не за овие луѓе овде што живеат.“, велат граѓаните.

Загрижувачка е и состојбата со улиците во Чаир.

„Да имаш, барем најмалку шест метри. Што има тука, не може ниавтомобил да помине, не камион.“

„Треба да се смени целата инфраструктура по овие тесни улици. Ако дојде време некогаш да се случи тоа.“

„Не дај Боже да има нешто пожар, не ќе може да помине ниту еден автомобил.

-Што мислите кој е виновен за ова, локалната власт или граѓаните?

И тие и граѓаните. Граѓаните зошто ја стесниле улицата, а власта не презема мерки.“, коментираат жителите на скопската населба Чаир.

За противпожарните екипи, проблем е и отстапувањето од правилниците за колективно домување.

„Оние предвидени мерки за заштита од пожари не се испочитувани, односно не се во исправна состојба како што се хидрантската мрежа, вратите за противпожарна заштита за спречување на ширење на пожарите во хоризонтала и вертикали, така да тие работи се нешто што дополнително ни го отежнува она што е наша задача – интервенцијата.“, додава Томевски.

Законските прописи налагаат секоја фирма, институција или станбен објект да имаат минимална безбедносна опрема и план за евакуација.Иако поголемиот број згради и институции имаат план за евакуација и противпожарен апарат, обуката честопати изостанува. Ако порано било правило, сега е исклучок дури и за учениците кои во наставните програми немаат вежби за евакуација, а поголем дел од училиштата се и без безбедносна проценка на ризик.

Надлежни за издавање  градежни дозволи и изработка на урбанистички планови се општините. Растечката јавна свест и притисок за опасностите што ги носи трката по инвеститори во станбени згради во Скопје даде ограничен резултат, засега во општина Центар. Се уште е на сила мораториумот за нови градби, а пред два месеца не поминаа измените за детален урбанистички план во Капиштец,, каде до училиште беше предвидено да никнат згради.

„Последниот урбанистички плане  сопрен најмногу заради неусогласености во бројките кои ги откривме. Намените на објектите кои одеднаш претрпуваат намена од еден тип во друг и заради додадените висини со што само ќе се направи уште поголема густина на живеење, која не е во согласност ниту со генералниот урбанистички план, ниту пак со квалитетот на живот на луѓе во тој простор.“, вели претседателката на Советот на општина Центар, Јана Белчева.

Но не е само Капиштец, проблематични се речиси сите планови, вели Белчева.  Според Законот, изработувачот е обврзан да ги побара сите податоци и информации за животната средина, заштитата и спасувањето, безбедноста, пред да почне да го работи урбанистичкиот план. Откако планот ќе биде готов, изработувачот нема обврска да провери дали тоа што го направил одговара на безбедносните прописи.

„На крај, никој повторно не се враќа кај нив по новиот закон, за да дадат мислење на предложеното решение. Она што сега ние како општина го договоривме и како нова комисија која работи на евалуација на урбанистичките планови дека без овие мислења од надлежни институции ниту еден план нема да помине. И мислам дека тука одговорноста нема веќе да биде  само на општината, ниту само на планерот, туку ние сите заеднички ќе носиме подобри одлуки.“, појаснува Белчева.

Уште позагрижувачки е кој ги потпишувал елаборатите. Новото раководство во Дирекцијата за заштита и спасување, на пример ни откри дека во тој сектор  кај нив работата во минатото ја вршеле и лингвисти.

„Се бара од Дирекцијата за заштита и спасување да издаде елаборат, да потпише елаборат за заштита од пожари експлозии и другите мерки кои се предвидени, а да не учествува во контроалта во текот на изградбата и крајно во техничкиот прием на објектите.“, вели првиот човек на Дирекцијата, Аднан Џафероски.

Тој вели дека преземал мерки за подобрување на состојбите.

„Направивме специјализирано одделение за издавање на урбанистичка согласност со соодветни кадри, кои ја разбираат таа проблематика и ќе ги издаваат тие елаборати така да во тек сме на консолидирање во таа смисла и средување на тој хаос. “, додава Џафероски.

Хаосот по пожарот во Мати се уште не е расчистен. Има неколку приватни тужби од роднини на загинатите против локални и владини функционери, но истрагата на грчкото обвинителство трае и ниедно официјално лице засега не е обвинето. И да биде, тоа не може да ја компензира загубата на 91 човечки живот.