Фамозната фирма „Ексико“, чиј сопственик се крие во Швајцарија - во срцето на новата истрага на СЈО

Автор: Александар Димитриевски | пред 3 недели | In depth

Орка Холдинг, Ексико и Тимох. Ова се трите фирми за кои скопскиот кривичен суд изрече санкции, по барање на СЈО, во предметот „Империја“. На Орка Холдинг и е замрзнат дел од имотот, додека на Ексико и Тимох им се замрзнати банкарските сметки.

Од СЈО соопштуваат дека имаат докази оти е сторена штета на буџетот на државата од најмалку 6,3 милиони евра како и дека се „испрани“ околу 11 милиони евра. Како се „переле“ парите и како е направена штета на буџетот, од СЈО засега одлучија да не објаснат за јавноста. 

Орка Холдинг АД е компанија во сопственост на семејството Камчеви. Според последните расположливи податоци на централниот регистар компанијата и самата се јавува како сопственик во најмалку 12 други правни лица. Меѓу нив, болницата Систина, Бет Сити, хотели, градежни, туристички и други фирми. Орка Холдинг, меѓу другите, има удели и во најголемиот земјоделски комбинат во Македонија- ЗИК Пелагонија. Дали меѓу замрзнатиот имот се и уделите во овие компании, во моментов не е познато.  

Фирмата Тимох, чии банкарски сметки се под судска блокада, е сопственост на Дејан и Снежана Панделески. Дејан Панделески е син на Цветан Панделески, кој пак е газда на компанијата „Пелистерка“ и е во притвор за „Империја“ со Орце Камчев и три други лица.

Меѓу нив е и директорот на „Ексико“, Тодор Мирчевски. Тој е единственото овластено лице на компанијата на која, по барање на СЈО и се замрзнати банкарските сметки. Вистинскиот газда на „Ексико“ до овој момент не е познат, бидејќи сопствеништвото завршува во фирми во Швајцарија. Ексико во Македонија е газда во Бет Ком, но има и имоти на Водно, меѓу кои и куќа за која од СЈО велеа дека е дом на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков. До скоро, оваа фирма се јавуваше и во други компании како партнер со некои од фирмите на Камчев. 

Ексико ќе остане запаметена како најуспешната оф-шор фирма во Македонија. Анализата на 360 Степени на годишните сметки на Ексико од 2007 до 2013 година, период кој е опфатен од истрагата на СЈО, покажува дека компанијата работела со профит од неверојатни 76%. Во тој временски период, “Ексико“ има вкупни приходи од 16,3 милиони евра а добивката е 12,5 милиони евра. 

СЈО и во новото соопштение најавува проширување на истрагата „Империја“. 

 

Фирмата Ексико, која во изминатите години стана сопственик или косопственик на повеќе фирми во Македонија, кои меѓу другото, добиваа тендери од државни институции и субвенции, го крие од јавноста својот вистински сопственик. Тоа и го овозможуваат законите во Швајцарија, каде што е регистрирана компанијата што ја поседува Ексико. СЈО во еден свој случај откри дека Сашо Мијалков живее во куќа на Водно, во сопственост токму на Ексико. Пред точно две години, нашиот Александар Димитриевски ја посети Швајцарија за на лице место да провери како се затскрива вистинското сопствеништво на компаниите и со какви мотиви. Тој прилог го реемитуваме бидејќи е релевантен за истрагата „Империја“ што во петокот ја отвори СЈО.