Интервју со Богданов: Дол побара ВМРО-ДПМНЕ да се врати на западниот пат и да ги врати исклучените

пред еден месец | Дебати

Членот на ВМРО-ДПМНЕ, Костадин Богданов, неодамна разрешен од позицијата член на Извршниот комитет на партијата, во гостувањето во емисијата „360 степени“ на АЛСАТ-М, ги изнесе причините за повлекувањето од функцијата. Впрочем, тој откако отворено го поддржа договорот од Преспа, на негово барање бил разрешен од раководното партиско тело заради спротивставени ставови меѓу него и актуелното партиско раководство.

„Побарав да бидам разрешен од причина што во последно време ВМРО-ДПМНЕ, односно раководството, ја засили реториката која не е на линија на барањата ниту на европските народни партии, ниту на нашите меѓународни пријатели, односно започна да зазема сосема различни, контра-ставови, во друг правец, со коишто јас не можев да се согласам. Тоа и јавно неколку пати го кажав“, рече Богданов.

Богданов изрази очекување дека уставните измени, предвидени со Преспанскиот договор ќе поминат во Собранието на Република Македонија и оти патот во тој правец веќе е соодветно трасиран.

„Патот е трасиран, лично мене тоа многу ме радува. Сметам дека со Договорот од Преспа, со влезот во ЕУ и НАТО, ќе претставува една катарза за државата, на сите полиња и во правосудството и во образованието и во здравството и дека не очекува многу напорна работа, но она што е добро е дека го фативме вистинскиот правец, а кога ќе стигнеме на целта зависи само од нас“, вели Богданов.

Иако во јавноста немаше отворени реакции, лидерот на Европската народна партија, Жозеф Дол, веќе неколку месеци праќал свои реакции и соопштенија до раководството на ВМРО-ДПМНЕ, во насока на дејствувањето на партијата.

„Пораките Жозеф Дол започна да ги испраќа уште од пред 6-7 месеци. Како во делот на неопходноста од поголема демократизација на самата партија, па се повеќе зачестија кога беше објавен Договорот од Преспа, во јуни, каде сестринските народни партии упатија и соопштенија, а и самиот Жозеф Дол, таквиот Договор да се поддржи, од причина што подобар договор не е можен и тоа го кажува и во своето соопштение вчера“, открива Богданов.

Тој рече дека паралелната делегација од ВМРО-ДПМНЕ е задоволна од средбите во Хелсинки.

- Пораките се дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш треба да ги промени политиките и да се насочи прозападно, да го поддржи процесот, да престанат поделбите на предавници и патриоти - рече Богданов и кажа дека Дол побарал партијата да ги врати сите исклучени, што оцени дека е реално возможно.