Уставните измени нема да бидат доволни за Франција и Холандија да ја кренат рампата за ЕУ

Автор: Владимир Мирчески | пред 6 дена | In depth

„Што ги спречува Холандија Франција, или која било друга земја, да го „исклучи“ процесот наредната година во јуни 2019“, беше прашана од новинар, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.

- Ова е добра одлука. Ако зборувам лично, како бугарска министерка, секако дека ќе бев посреќна ако видов поамбициозна одлука. Но, ова е одлука која беше тешко донесена меѓу 28 земји-членки и  навистина е огромен чекор напред за европската перспектива - рече Захариева во јуни.

Воздржаноста на Холандија и на Франција, за која во доцните часови на 26-ти јуни не сакаше да зборува шефицата на бугарската дипломатија, останува и 4 месеци подоцна.

- Веќе сме далеку од тие месеци што поминаа и добиваме впечаток дека земјата напредна во една многу важна етапа со усвојувањето на првите одлуки кои, се надеваме, ќе овозможат уставни измени и усвојување на Преспанскиот договор. Тоа е многу важна политичка етапа – и најверојатно ќе стане збор за промена на политичката клима. Потоа, има втора важна етапа, а тоа откако ќе се отстрани грчкото вето, најверојатно ќе треба да се забележат одредени напредоци во спроведувањето на реформите зашто токму врз база на тој извештај за напредокот што ЕК ќе го изготвува во април ќе бидат донесени одлуки - вели за „360 Степени“, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

- Знам дека мојата земја беше меѓу строгите држави. Знаете зошто? Мојата земја длабоко се грижи за владеењето на правото, ние сме членка на ЕУ од самите почетоци и кај нас е нешто како процес на учење... Но, ако сега ги прашаме политичарите што е суштината на ЕУ, дали е тоа единствен пазар, единствена валута, слобода на движење? Да, сето тоа е важно, но основата без која сите овие елементи не можат да функционираат е заедница на вредности. Тоа е многу апстрактна работа за владеењето на правото, за независноста на институциите, за „чекс енд балансис“ што прават демократијата да функционира на начин на кој сите граѓани ќе можат да им веруваат на институциите и политичарите - вели амбасадорот на Кралството Холандија, Вилем Ваутер Пломп.

Владата, која наредната седмица во Брисел, ја очекува втората сесија од техничката подготовка на скринигот, вели дека во оваа фаза Европската комисија се уште јасно не ги идентификува слабостите, туку ги презентира принципите и правилата кои Македонија ќе мора да ги применува.

- Неминовно ќе мора да го интензивираме реформскиот процес зашто имаме две патеки  - едната е Договорот од Преспа и уставните измени, другата се реформите. Не смееме да занемариме ниту една од овие две патеки. Затоа беше усвоен планот 18 и почна негова интензивна реализација. Во однос на јавната админситарција, мислам дека тука ЕУ нема очекувања кои конкретно би се занимавале со намалување на јавната администрација или нешто што е вонредно. Имаат очекувања да се рационализира работата и да се зголеми ефикасноста на администрацијата, но она што е клучно во овој дел е начинот на именување и разрешување на функционерите во државаната управа. Тоа значи дека сите конкурси и именувања ќе бидат под набљудување. Мислам дека тоа ќе биде во фоксуот. Медиумските закони, јавниот сервис, агенцијата за медиуми, тоа ќе треба да се реши во наредниот период. Има готов закон кој чека согласност од опозицијата, има 2-3 точки кои не се договорени, а за кои владата инсистира да се договорат на принципиелен начин – опозицијата да има улога изборот во составот на сите овие тела што се опфатени на медиумите, но сме против тоа да се прави некој чуден хибрид – да имаме нов закон и реформиран концепт, а од друга страна истиот програмски совет - вели главниот технички преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ.

Услов се и реформите во судството, со јасни назнаки што се очекува во наредните месеци.

- Во наредниот период треба да очекуваме дека судските реформи ќе бидат во фокусот на владата. Се очекува до крајот на годината да успееме да донесеме нов концепт на реформиран судски совет, совет на јавни обвинители, нов состав или делумно нов состав и веќе да ги тестираме во пракса реформираните судски совет и совет на јавни обвинители и како постапуваат во конкретни случаи. Тоа е е ден корпус, постои и друг корпус – начин на избор и именување на судиите, тоа е нешто на што ќе бидат тестирани судскиот и советот на јавни обвинители. На пример, како ќе се процесуира истрагата за АКМИС-от, дали тука ќе постапат по тие наоди.... Значи, освен поставеноста на институциите, ќе бидат тестирани и ќе бидат тестирани на дело - вели Маричиќ.

Дали зад воздржаноста на Хаг и на Париз навистина стојат приниципиелни причини, или пак внатрешно-политички калкулации во пресрет на европските избори во мај.

- Не станува збор за две различни работи зашто вистинското прашање е дали овие земји се подготвени да влезат во процес на преговори и дали јавното мислење во нашите земји смета дека овие држави успеали да решат одреден број проблеми без разлика на тоа дали станува збор за проблеми од меѓународно опкружување – вие веќе сте во процес на решавање на проблемот со Грција, а го решивте со Бугарија, но исто така, и јавното мислење кај нас да знае дали внатрешно-политичкиот живот е стабилизиран. Од една страна, зборуваме за стари работи, но ќе споменеме што се случи на 27 април и за сликата што беше пратена надвор од земјата и француската влада особено ги зема предвид големите европски состаноци од кои ќе зависи иднината на Европа со легитимно право го зема во предвид јавното мислење во државата, но и посебните заслуги што ги преземаат владите. Значи, нема две прашања, туку само едно и дали самите земји се подготвени - вели Тимоние.

- Политичарите треба да носат одлуки, независно од јавното мислење. Ако политичарите прво се раководеа од јавното мислење, тогаш некои сегашни членки на ЕУ воопшто и немаше да станат членки.

- Француската влада, која е демократска, ќе треба на реален начин да го земе предвид јавното мислење зашто во спротивно ќе се најдеме во ситуации кои беа карактеристични за некои земји, а беа тешки и го доведуваат во прашање дури целиот процес на европска изградба - вели Тимоние.

Но, дали лупата под која Франција и Холандија ја гледаат Македонија, важи и за другите земји од проширувањето, на пример Србија во која во изминатиот период има стагнација на демократските процеси.  

- Ја сакаме РМ во ЕУ, но ја сакаме кога навистина ќе биде подготвена како земја, стабилна и инклузивна демократија, со независни и контролирани институции. Знаеме дека тоа е долг процес и не треба се да биде пред стартот на преговорите, но важно е мојата земја, уште поважно парламентот, да биде уверен дека Македонија навистина е подготвена да го почне тој процес - вели Пломп.

Во целата ЕУ-равенка која ги опфаќа и Преспанскиот договор и исполнувањето на реформите, однесувањето на опозицијата, може да се карактеризира како една „непозната“, со поддршка за одредени законски решенија, одбивање за други, но и јасно „не“ за договорот за името.  

- На крајот сите треба да гледаат што ќе биде наградата на крајот на процесот. Една од предностите од изминатиот месец е што е јасно кој за што се залага. Треба сите да признаеме дека една голема партија, судејќи според нејзините чекори, всушност се обидуваше да го блокира ЕУ и НАТО членството. Но, добрата вест е што сега има консезус, се гради консезус за конструктивен пристап што ќе ги доведе уставните измени до позитивен крај и можеби овој конструктивен консезус ќе се проширува - вели Пломп.

- Зошто во период кога речиси сите претставници на меѓународната заедница избегнуваат да се сретнат со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вие се среќавате со Христијан Мицкоски. Дали позициите на актуелното раководство на опозицијата се прифатливи за вас како француски амбасадор во Македонија?

- Мислам дека немаме ист концепт за дипломатијата. За мене како дипломат, дипломат е некој кој треба да разговара со сите политички сили, особено оние што се претставени во собранието и сите оние кои можеби имаат капацитет да одиграат позитивна улога. Тоа е впрочем она што ние го бараме од ВМРО - вели Тимоние.

На почетокот рековте дека ви е мило од напредокот направен во имплементацијата на Преспанскиот договор, но очигледно е дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ е против имплементирањето на овој договор.

- Тоа е дополнителна причина со него да се разговара - вели Тимоние.