Груевски пред затвор, а судењето за „Таргет-Тврдина“, каде првообвинет е Мијалков на самиот почеток

Автор: Александар Димитриевски | пред 6 дена | In depth

Ноември 2016 година. Специјалното јавно обвинителство ја отвори веројатно главната истрага поради која и беа основани – кој прислушувал незаконски.

„ Ќе ги вложам сите сили криминалот да не ја одбегне казнивост заради што криминалците мора да застанат пред судот на правдата, независно за кого станува збор.“- изјави Катица Јанева на 18.11.2016 година, на прес конференцијата за истрагата за „Таргет“

Основната теза на СЈО во предметот наречен „Таргет“ е дека „бомбите“ се снимани во УБК.  

„Нападот на човековите слободи и права е најсилниот удар врз едно цивилизирано, демократско општество. Сега е ред, на таквото општество да возврати“ – изјави обвинителката Фатиме Фетаи на 18.11.2016 година.

Пред да биде поднесено обвинение, „Таргет“ е споен со „Тврдина“. Обвинети се десет лица, меѓу кои и шефот на УБК Сашо Мијалков. На 5-ти ноември 2018 година, општеството се уште не возвратило.

Новинарката Оливера Трајковска е само една од неколкуте илјади жртви на незаконското прислушкување од 2008 до 2015 година. Уште кога и беа презентирани доказите пред три години, заедно со неколку колеги, решија правдата да ја истераат до крај.

Патот кој го избраа е судски да бараат надомест на штета, но не од државата туку од тие што ќе бидат осудени дека ја злоупотребиле позицијата. Такво нешто, не е ниту на повидок.   

„Сфаќате дека се што е неопходно да соработувате со правдата го правите во име на тоа да заврши ова конечно и да се дознае и единственото најважно прашање. Да, за да можам за тоа да барам отштета јас после целиот овој период го немам одговорот, односно не гледам дека овој процес напредува со динамика и интерес каков што би требало да има една држава после вакво масовно прекршување на човековите права на поединци.“ – вели новинарката Оливера Трајковска.

Одговорот кој го чекаат оштетените од прислушкувањето, но и целата јавност е во судската разрешница на предметот „Таргет-Тврдина“. Меѓу десеттемина обвинети е и Сашо Мијалков, кој неодамна беше исклучен од својата партија ВМРО-ДПМНЕ поради наводно влијание врз пратеници на опозициската партија, за да гласаат „За“ уставните измени предложени од владата.   

„Јас мислам дека ова одолговлекување околу овој предмет, во сплет со други околности и дејствија коишто се случуваат на политичката сцена, почнува да мириса за тактизирање и условно почнува да личи дека некој успеал да обезбеди за себе да ја среди динамиката на процесот... А, како настаните во политичкиот простор се одвиваат многу побрзо, да ви кажам дека можеби ќе дојде ред дека идејата за помирувањето или обврските од помирувањето ќе стигнат побрзо од нашето сознание со кого всушност ние ќе треба да се помириме.“

Трајковска ги искажа своите сомнежи имајќи ги во предвид објективните пречки што придонесоа случајот да се развлече- бегството на двајца обвинети во Грција и смените во судечкиот совет во предметот. Но, дали се работи само за личен впечаток? 360 степени ја провери динамиката на предметот, откако пречките беа отстранети за предметот да продолжи.

Според распоредот на судења за месеците октомври и ноември годинава, за „Таргет-Тврдина“ се или биле закажани вкупно 3 рочишта. Тоа е ист број на рочишта како за случајот со апсењето на Љубе Бошковски „Тортура“ или за кинеските кредити за автопатите „Траекторија“. Помал приоритет од „Таргет-тврдина“ во истиот период има само за пет други случаи на СЈО, меѓу кои е и Тврдина 2- за уништувањето на опремата за прислушување. Од друга страна почести рочишта има за вкупно 12 предмети. Меѓу нив се и „помалку“ важни предмети како - „Топлик“ за Сончев Град или „Насилство во Центар“. Најмногу рочишта имало за предметот кој по „Таргет-Тврдина“ СЈО го означи како втор најважен. „Титаник“ е закажан 14 пати во октомври и ноември, што е без малку пет пати повеќе од најважниот предмет кој треба да го даде одговорот – кој прислушувал?

Зошто бројот на закажани рочишта е таков каков што е и дали се води сметка кој предмет е повеќе важен за општеството а кој помалку? Од кривичниот суд велат дека за судиите се важни други критериуми.

„ Судиите при овој суд насрочуваат расправи зависно од нивниот распоред за работа, а секако при насрочувањето имаат во предвид и предност се дава на притворски предмети или предмети каде дел од обвинетите се со други мерки за обезбедување присуство, како доследно би се почитувало на правото на судење во разумен рок, што е една од препораките на Судот за човекови права во Стразбур.“- велат од Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Додека е точно дека во „Таргет-Тврдина“ нема обвинети кои се во притвор, точно е и дека во други предмети во кои нема притвори има многу повеќе закажани рочишта. Судот сепак дополнително објаснува дека сите предмети се различни и не може за сите да има ист број на рочишта.

СЈО во минатото во повеќе наврати јавно реагираше кога се соочуваа со пречки или со одложувања на постапките. Па од нив побаравме став, дали имаат впечаток дека судот води сметка за важноста на предметите и дали имаат побарано поголема ажурност за предметите директно поврзани со незаконското прислушување. Одговорот овој пат е помирлив.

„ СЈО (н.з.) како што и досега многупати е истакнато, ги почитува одлуките на судот. Во оваа насока, откако укажавме дека е потребно да се води сметка за ефикасно одвивање на судските процеси, судот започна да закажува повеќе датуми за предметите кои ги застапува ова Јавно обвинителство.“

Едно од само трите закажани рочишта за „Таргет-Тврдина“ во месеците октомври и ноември треба да се одржи токму утре. Предметот е во самиот почеток, односно поминати се само воведните зборови. Се очекува испрашувањето на првиот сведок а ги има околу 120. Ако на секое рочиште се испрашуваат во просек по тројца сведоци, со сегашната динамика на закажување рочишта, ќе бидат потребни барем две години само за овој дел од постапката. А, како што неодамна кажа и самата специјална обвинителка, Таргет-Тврдина е предметот на предметите.

„ Ако не гониме за кој, како и на кој начин прислушувал во Република Македонија, зошто постои Специјалното јавно обвинителство?“ – изјави Специјалната обвинителка Катица Јанева на 29.08 оваа година.