Мехмети: Огромен проблем е што Албанците во Уставот се именуваат како „20%“, нема поголема навреда

пред 2 недели | Дебати

Ибрахим Мехмети, аналитичар, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за уставните измени откако Владата ги утврди нацрт-амандманите и ги испрати до Собранието.

- Ова ме потсетува на една ситуација кадешто имаме брод којшто тоне и имаме остров таму којшто е подалеку и луѓето инсинктивно сакаат да останат на бродот бидејќи е цврста градба. Меѓутоа ние гледаме дека бродот ќе потоне и мора да се одвоиме и да испливаме. Тоа е оној ризик којшто сите мора да го преземеме. Не сакам да кажам дека Македонија е брод што тоне, меѓутоа ситуацијата е можеби таа и ние мора да преземеме чекори коишто имаат одредени жртви,  доколку сакаме да стигнеме до некаде - рече Мехмети. 

Тој зборуваше и за реакциите околу Договорот од Преспа и во Грција и во Македонија.

- Имавме огромни реакции, имаше протести и влегување во парламент, но во моментот кога владата и јавноста успеа да изгради едно мнозинство коешто застана на страната на договорот, гледаме дека работите драстично се менуваат. Гледаме и во парламент луѓе коишто беа против, сега се за, и протести на коишто имаше илјадници луѓе а сега има десетици. Јас очекувам дека кога ќе заврши овој процес кај нас, и во Грција кога ќе биде ратификуван договорот, дека и таму ќе се менуваат работите - рече Мехмети.

Тој изрази жалење дека приликата на отворање на Уставот не се искористила за решавање и на други проблеми.

- За мене лично останува огромен проблем што Албанците се именуваат како „20%“. Поголема навреда мислам дека не постои за било кој народ - рече Мехмети велејќи дека покрај името требало да се реши и ова прашање.