Талевски: Седнуваме на масата во НАТО веднаш по ратификацијата во Грција, а со право на глас од 2020

пред една недела | Дебати

Дане Талевски, советник за надворешни работи на премиерот Зоран Заев, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за процесот на уставни измени откако Владата ги утврди нацрт-амандманите и ги испрати до Собранието.

Како што кажа тој, се очекува парламентот да ги изгласа до средината или втората половина на јануари, по што ќе биде потпишан протоколот за членство помеѓу Република Северна Македонија и НАТО.

- После тоа генералниот секретар на НАТО ги известува земјите-членки дека можат да пристапат кон ратификација на спогодбата, односно на протоколот за членство. Грција по тоа треба да ги ратификува двата документи - рече Талевски, појаснувајќи дека имплементацијата на уставните амандмани директно зависи од ова и е врзано со ратификацијата на Спогодбата од страна на Грција и Протоколот за членство во НАТО.

Тој ги објасни и следните чекори после ова.

- Откако Грците ќе го ратификуваат, почнува процесот - ние веќе си го земаме заслуженото столче во НАТО, имаме место на масата, стануваме дел од Алијансата, но додека не заврши целиот процес на ратификација од страна на сите земји членки, единствено што немаме е право на глас. Ама седиме на масата, консултирани сме за се, почнуваме функционално да се интегрираме во тој голем воено-безбедносно-политички-сојуз, кога ќе заврши финално последната ратификација, што би требало да биде некаде 2020 година, стануваме полноправна членка на НАТО - рече Талевски.