Палмер: Разочарани сме што ВМРО-ДПМНЕ не беше способна да донесе одлука за да го поддржи договорот

Автор: Владимир Мирчески | пред еден месец | In depth

Христијан Мицкоски, но и Ѓорѓе Иванов не се најдоа на агендата на шефот за Балканот во Стејт Департментот. Но, Метју Палмер реши да се види со седумтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои во петокот гласаа за старт на уставните измени. На брифинг на кој беше дозволено само аудио снимање Палмер одговори објасни зошто реши да не се гледа со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.    

„Ја разбираме позицијата на г-дин Мицкоски и неговите ставови. Ние имаме поинакви позиции за тоа кој е најдобриот пат за Македонија и сметам дека нашите ставови се добро разбрани од г-динот Мицкоски и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Во овој момент нема за што да се разговара со него (Мицкоски)“, рече Палмер.

На брифингот, Палмер не сакаше да зборува во детали за разговорот со седумтемина сега веќе поранешни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ. Ги пофали за, како што ја нарече, нивната храброст и за тоа што земјата ја ставиле пред партијата.

„Што слушнавте од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за нивната ситуација, за нивната безбедност? Дали биле принудени да гласаат, дали имале закани...?“

„Не би сакал да зборувам во нивно име. Ако сакате да знаат што тие мислат, тогаш треба нив да ги прашате. Она што можам да го кажам се позициите на САД за напредувањето во имплементацијата на Договорот од Преспа, но не би сакал да зборувам за ВМРО-ДПМНЕ, или за некој конкретен претставник на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Палмер.

„Кои се ставовите на САД за позициите на ВМРО-ДПМНЕ, најголемата опозициска партија и една од најзначајните партии во Македонија?“

„Разочарани сме што ВМРО-ДПМНЕ не беше способна да донесе одлука за да го поддржи договорот. Се надевавме дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ јасно ќе им каже на своите пратеници дека се слободни да гласаат во согласност со својата волја, без страв од одмазда и сме задоволни што 80 пратеници во петокот гласаа „за“ договорот што отвора можност напредок на договорот кон негова целосна имплементација. Работата се уште не е готова, она што се случи во петокот беше почеток на процес на кој ќе му требаат 90 до 100 дена. Таа коалиција сега треба да издржи“, рече Палмер.

Договорот од Преспа, Палмер го нарече фундаментален за иднината на земјата - гледа можни пречки во неговото натамошно имплементирање.

„Мислам дека има причини да се биде загрижен за негативно надворешно влијание кое не е видливо. Мислам дека особено руските власти одиграа улога во периодот по референдумот и пред гласањето во парламентот која не беше транспарентна, не беше конструктивна, која беше насочена кон продлабочување на општествените разлики, кон поткопување на македонската јавност и институциите. Ова не е уникатна ситуација за Македонија – видовме дека Кремљ и руските власти играа слична негативна и разурнувачка улога низ Западниот Балкан. Ние имаме визија за Балканот како регион што е помирен, во кој има мир меѓу соседите, кој е стабилен и просперитетен, базиран на норми и закони, интегриран во Европа. Тоа не се руските позиции за регионот. Москва верува дека нејзините интереси се најдобро заштитени ако има поделен и конфликтен Балкан“, рече Палмер.

За иницијативата за помирување Палмер смета дека е добар чекор во кој мора да се внимава на вистинскиот баланс меѓу тоа што е одговорност, a што помирување.