Двојни стандарди - за приватните фабрики-загадувачи клуч на врата, за државните одложување на рокови

Автор: Зоран Јованоски | пред 3 недели | In depth

Државата со двојни аршини кон најголемите загадувачи. За приватните и клуч на врата, а за државните - постојано одложување на роковите за поставување филтри.

„Очигледно е дека за вакви капацитети многу широко се прогледува низ прсти.“ – вели Александра Бујароска – НВО Фронт.

РЕК Битола е типичен пример.

„Затоа што се молзеле пари од комбинатот, а не се вложувале во заштита на животната средина.“ - смета Јани Макрадули – заменик министер за животна средина.

Претходната Влада тврди дека прво морало да се вложи во кадри и регулатива.

„Се пристапи кон јакнење на капацитетите, добивме поддршка од Европската унија, кон обука на самите вработени внатре во министертсвото.“ – раскажува Соња Лепиткова – поранешен заменик министер за животна средина.

По законот донесен во 2005 година, сите големи загадувачи требаше да се стават под контрола до 2014-та, па и РЕК Битола.

„И наместо тоа во 2017 година се објави нацрт на нов закон за индустриски емисии чиј што рок кој што е предвиден во тој нов закон за усогласување на термоелектраните е 2027 година.“ – додава Бујаровска.

Што е позадината на упорното толерирање на најголемите загадувачи во сопственост на државата?

----------------------------------------------

Откако не го испочитува рокот, скопски Макстил под притисок на институциите и јавноста кон крајот на 2014 го прекина производството на неколку месеци за да воспостави ситем за отпрашување.

Оџaците на Југохром во тетовско Јегуновце не чадат од ноември 2016-та. И овој комбинат беше затворен поради неисполнување на еколошките стандарди и веќе речиси две години не работи.

Но, овие оџаци во близина на Битола продолжуваат да го трујат вториот по големина град во Македонија и неговата околина.  

Изминатава деценија е изгубена за РЕК Битола во однос на постапката за добивање А-интегрирана дозвола и инвестициите за заштита на животната средина, а еве и зошто: целата процедура требала да започне во 2007 година и да заврши седум години подоцна со добивање А-интегрирана дозвола во 2014. Но, овој рок е пробиен, а Владата донесува одлука за поставување нов – 31-ви декември 2017 година. Но, и тогаш ништо не се случува, па според актуелното законско решение новиот рок е април 2019 година. Ако до тогаш РЕК Битола ја добие А-интегрираната дозвола и ако се усвои новото законско решение за индустриско загадување, тогаш на овој комбинат му се даваат нови речиси 10 години за исполнување на обврските од добиената А-интегрирана дозвола, до 2027 година.

Единствената активност со која можат да се пофалат во РЕК Битола е покривањето на пепелта од согорувањето на јагленот со слој од земја.

Благоја Петровски, одговорен инженер во овој сектор, вели дека РЕК и дополнително ќе инвестира во овој сегмент за да не се повторуваат сликите на огромни облаци од пепел, особено кога дува ветер.

„Во план е, набрзо, веќе е завршена тендерската документација, избран е и понудувачот, за изработка на прскалки на вода, со одредени адитиви кои ќе бидат вбризгани во водата за да оваа површина, која не е покриена со земја во моментот на одлагање, се прска со вода за да се намали изворот на прашина.“ – вели инженерот Петровски.

Љупчо Стојановски кој работи на заштита на животната средина во РЕК Битола, вели дека работното време го троши токму на обврските за добивање А-интегрирана дозвола. Очекува документот да биде одобрен до крајот на годинава. Но, тоа е само почеток на процесот.   

„Во тие планови имаме планирано 23 активности кои ние се обврзуваме да ги реализираме. Веднаш штом ќе ги прецизираме тие работи ние даваме согласност дека ќе почнеме да ги реализираме тие активности за кои нормално ќе бидат потребни и финансиски и човечки ресурси кои ние сме подготвени да ги направиме.“ – вели инженерот Стојановски.

Но, што се случувало изминатава деценија? Зошто до сега не е добиена макар дозволата. Стојановски немаше одговор зашто на оваа позиција е неколку месеци. „Имаше еден голем застој од 2011 или 2012 година до лани – декември 2017 година кога ништо не се случуваше.“ – раскажува Стојановски.

ЗОШТО БЕА ЗАКОЧЕНИ РАБОТИТЕ?

„Тоа прашање треба да и го поставите на претходната структура. Зошто било така?“ – смета тој.

Тоа и го направивме. Соња Лепиткова која беше заменик министер за животна средина од 2006-та до 2011-та, а потоа државен секретар во истиот ресор до 2016-та година, смета дека  првиот рок за добивање интегрирана дозвола – 2014-та година, бил прекраток. За главен проблем ги посочува застарената технологија во РЕК Битола и недостигот од кадри во Министерството.

„И самите инсталации во континуитет бараа одлагање, одлагање, одлагање... Дури и во преговорите. Со тоа што во законот стои како крајна можност 1 април 2019 година. Кога почна тој процес, ние се соочивме со тоа во самото министерство, секторот за интегрирани дозволи броеше толку колку што имаше вработено луѓе, без некоја специјална обука, меѓутоа и со тоа дека нема доволно експерти и консултантски фирми, целосно екипирани, кои што можат да изготват една сеопфатна квалитетна интегрирана дозвола, односно студија, за да може да се добие интегрираната дозвола.“ – вели Лепиткова.

За Лепиткова голем успех е што државата воопшто успеала да го воспостави институтот интегрирана дозвола и да го споведе во приватниот сектор. За големите државни енергетски комплекси како РЕК Битола вели дека одлагање на процесот дозволила и Европска енергетска заедница, дури и за поразвиени земји од нашата, иако приватните компании се жалеа дека тоа е не фер однос кон нив.

„Тоа не беше само за Република Македонија, тоа важи и за Бугарија и за Хрватска, Романија, Полска и за многу други држави, каде што енергетскиот сектор, на некој начин,  е врзан со добивање електрична енергија од термоелектрани. Република Македонија за жал или за среќа, јас сметам дека за жал, 70 насто од домашното производство на електрична енергија го добива од РЕК Битола.“ – додава таа.  

На функцијата на која што беше Лепиткова, сега е Јани Макрадули. За него стратешкото значење не е оправдување да не се инвестира во заштита на животната средина.   

„Не е фер да бараме само приватни лица да инвестираат, додека комбинат кој што е буџетски и практично државен комбинат, да каска со исполнување на стандардите и нормите од доменот на животната средина.“ - заменик министерот за животна средина   Јани Макрадули.

Тој потврдува дека дозволата за РЕК ќе биде издадена до крајот на годинава. За него е оправдан рокот за исполнување на обврските до 2027 година, поставен во нацрт законот за индустриско загадување.

„Таргетот, целта, е намалувањето на емисии, емисиите од сулфур, емисиите од азотни окриди и третирањето на прашината. Тие се три столба кои постепено мора да се намалуваат додека да се достигнат стандардите кои се бараат и кои се наметнуваат. Затоа таа година важи за сите, таа е една оквирна година, а верувам, таква е и заложбата и на последните средби што сме ги имале, целиот тој процес на најкрупните инвестиции почне многу порано.“ – додава Макрадули.

Александра Бујаровска од невладината „Фронт“, сепак, смета дека две децении се предолг период за решавање на проблемот.   

„Што значи процес од 2007 се пролонгира до 2027 со знак прашалник, нели, дали до тогаш би ја усогласиле технологијата со европските стандарди. Што се случувало во годините додека ништо не се исполнило од тој план, а државниот инспекторат има обврска да ги следи на годишно ниво, тоа е исто знак прашалник. Зошто не биле уште тогаш санкционирани?“ – прашува Бујаровска.

Затоа ја прашавме екс-заменик министерката Лепиткова дали праќале инспеции во РЕК Битола?

„Да. Секогаш. Инспекторатот е најдобро да биде независна институција како што се и направи да биде, не е добро на инспекторатот политичките субјекти да му влијаат дали треба да излезе да инспекторира или да чека.“

КАЗНУВАВТЕ, ШТО ЗАКЛУЧУВАВТЕ?

„Видете, тоа најдобро треба да го прашате инспекторатот, си имаше директор и тие можат да потврдат никогаш не сум се мешала во работата на инспекторатот. Имаа и забрани и казни како и другите капацитети.“ – одговори Лепиткова.

Екологистите го гледаат проблемот повеќе во немањето волја, отколку во немањето пари. А еве и зошто:

Според документите до кои невладината „Фронт“ дошла преку барања за слободен пристап до информации од јавен карактер, комуникацијата меѓу Министерството за животна средина и РЕК Битола за издавање А-интегрирана дозвола запира во 2014 година.

„Ќе видите дека тоа се на по неколку години не праќано информации едни меѓу дуруги, односно не доставување податоци од страна на АД ЕЛЕМ, па креирање на некакви си работни групи, а на крајот сепак ништо од сето тоа не резултирало со еден од нашите најголеми загадувачи да има дозвола со која што би требало да ја унапреди својата технологија.“ – раскажува Бујаровска.

Следната комуникација на оваа тема е дури по промената на власта, во февруари годинава. Зошто попусто се загубени 4 години – во Министерството за животна средина немаа објаснување.