Димитров во 360° - кој информирал за активностите на протераниот руски дипломат

пред еден месец | Дебати

​Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервју за „360 Степени“ го коментираше текстот објавен во Њујорк Тајмс во кој се вели дека американското разузнавање пресретнало комуникации на рускиот бизнисмен Иван Савидис кој живее и работи во Грција, од кои станало јасно дека Савидис, инаку близок до Путин, бил вклучен во потплаќање за да се поттикнат протести против процесот за решавање на прашањето за името и против Договорот од Преспа, и во Грција и во Македонија. Текстот сугерира дека американската влада решила тие податоци преку својот амбасадор во Атина, Џефри Пајет, да му ги предаде лично на грчкиот премиер Ципрас, по што тој решава да протера двајца руски дипломати, а на уште двајца да им биде забранет влез во Грција. 

Министерот Димитров потврди дека македонските власти биле во комуникација со грчките власти за овие чекори.

- Првиот заклучок, што нема да биде изненадување, е дека ние и нашата решителност да застанеме на нозе, да влеземе во НАТО, да си ја зацврстиме стабилноста и границите и да инвестираме во европска Македонија, во смисла на тоа како ќе функционира демократијата и правдата дома, не е само наша работа, не е само работа на билатералните односи меѓу Македонија и Грција, туку дека ние сме станале на некој начин, еден полигон на различни интереси. Тоа е очигледно и не е тајна, и за тоа треба отворено да се разговара - рече Димитров.

Тема во интервјуто беше и протерувањето на рускиот дипломат од Македонија на крајот на март оваа година во знак на солидарност со Велика Британија и тогашната изјава на министерот Димитров во која кажа дека за тоа има и домашна причина, односно дека тој ги прекршил дипломатските правила на однесување и бил фатен во обид да добие доверливи информации за безбедноста на Македонија.

Запрашан за тоа дали ова го сработиле нашите служби, или слично како во грчкиот случај биле споделени информации од западните служби тој го кажа следното:

- Па, не знам колку е мудро да давам информации јавно за вака деликатни прашања, по коишто разни служби или различни држави, различни интереси, ќе добијат индиции, така што не сум сигурен колку е мудро тука баш директно да одговорам - рече Димитров.