Фрај: Ако ова не успее, тогаш нема да постои евроатлантската перспектива во следните 10/20 години

Автор: Владимир Мирчески | пред 2 месеци | In depth

Германската коалиција ЦДУ-ЦСУ, сестринска десничарска групација на ВМРО-ДПМНЕ излезе со повик до македонската опозициска партија да ги поддржи уставните промени во парламентот зашто во спротивно ќе биде одговорна за туркање на државата кон долготрајна изолација. Торстен Фрај, пратеник во германскиот Бундестаг, е последен во низата претставници на ЦДУ на Ангела Меркел што ја посетија државава последниов период. Со Фрај, кој важи за исклучително близок до ВМРО-ДПМНЕ, разговараше Владимир Мирчески.

Г-дине Фрај, дали ја споделувате позицијата на парламентарната група на ЦДУ-ЦСУ која, преку писмена изјава, на јавноста и ја обелодени вашиот колега Вадепул велејќи дека опозицијата не смее да ги блокира ЕУ и НАТО-перспективите на Македонија, зашто несупехот во имплементирањето на договорот за името со Грција ќе и донесе изолација на земјата?   

Да, се согласувам. Земјата навистина се наоѓа во еден многу тежок момент. Разбирам дека решавањето на спорот со името со Грција во одредена мера го засега и националниот идентитет на Македонија, но сепак е сосема јасно дека изнаоѓањето на решение со Грција претставува основен предуслов за продолжување на патот кон евроатлантска интеграција. Едното навистина е во непосредна врска со другото.

Во вашиот јавен настап овде во Скопје рековте дека за доброто на државата има потреба од заедничка соработка меѓу владата и опозицијата. Но, ВМРО-ДПМНЕ порача дека за неа, како најголема опозициска партија, Договорот од Преспа е мртов. 

Јас сепак сметам дека во следните денови треба да се искористат сите шанси и да се види во која мера постојат можности за владата и опозицијата да се усогласат по ова прашање. Од моја гледна точка, ова е одлучувачко за иднината на Македонија, и затоа пред да се размислува за сите други излези, потребно е да се вложи сиот напор за да се провери дали постојат можности власта и опозицијата во форма на широка коалиција да се приближат една кон друга за да најдат заедничко решение за иднината на земјата. Да, секако некој може да каже дека тоа ќе беше можно и многу порано преку вклучување на опозицијата во преговорите, но сега нема потреба да се зборува за тоа, сега се работи за тоа оваа спогодба ште со сигурност е најдобрата што можеше и може да се постигне за Македонија, и навистина да стане ефективна, и со тоа да се обезбеди местото на Македонија во Европа.     

Што ако ВМРО-ДПМНЕ опстои на позициите да не гласа за клучните уставни измени во парламентот?  

Мислам дека во една ваква ситуација не е доволно да се каже „ние нема да земеме учество во гласањето“. Во ваква ситуација потребно е јасно признавање. Сосема ми е јасно дека ова не е идеален пат ниту за ВМРО, ниту за голем дел од македонските граѓани, но сметам дека треба да се постигне најдоброто што е можно за државата, а тоа е и предуслов за тоа пред се младите Македонци да ја гледаат нивната иднина во земјата, а не во голем број да ја напуштаат земјата како што тоа го доживеавме во изминативе месеци. Затоа, сметам дека вреди сиот труд за да се направат обиди за усогласување за оваа тема. 

Имавте можност да разговаравте со раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Што му порачавте и што вам ви кажа врвот на најголемата опозицика партија во Македонија? 

Јасно истакнав дека постои јасен редослед на приоритети. Прво, се работи за државата, потоа за партијата, а потоа за личноста. Во ваква ситуација од решавачка важност е сега да се појасни дека местото на Македонија е во Европа, а за тоа главниот предулсов е согласување со спогодбата. Ако во тоа не се успее, тогаш ова не значи ништо друго освен дека во идните 10 или 20 години за Македонија веќе нема да постои евроатлантската перспектива. Се трудам оваа јасна порака да ја пренесам кај сите мои партнери со кои разговарам овде во Македонија. Сметам дека навистина се работи за многу и затоа мора да се движи опозицијата, но од моја гледна точка одговорност и на власта е да се движи кон опозицијата и да се види каде ќе се најдат заеднички можности за решавање, и дали ќе биде успешно да се сплете еден поголем политички пакет во кој никој нема да го изгуби лицето, туку сите големи партии во Македонија ќе можат да донесат заедничка одлука за иднината на државата.

Сведочевме на досега невидено германско присуство во Македонија во последните месеци – канцеларката Меркел, неколку сојузни министри, вие и ваши колеги – членови на Бундестагот. Споменавте дека наредните денови се решавачки за развојот на политичката ситуација во Македонија. Вашата партија доаѓа од истиот политички спектар како и ВМРО-ДПМНЕ. Гледате ли простор за маневрирање за вашата партија да изврши влијание, не велам притисок, врз ВМРО-ДПМНЕ да се согласи да гласа за уставните измени во парламентот?

Се надевам дека има ваков простор за игра. Како што и Вие точно велите, може да се работи само за советување, само за појаснување на нашата позиција и исто така посочување на опциите кои стојат на располагање, но во никој случај вршење на каков било притисок. Се работи за Македонија, а за иднината на Македонија може да решаваат само Македонците. Тоа е одговорност на овдешната власт и опозиција. Мислам дека би било сосема погрешно ако некој германски или некој друг странски политичар би се обидел да врши каков било притисок. Тоа сметам дека навистина би претставувало погрешен пристап.