Каков би бил распоредот на силите во Собранието при заеднички настап на СДСМ и ДУИ на избори

Автор: Александар Димитриевски | пред еден месец | In depth

На колку пратеници може да се надеваат политичките сили „За“ договорот со Грција ако настапат во широка коалиција на евентуални предвремени избори? Дали може да стигнат до посакуваните две третини од столчињата во парламентот? Ова се прашањата на кои 360 Степени побара анализа и одговор од Агенцијата „Рејтинг“.

„Што имавме сега со референдумот, што покажа. Покажа дека ние ја измеривме условно тежината, донекаде ... на СДСМ и на албанските партии и на коалицијата, меѓутоа не измеривме колку тежи ВМРО-ДПМНЕ во овој момент“, вели Никола Спасов од „Рејтинг“.

Најсвежото изјаснување кое ВМРО-ДПМНЕ не го бојкотираше се локалните избори во 2017 та година.

Ако гласовите за советничките листи на тие избори се обработат според донтовиот модел и се претворат во пратенички мандати, партиите кои се „За“ договорот би имале вкупно 78 пратеници во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ би имале 41 пратеник а 1 би бил независен. 

Коалиција „Заедно за европска Македонија“ – 78 пратеници

ВМРО-ДПМНЕ -  41

Независни - 1   

Но, ако резултатите од тие локални избори се обработат со донтов модел, под претпоставена широка предизборна коалиција на сите партии кои се „За“ договорот, се минува прагот од двотретинско мнозинство во парламентот.  

„Во таков случај, она што го добиваме е дека со тој глас тогаш, со околу 415 гласа на СДСМ и останатите албански гласови кои се некаде 220 илјади, нешто слично колку што сега излегоа на гласање, би се имало двотретинско мнозинство од некаде 82 пратеника наспроти останатиот би биле на ВМРО-ДПМНЕ, помалите партии не би земале во тој случај мандат, според тие гласови тогаш“, вели Спасов.

Во следното сценарио, агенцијата „Рејтинг“ ги вкрсти резултатите од референдумот со резултатите од локалните избори. Гласовите „За“ на референдумот се избројани како гласови за претпоставена заедничка листа на СДСМ со партиите на Албанците. Резултатот за ВМРО -ДПМНЕ повторно е според локалните избори. 

Оваа симулација покажа дека силите про-договорот би добиле 80 пратеници наспроти 40 кои би ги добила актуелната опозиција. 

„Е сега, важно е да се каже дека ова се претпоставки бидејќи ние не знаеме како и повторно ќе се распределат коалициите, доколку имаме предвремени избори. Се најавува дека дел од партиите од албанскиот блок, можеби ќе одат самостојно. Не се знае, дали една, две дали можеби повторно на сите крај ќе одлучат да одат заедно“, вели Спасов. 

Што во сценарио, ако од широката коалиција „За“ договорот се издвои еден од значајните политички актери?

За симулацијата се употребени резултатите од локалните избори при што во претпоставената ситуација, Алијансата за Албанците би настапила сама.

Во таков случај, донтовиот модел и дава 75 пратеници на коалицијата „Заедно за европска Македонија“, 39 на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а 6 мандати би добила партијата на Зијадин Села. Дури и во вакво сценарио постизборно се стигнува до две-третини.

Додека симулациите се добар показател за политичките калкулации, Спасов додава дека во нив не можат да се пресметаат и сите фактори кои можат значително да влијаат на реалниот резултат. Освен потенцијалните комбинации во широката коалиција „Заедно за европска Македонија“ не е познато и кој се потенцијално ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ но и дали опозициската партија ќе остане компактна по низата исклучувања од партијата.