Како е да се биде 14-годишен триатлонец од Радовиш?

Автор: Никола Здравковиќ | пред 10 месеци | In depth

Ново утро се буди над Радовиш. За мештаните на ова мирно гратче, само уште еден ден кој како што велат, ќе го прекратат со кафе муабет.

Но некаде во пукнатините на здодевното радовишко секојдневие, се раѓа еден сон.

Да се биде тријатлонец не е лесно, а да се биде 14 годишен тријатлонец од Радовиш е вистински предизвик. Но сонот на Давид Мијалов, ги надминува 60-те квадрати, беспарицата и македонските граници. Неговото остварување започнува секое утро во 5 и 30.

Будното око на таткото Милче го следи секој чекор.

„ Дојде до одреден момент јас повеќе да немам контрола над него во однос на секундант, тренинзите стигнуваа секојдневно а јас со своите работни обврски во Армијата немав повеќе време да му ги дадам. Едноставно, дома решивме дека е потребно некој да биде жртва. За жал или среќа, не знам, ќе покаже времето, дома одлучивме мојот работен однос самоиницијативно да го прекинам со образложение кон самите како семејство, дека е крајно време да се посветиме онаму каде што ни е местото – семејството и успесите на Давид. “, ја започнува приказната Милче.

375 метри пливање, 10 километри велосипед, 2 ипол километри трчање.Во земја каде децата сонуваат да станат фудбалери и кошаркари, како ли се раѓа љубов кон тријатлонот?

„ На почетокот на 2012 година, на базенот во Радовиш имаше деца кои пливаа. Потоа одеа да возат велосипед или трчаат. Јас како љубопитно дете сакав да пробам, ги прашам дома моите родители кои ми одобрија, и почнав да тренирам. Првата трка ми беше во Маврово на триатлон првенство, каде што успешно ја завршив трката и оттаму почна се’. “ , открива Давид.

„ Наутро во шест часот одам на трчање, потоа одам на училиште, после училиште одам на возење велосипед, а во приквечерните часови или одам на пливање или трчам повторно. “

„ Интелектот постои, значи интелигенцијата кај Давид е тука – може да се носи со предизвиците, но тука се и наставниците кои се во соработка со него, а исто така и родителите кои повеќе се залагааат. Се одржуваат дополнителни часови кога има потреба од тоа, а тука исто така и другарите му помагаат. Доста сме коректни, бидејќи сметаме дека тој ќе биде гордост на нашиот град, на нашето училиште, ќе не’ претставува и нас како добри наставници, и тој триаголник на соработка помеѓу родител – насатавници – ученик секако дека постои за да има успех како што има. “ , вели Соња Митева, класната на Давид.

Со неа согласна и директорката Силвана Андонова.

„ Секогаш му стоиме на располагање, колку е во наша моќ да му помогнеме. Она што е испуштено се трудиме да се надокнади, се’ во интерес на Давид и се’ во интерес на спортот и резултатите кои тој ги постигнува. “ , вели таа.

Време за одмор многу нема. Патот до базенот, не е баш вообичаен...

„ Во Радовиш нема доволно услови, па одам на пливање на базенот “Сириус“ во Струмица, а возење велосипед правам на регионалниот пат Радовиш – Струмица или Радовиш – Штип.  Доаѓам со велосипед, возам некаде околу 40-50 километри, а пливањето ми е некаде околу 3-4 километри. Морам да ги правам тренинзите по пливање, бидејќи тие се најважни во овој спорт. “, го опишува Давид малото патешествие до базенот.

Во Македонија, Давид е неприкосновен, а добро го знаат веќе и низ Европа.

Но каква е жртвата за да се стигне до еден пиедестал?

„ Ви требаат 360 дена режимска исхрана. Ви требаат околу 280 дена тренинг во трите спорта. Ви требаат план и календар за патување. Ви требаат пари за опрема која е многу скаапа. Ако знаеме дека сервис на еден велосипед годишно чини околу 2 илјади евра, вкупната бројка на годишно ниво со сервис и се останато, допира до еден милион денари. Мора самите да бидете жртва. Што ми вреди автомобилот, ако тој не може да отиде на трка а зтренирал три месеци за таа трка? И која е вредноста на автомобилот пред куќа? Која е? За мене е небитна. Во моментов опстануваме на начин како што имаме, момент за да му помогнеме... сме земале кредити, автомобилот, не знам, можеби утре ќе треба нешто друго да направиме... но се надевам на свеста и општествената одговорност кај одредени државни и приватни институции и кој се’ не, дека ќе најдат сила и доблест не само за Давид бидејќи како него има уште многу, и дека ќе почне да расте свеста и да се инвестира во истиве. “, вели таткото.

Општината помага со околу 2 илјади евра, што одвај го покрива одржувањето на велосипедот. Неофицијално дознавме дека општината за спорт издвојува 12 милиони денари годишно. Се обидовме околу бројките и распределбата да ги прашаме надлежните, но наидовме на затворени врати и телефони. Сепак, постојат радовишани кои Давид го гледаат како многу повеќе од радовишки тријатлонец...

„ Ние се определивме и скоро секојмесечно во границите на нашите можности го спонзорираме Давид во очекување дека тој тоа ќе го оправда – досега го оправдува, и дека од нашите простори ќе излезе еден врвен спортист со кого ќе се гордее и градот, а и ние “Бучим“ како комбинат.“, вели заменик директорот на рудникот “Бучим“, Николајчо Николов.

Далеку од фото-објективите и од интересите на надлежните, под падините на Плачковица се раѓа еден олимписки сон. Несомнено е дека доколку Давид успее да го досонува овој сон, сите ќе сакаат да бидат дел од него. Но вистинското прашање е – додека овој сон сега се раѓа, кој е оној кој ќе има навистина доблест да му помогне македоснкото сонце навистина да ги огрее петте олимписки кругови.

Денот полека завршува...

Кога говориме за некои долгорочни планови, кои се дострелите кои сонуваш да ги оствариш со тријатлонот? - го прашуваме Давид.

Одговара без размислување : 2024 година да отидам на Олимпијада, и да бидам меѓу првите три места на Европско или Светско првенство...