Каква е постапката за промена на Уставот - во идеални услови би завршила кон средината на јануари

Автор: Зоран Јованоски | пред 2 месеци | In depth

Постапката за измена на Уставот поминува низ три фази. 

Во првата етапа Собранието, со двотретинско мнозинство, носи одлука за пристапување кон измена на Уставот. Втората е фаза на утврдување на нацрт-амандманите и за тоа е доволно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61 глас. Третата финална фаза е усвојување на амандманите и за тоа повторно е неопходно двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа.

Според Деловникот, првата фаза, која Владата ја иницираше денеска, може да трае максимум 20 работни дена – најмногу десет дена може да се дебатира во Комисијата за уставни прашања и, исто така, максимум десет дена на пленарна седница на парламентот. Но, со оглед на тоа што Деловникот предвидува дека секој пратеник и во рамките на Комисијата и на пленарната седница може да зборува повеќепати, но не вкупно повеќе од 20 минути, со едноставна математичка операција се стигнува до заклучок дека оваа прва фаза не мора да трае 20 дена туку може да заврши, теоретски, дури и за само 4 до 5 дена.

Ако Собранието на пленарна седница со најмалку 80 гласа донесе одлука за пристапување кон измена на Уставот, се преминува кон втората фаза – подготовка и утврдување на нацрт-амандманите. Деловничките рокови нормираат дека од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Во оваа фаза, претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но повторно – бидејќи секој пратеник може да зборува вкупно не повеќе од 20 минути, и оваа фаза може теоретски да заврши побрзо од максимално дозволените рокови.

Откако парламентот со најмалку 61 глас ќе ги утврди нацрт-амандманите, тие одат на јавна дискусија, што е меѓуфаза пред третата завршна етапа од постапката за измена на Уставот. По јавната дискусија, чие времетраење го утврдува Собранието при усвојување на нацрт-амандманите, Владата ќе треба да ги изготви предлог-амандманите. И повторно, од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Деловникот предвидува точни рокови за претрес во законодавно-правната и комисијата за уставни прашања, како и на пленарната седница. Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со најмалку 80 гласа, а за амандманот на преамбулата освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.

Ако постапката се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на трите фази ќе требаат најмалку три и пол месеци, што значи дека во идеални услови, уставните измени би биле усвоени кон средината на јануари.